Препорака од Совет на Европа
Подигање на свеста за Македонски јазик во Србија
14.06.2023
Во последниот извештај на Советот на Европа се наведува дека македонскиот јазик во Србија се изучува како изборен предмет „Македонски јазик со елементи на национална култура“ во основното образование и тоа два часа неделно. Но, македонскиот јазик го нема во предучилишното или во средното образование.
Според извештајот на Советот на Европа, македонскиот јазик може да се изучува на универзитетите во Белград и во Ниш. И со годинешниот мониторинг Комитетот на експерти не добил од Србија доволно прецизни информации за тоа како властите го унапредуваат подигањето на свеста за македонскиот јазик во образованието и во медиумите, исто како и претходните циклуси.
Во однос на употребата на македонскиот јазик во Србија, се наведува дека и јавната и неколку локални телевизии и радио станици емитуваат програми на македонски јазик. Освен тоа, со поддршка од властите, македонското малцинство организира серија културни активности на македонски јазик, како што се на пример Денови на македонската кулутра и Денови на македонската креативност во Србија. Годинава во Србија со државни средстава биле поддржани и неколку преводи на литературни дела на македонски јазик.
Препораките што ги дава Советот на Европа се во насока на заштита и унапредување на употребата на македонскиот јазик во Србија и се преорачува итно да се размисли за примена на образовен модел кој обезбедува познавање на македонскиот јазик, во соработка со оние кои го говорат.
Останатите препораки се за вклучување содржини за македонскиот јазик и култура во наставните програми, обуката на наставниците и едукативните материјали во редовното образование и за поттикнување на медиумите да ја подигнат свеста за тоа при известувањето и обуката на новинарите. Се препорачува и поттикнување на воведувањето на македонскиот јазик во локалната официјална употреба во централна Србија за да се олесни примената на Повелбата.
Комитетот на експерти препорачува да се обезбедат услови што ќе им овозможат на лицата кои не го зборуваат македонскиот јазик, вклучително и возрасните, да го научат, како и да се промовираат прекугранични размени, во областите опфатени со Повелбата, за доброто на македонскиот јазик.