Skip to content

Македонска заедница во Хрватска

Рацинов ден за 85-годишнината од печатењето на „Бели Мугри“

Рацинов ден за 85-годишнината од печатењето на „Бели Мугри“

25.11.2024

По повод 85-годишнината од објавувањето на стихозбирката “Бели мугри“ на Кочо Рацин, отпечатена во далечната 1939 година во тогашната печатница “Шпулер“ во Самобор, денес во Самобор се одржа Рациновиот Ден. Рациновите “Бели Мугри“ претставуваат пресврт во македонската литература, а Коста Солев Апостолов (Кочо Рацин) влезе во историјата со своите дваесет песни како основоположник на современата македонска поезија.
Во знак на благодарност за ова, на спомен бистата на големиот македонски поет, до Самоборскиот музеј, како организатори се собраа неговите сонародници од Заедницата на Македонците во Хрватска и Македонското културно друштво “Охридски бисер“ од Загреб, како и нивните гости. Меѓу нив беа македонскиот амбасадор во Хрватска Миљаим Фетаи, претставникот на претседателот на хрватскиот Сабор, хрватскиот пратеник во Европскиот парламент Давор Иво Штиер, претседателот на градскиот совет на Самобор Миран Шоиќ, началничката за општествени активности на градот Самобор Зринка Бреглец, делегации од збратимените општини на Самобор – Велес од Македонија и Градот Загреб и други учесници на овој собир.
На споменикот беа положени венци и цвеќе и запалени свеќи, а потоа во салата на Здружението на самоборски пензионери продолжи културно-уметничката програма за Денот на Рацин. Присутните ги поздравија веќе споменатите гости и домаќините на оваа културна манифестација.
Професорите Игор Деспот, Горан Коров и Ивана Брезовец, која е и програмски менаџер, зборуваа за животот и делото на Коча Рацин. Рецитал со поезијата на Кочо Рацин изведоа ученички кои посетуваат македонски јазик по модел Ц во Хрватска.
На крајот на Денот на Рацин во Самобор беа доделени награди од 57-та Детски Рацинови средби во Велес со настап на пеачката група “Моми бисерни“ предводена од Сафедин Алимоски.
error: Content is protected !!