Македонска заедница во Канада
Хуманитарен банкет за Дончо Јанчески
01.04.2024
Во организација на македонските православни цркви од Канада: „Света Недела” од Ејџекс, „Свети Илија” од Мисисага, „Свети Климент Охридски” од Торонто и „Свети Димитрија Солунски” од Маркам, се одржа хуманитарен банкет за помош на младиот Охриѓанец Дончо Јанчески, кој за време на неговиот престој во Канада се соочи со тешки здравствени проблеми.
Неговата здравствена состојба доведе до големи медицински и болнички трошоци кои тој лично, неговото семејство и роднините самостојно не можеа да ги покријат.
Токму затоа, на иницијатива на претседателот на црквата “Свети Илија” од Мисисага, Васко Недановски, а со заедничка поддршка на останатите црковни управи, се одржа хуманитарниот банкет што значи надеж и чекор кон целосно оздравување на Дончо Јанчески.
По двете успешни операции во Торонто, Дончо Јанчески сега се наоѓа во костозглобната болница во Охрид, но се уште се бори за своето здравје.
Домаќин на овој настан беше Црквата “Света Недела” од Ејџекс, раководена од претседателот Славе Бунтески. Тој во својот поздравен говор се заблагодари за сплотеноста и заедничката акција на сите претседатели од македонските цркви кои, исто така, со поздравни и топли зборови се обратија до Дончо Јанчески, посакувајќи му повторно да ја посети Канада, но со добро здравје и за убави поводи.
Од говорницата се обратија Васко Недановски претседател од црквата “Свети Илија”, Борис Стоикос од црквата “Свети Климент Охридски” од Торонто и Диме Малаковски од црквата “Свети Димитрија Солунски” од Маркам.
Кон благословот се придружија свештеникот од црквата “Света Недела” од Ејџекс, Александар Зашов, како и поранешниот свештеник во истата, Благе Димитриевски.
Од името на семејството на Дончо Јанчески се обрати неговата тетка Жанета Донеска, која низ солзи ја искажа големата благодарност и неизмерна почит кон Македонците во Канада за здружената мисија.
На хуманитарниот банкет беа собрани над 12.000 канадски долари. Целокупните трошоци за истиот ги покрија црквите организатори, особено “Света Недела” од Ејџекс, која посветено работеше за беспрекорна организација на хуманитарниот банкет.
Во музичкиот дел настапија познатите уметници Христо Георгиев Ице и Васко Петровски.