Македонска заедница во Канада
Мултикултурен пикник за 40 години МФА „Илинден“ од Мисисага
13.06.2023
Македонскиот фолклорен ансамбл „Илинден“ од Мисисага, Канада со мултикултурен пикник ќе ја прослави 40-годишнина од своето постоење. Пикникот насловен „Паркот се врати!“ ќе се одржи на 25 јуни (11 до 19 часот), во паркот на црквата „Св. Илија“ во Мисисага. На програмата ќе има жива музика, фолклорни перформанси, караоке и детски забавни игри.
Македонскиот фолклорен ансамбл „Илинден“ е основан во 1983 година како дел од Македонската православна црква „Свети Илија“ од Мисисага, Онтарио. Формирана од група ентузијасти и волонтери, со идеја за зачувување на македонското наследство преку музика и танц.
Со текот на годините, групата стана место каде децата и младите ги учат традиционалните македонски ора, место каде се склопуваат пријателства кои траат цел живот. Групата ги има претставено своите танци на бројни настани и независни концерти низ Северна Америка.
Денес Ансамблот има две групи поделени по возраст со над 50 членови. На репертоарот се ора од сите географски делови на Македонија.