Skip to content

Македонска заедница во Канада

Канадско македонско историско друштво отвори Youtube канал

Канадско македонско историско друштво отвори Youtube канал

01.03.2023

„Канадско – македонското историско друштво“ отвори свој Youtube канал. На каналот се поставени видео материјали кои претставуваат вистинско национално и историско богатство за општо информирање, како и за идни исторски проучувања на историјата на македонската дијаспора во Канада.

Канадско македонското историско друштво е основано во 1991 година и е дел од иселеничкиот центар Канадско – македонски дом основан во 1969 година во Торонто. Во рамките на неговата работа ова друштво има направено стотина видео интервјуа со Македонци и Македонки од Егејска, Пиринска и Вардарска Македонија каде што нашите сограѓани ги имаат презентирано своите сеќавања за историјата на нивните родители, збиднувањата во нивните села и градови од турско време, преку светските и граѓанските војни, доживувањата од нивното детство, искуствата од патувањата во прекуокеанските земји, доживувањата како новопристигнати емигранти, снаоѓањето во новите држави, започнување свои бизниси, формирањето семејства, организирањето во македонски друштва и организации, активноста на истите, формирањето црковни општини и нивната борба за одбрана и признавање на македонската националност.

„Канадско – македонското историско друштво“ е многу значајна македонска иселеничка  организација која има за цел да ја развива свеста и гордоста меѓу членовите и пошироко во канадското општество со цел тие да дознаат од каде им се корените, какво било нивното минато, сегашност и иднина. Затоа, Друштвото собира и ја регистрира потребната документација и материјали за македонскиот национален идентитет, традициите, културата, религијата, јазикот и други области.

Друштвото е единствена  асоцијација од ваков вид во Канада и пошироко во македонската дијаспора. Тоа игра значајна улога во севкупната научна и културолошка активност на голем број македонски интелектуалции од Канада и има своја библиотека. Тоа работи во состав на Домот за стари лица „Канадско-македонски центар“, познат како „Старски дом“. 

Посебен акцент во работата на Друштвото е ставен на развојот и промовирањето на македонските историски и археолошки истражувања, како и воспоставување и одржување на библиотечен и музејски фонд, кои значат проширување на знаењата на членовите и афирмација на македонската вистина во демократското канадско општество.

Затоа, „Канадско-македонското историско друштво“ е место каде се одржуваат бројни предавања, трибини, промоции и други манифестации во врска со историската вистина за македонскиот народ и Македонија.

error: Content is protected !!