Центарот за глобални промени, научноистражувачка единица на Филозофскиот факултет и Матицата на иселеници од Македонија, како помагач, организираат меѓународна конференција под наслов „Кооперативен мултиполарен систем: во потрага по нов светски поредок“. Во фокусот на конференцијата е итната потреба да се разговара за драматичните промени на глобалниот систем, за растечкиот број глобални безбедносни закани, но и за можностите за позитивни чекори во насока на подобрување на состојбите во политичката, економската, социјалната, културната и еколошката сфера.
На оваа меѓународна конференциа ќе земат учество водечки експерти и врвни умови од разни делови на светот, како што се: Џефри Сакс (професор на Колумбија универзитетот), Жџанг Веивеи (Фудан универзитетот од Шангај), Ставрос Мавроудеас, (Пантеон Универзитет Атина), Ричард Саква (Универзитетот на Кент), Јан Оберг (Транснационалната фондација за мир од Шведска).
Во останатиот дел од конференцијата, преку тематски панели ќе дебатираат професори и истражувачи од цел свет, заедно со македонската академска елита. Нашата цел е подобрување на меѓусебното разбирање, уривање на наметнатите бариери, отворање канали за комуникација меѓу академските центри и политичките кругови, како и создавање можности за колаборативни истражувачки иницијативи.
Конференцијата ќе се одржи на 3 и 4 октомври годинава.