Меѓународна соработка
Македонскиот јазик ќе се узучува и во Анкара
10.11.2022
Вчера на престижниот Анкарски универзитет започнаа со работа нова катедра за македонистика и нов лекторат по македонски јазик, информира Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. На Катедрата за македонски јазик на Факултетот за јазици, историја и географија на Анкарскиот универзитет, лекторот Дарко Темелкоски го одржа првиот промотивен час по македонски јазик. Целата организација на настанот беше координирана од раководителката на Катедрата за македонски јазик, проф. д-р Мелахат Парс.
„Неизмерни се радоста и гордоста што и Анкарскиот универзитет постанува македонистички центар. И тоа не само со можност за отворање нов лекторат по македонски јазик, туку и со одделна Катедра за македонски јазик, со која македонистиката, веднаш добива поголема важност, односно статус преку кој дополнително се гарантира нејзиното развивање на анкарскиот Факултетот за јазици, историја и географија. Дури и во период кога во глобални рамки се стравува дека хуманистиката, а во нејзините рамки и филологијата запаѓа во криза заради намалениот интерес за студирање, ни се случува зголемување на интересот за македонистиката на повеќе странски високообразовни институции. Но и воопшто во странските културни средини, дотолку што е јасна потребата од воведување македонистички студии и на универзитети на кои претходно македонистиката не била присутна со одделен дел од студиските програми. Особено онаму каде што веќе и има поголем број заинтересирани за изучување на македонскиот јазик, како што е во конкретниов случај, во Анкара, вели директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
Мојсова-Чепишевска посочува дека лекторатот во Анкара се отвора по речиси 15 години од отворањето на претходно отворениот Лекторат по македонски јазик на Универзитетот во Риека, но дека не се запира тука.
Раководителката на Катедрата за македонски јазик, проф. д-р Мелахат Парс, нагласи дека на Анкарскиот универзитет може да се очекува голем интерес за македонистиката во времето што е пред нас. Таа е уверена дека во соработка со МСМЈЛК при УКИМ ќе се успее Анкарскиот универзитет да стане препознатлив странски македонистички центар од кој ќе произлегуваат кадри што ќе бидат едни од водечките афирматори на македонистиката во светот во времето што е пред нас.
Инаку, со отворањето на оваа катедра македонистиката веќе е присутна на два водечки универзитета во Турција, на Факултетот за литература на Истанбулскиот универзитет, каде македонскиот јазик, литература и култура се изучуваат веќе 36 години.