Јована Јаневска Ристовска македонска писателка во Германија
Го ширам македонскиот збор надвор од границите на Македонија
01.02.2024
Јована Јаневска Ристовска, е Македонка која живее и работи во Вилинген-Швенинген, југозападна Германија. Таа освен што ја работи нејзината животна професија, медицинско лице, воедно и пишува. До сега има издадено две книги, романот „Малата музичка кутија“ (2017) и „Записи“ (2020).
-Втората книга „Записи”, е книга за Македонија, патопис за македонските села, за моето село Матка, како и ораторски говори за ситуацијата во нашата држава, неправдите и борбата. Истата книга почнав да ја преведувам на германски јазик, со цел да ја приближам на читателите тука и да го ширам македонскиот збор надвор од границите на нашата земја, вели Јаневска Ристовска.
Дел од текстовите во „Записи“ веќе учествуваат на литературни конкурси, во областа на Штутгарт и пошироко и е објавена на неколку сајтови.
-Ние, македонските писатели не ги забораваме своите корени и се трудиме да ја шириме македонската литература каде и да се преселиме. Сметам дека младата популација кај нас недоволно ја вреднува македонската литература и е повеќе насочена кон странската литература. Треба да се најде начин да се допре до младите и затоа сум поддржувач на е – библиотеки и електронски изданија на книгите“, вели Јаневска Ристовска.
Книгата „Записи“, во издание на „Македонска реч“, освен што е во продажба низ македонските книжарници може да се чита бесплатно на платформата за е-книги Фондација Македоника, како и на веб сајтот Крајбрежје.мк. Преведените делови можете да ги најдете на веб сајтот Story.one.