Сојуз на здруженијата на Македонците и децата бегалци од егејскиот дел на Македонија-Македон
Одбележување на 75 години од егзодусот на Македонците од егејскиот дел на Македонија
03.07.2023
Здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија и Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН во саботата ја одбележаа 75 годишнината од егзодусот на Македонците од Егејскиот дел на Македонија за време на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година.
Одбележувањето беше во рамките на Шестата светска средба на децата бегалци и насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија која се одржува преку целата 2023 година на сите настани што ги организираат сите здруженија на Македонците од Егејскиот дел на Македонија.
После интонирањето на македонската национална химна “Денес над Македонија“, присутните со едноминутно молчење им оддадоа почит на жртвите од Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година и на сите убиени и упокоени насилно прогонети Македонци од Егејскиот дел на Македонија.
Присутните ги поздрави претседателот на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, Александар Јаневски, кој рече: “Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, ги продолжуваме традициите за помен и спомен за децата бегалци, да посведочиме за една од најголемите трагедии на Македонскиот народ – геноцидот и прогонството на Македонците од Егејскиот дел на Македонија за време на таканаречената Граѓанска војна во Хеленската Република од 1946 до 1949 година. Годинава одбележуваме 75 година од егзодусот на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија, во рамките на Шестата светска средба на децата бегалци – насилно прогонети од Егејскиот дел на Македонија. Годинава одбележуваме 75 години од геноцидот врз Македонскиот народ во Егејскиот дел на Македонија кој трае до денес. Годинава одбележуваме 74 години од крајот на Граѓанската војна во Грција, во која Македонците заедно со грчките партизани, како и многупати порано, ја ослободија Елада од наци-фашизмот и повторно се вградија во темелите на нејзината државност! Поради тоа и ним правата и слободите како еднакви со еднаквите и рамноправни со рамноправните. Нашето чествување е сведоштво за најцрната страница во историјата на Македонскиот народ од Втората Светска Војна, во која жртви, за жал, беа децата. Многу од нив убиени, по пат починати, околу 30.000 низ целиот свет распрснати, во Источна Европа, Канада, Америка и Австралија. Се молиме за душите на загинатите и упокоените, за здравје на преживеаните и живите кои поминаа низ таа голгота. Не смееме да ги заборавиме таканаречените детски домови – педополиси на грчката кралица Фредерики, германската принцеза, во кои, по Граѓанската војна, насила биле пренесени околу 18.000 деца, да не бидат наводно ‘заразени’ од македонштината и комунистичката идеологија. Ги превоспитуваа и продаваа. Не смееме да го заборавиме и напалм бомбардирањето на Грамос и Вичо, за време на Граѓанската војна во Грција помеѓу Владината армија и ДАГ. Во текот на 1949 година, последната година од војната, САД ја зголемија својата воена помош на грчката влада со воведување на ново оружје за крај на војната: Напалм бомбите! Првиот напад со напалм бомби во Грција се случи на Грамос. Во август 1949 година беше спроведен планот ‘Факел’, а со окупацијата на Каменич на 30 август 1949 година, заврши Граѓанската војна во Грција. Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, Споменикот на децата бегалци, како сведоштво на дел од македонската голгота, откриен е на 30 јуни 1988 во чест на Првата Светска средба на децата бегалци одржана од 30 јуни до 4 јули 1988 година во Скопје. Втората Светска средба на децата бегалци е одржана од 15 до 19 јули 1998 година во Скопје, Третата Светска Средба на децата бегалци е одржана од 15 до 20 јули 2003 година во Солун, Костур, Воден, Лерин и С’ботско, Четвртата Светска средба на децата бегалци е одржана од 18 до 21 јули 2008 година во Скопје и Петтата светска средба на децата бегалци е одржана на 30 јуни и 1 јули 2018 година во Скопје. За многаја лета чествувањето и поменот и споменот на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија! Никогаш северна, само Македонија! Амин!“
Цвеќе пред Споменикот на децата бегалци, насилно прогонети од Егејскиот дел на Македонија положија делегации на: Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, ВМРО-Демократска партија за македонско национално единство, Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ, Светскиот Македонски Конгрес, Матицата на иселениците од Македонија, Македонското здружение Кочо Рацин од Белград, ОМО ИЛИНДЕН од Пиринскиот дел на Македонија, Македонската партија од Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција, ЛЕВИЦА, Здружението на граѓани “Граѓанска иницијатива за здраво достоинствено и возвишено живеење ПРЕРОДБА“, Здружението на Македонците по потекло од Егејскиот дел на Македонија “Мирка Гинова“ од Штип, Здружението за заштита на човековите права на прогонетите од Егејскиот дел на Македонија “Ѕвезда“ од Велес, Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин во Македонија – Скопје, Форумот за човекови права на Македонците од Егејскиот дел на Македонија од Скопје, Македонското Патриотско Здружение В’мбел Егеј, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија “Свети Герман“ од Скопје и Роднокрајното здружение “Загоричани“ од Скопје, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија од Битола, Здружението на прогонети Македонци и нивните потомци “Незаборав“ од Кочани, Здружението на Македонците по потекло од Егејскиот дел на Македонија од Тетово, Здружението на прогонети Македонци ЕГЕЈ од Штип, Здружението на протераните Македонци од Егејскиот дел на Македонија од Прилеп и Здружението за одржлив развој на регионот Мариово од Прилеп, Прилепското здружение на Македонците од Егејскиот дел на Македонија и нивните потомци од Прилеп, Здружението “Мичурин“ од Скопје, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија “Чеган“ од Скопје, Андромахи Марковска и други.
Во продолжение, настапија Културно-уметничкото друштво “Гоце Делчев“ од Битола и Културно-уметничкото друштво “Новаци“ од Новаци со песни и ора од Егејскиот дел на Македонија.