Skip to content

На Бадник во Манастирец

Панихида и нова спомен плоча за погубените поречани

Панихида и нова спомен плоча за погубените поречани

09.01.2023

На Бадник, пред спомен-костурницата во близина на манастирот “Рождество на Пресвета Богородица“ кај село Манастирец, се одржa панихида во чест na 103-те видни поречани, сурово убиени во месноста Дервишка нива кај Барбарас. Овој немил настан се случил на Бадник, на 6 јануари 1916 година, по наредба на бугарскиот потполковник Константин Панов.

Панихидата се одржа по граѓанска иницијатива на група млади Македонци во присуство на голем број поречки родољуби. Настанот, освен верскиот обреден дел, беше збогатен со читање на пригодни говори и поеми.

Овој свечен настан е предвиден да стане традиција и секоја година на симболичен начин да се одбележува, воедно, да влезе во културната мапа на општина Македонски Брод како еден од најзначајните духовни и историски настани во овој дел од Македонија.

Масакрот во Поречието, длабоко врежан во историјата на Македонскиот народ, во историските читанки често може да се сретне и под називот „Бадников масакр“, а поради тоа што се случил на местото викано Дервишка нива се среќава и под називот „Масакрот во Дервишка Нива“.

Спомен-плочата за масакрот во Поречието ја заменува онаа што беше демолирана во 2017 година. Оттогаш, оваа плоча не е возобновена, а сторителите не се пронајдени.

По повлекувањето на Србите, за време на Првата светска војна, Бугарија го окупирала Вардарскиот дел од Македонија во кој почнале да организираат казнена експедиција под водство на потполковникот Констатин Панов. Се воделе таканаречени црни списоци на видни луѓе, сите свештеници, учители, претседатели на општините, началници на комитети, војводи и четници, кои наводно “соработувале со српските окупатори“… Од овој список биле уапсени 205 лица. Едни биле однесени во Околиското началство, други во Прилеп, а половината завршиле заклани на Дервишка Нива.

Во списите на манастирот „Света Богородица“ крај Манастирец, се чува списокот на убиените. Сите жртви се од Поречието, најмногу 22 се од село Здуње, 11 од село Лупиште, 9 од Томино Село, по 8 од село Долни Манастирец и село Зркле. Поречани подоцна им подигнале костурница во близина на манастирот.

Овој грозоморен чин на тогашната бугарска власт во овој регион, освен што имал за цел да го дисциплинира Порече, туку имал и намера духовно и интелектуално да го обезглави Порече, бидејќи најголемиот број на убиени голораки луѓе биле селски учители, свештеници и видни личности од сите поречки села. Телата на убиените (повеќе од 140) биле фрлени во ископ во месноста “Дервишка нива“ а подоцна од роднини пренесени во Костурницата во близина на манастирот “Рождество на Пресвета Богородица“ во село Горни Манастирец. Првичната костурница била изградена од руски монаси кои во дваесеттите години од минатиот век имале свое прибежиште во гореименуваниот манастир, а во 1938 година за време на Кралството Југославија, на постоечкиот стар објект е изградена нова импозантна градба во чест на убиените Поречани.

Овој ѕверски чин се случил само неколку месеци откако во 1915 година во прилепското село Долгаец биле заклани 315 жители, вклучувајќи деца и жени.

Масакрот кај Долгаец е колеж извршен од страна на бугарската војска и арнаутските качаци врз 315 селани од прилепското село Долгаец во 1915 година. И ден денес во трпезаријата на црквата „Свети Илија“ во Долгаец стои документ со имиња на сите селани кои биле заклани од страна на Бугарите и затрупани во јама.

По самиот почеток на Првата светска војна, Бугарија ја окупирала Македонија. Во 1915 година една група од 10-тина вооружени Бугари потпомогнати од тројца Арнаути од соседното село Црнилиште влегле во селото. Селаните не ја знаеле нивната намера и прв истапил селскиот поп. Него веднаш без објаснување го заклале и потоа со невидена бруталност прво ги ограбиле селаните, барајќи им злато, па почнале да ги убиваат и колат сите, не гледајќи дали се жени и деца. Со овој масакр населението било преполовено. Мнозинството од жртвите биле закопани во масовна гробница на местото викано “Брест“ на влезот од селото од левата страна на патот, каде што се наоѓале старите гробишта, сега обраснати со грмушки и висока трева. На местото каде се закопани жртвите бил подигнат споменик од бел мермер со посвета “кога би биле Волци би избегале, кога би биле Турци би се сожалиле, но тоа биле проклетите Бугари”, но по повторното доаѓање на Бугарите во Втората светска војна, споменикот бил срамнет со земја. Во педесеттите години на 20 век, кога Јован Трифоноски го истражувал селото, тогаш сѐ уште постоела крушата на местото каде со денови виселе обесените жени и деца. Денес остатоците од споменикот се чуваат соѕидани во некои селски градби.

error: Content is protected !!