Бродарот Рацин
(Во чест на 114 – годишнината од раѓањето на македонскиот поет, книжевник и социјалистички деец Коста Солев Рацин – Велес 22. 12. 1908 – Лопушник 13. 06. 1943)
Појавата на Рацин во македонската поезија, колку повеќе се истражува, станува на извесен начин се поголема загатка. Веќе со децении се создава еден голем култ кон поетот, низ книги и многубројни прилози за него, до размери на една развиена рацинологија. А енигмата доаѓа оттаму што не е истражено што го предизвикува создавањето на тој култ.
Одговорот на ова прашање ми дојде ненадејно, во една незасегната сфера, гледајќи една слика на модерната уметност. На таа слика, низ препречени, црни блокови, одвај се наѕира некој знак, трепери некоја светлина, нешто како изгревање. Првата помисла што ми се наметна притоа, беше: тоа е Рацин, тоа се „Бели мугри“. Натаму, низ таа игра на мракот и светлоста, по асоцијација, ми се јави идејата дека големината на Рацин е во тоа што тој бил бродар во поезијата, во она значење што го има тој збор во кратовскиот говор: јасновидец, видовник, пророк. Го употребив во насловот на овој есеј тој убав збор, за да ја истакнам видовитоста како превосходно поетско својство на големите поети. Бидејќи тоа суштествено ја менува претставата што ја имаме за Рацин, ќе ги изнесам овде аргументите од неговото дело, низ кои ми се зацврсти сознанието дека тој навистина бил видовит поет.
Првите слики на јасновидец ги среќаваме кај Рацина во неговата песна „Огномет“, напишана на српски јазик, а објавена уште во 1932 година. Српскиот јазик, затоа што на времето не можел литературно да се објави на македонски, не му пречел на Рацина сепак да ја открие во оваа песна својата интуиција, чудесната моќ за гледање во времето, со размери на една европска визија. Уште од почетокот, следејќи го, низ противречности, „Духот на сите нешта“, тој чувствува како злокобно, „Полека… . настапува апокалиптичката ноќ“, што поетски ги навестува и големата криза, и мрачниот период на фашизмот кој го загрозува светот, можеби и војната. Зашто, веднаш потоа, тој ја наѕира и драмата што следи, како потрес на целата планета: „По небото треперат одблесоци на далечни пожари / се тресе грбавата топка/.. и ги цепи мозоците оријашката мисла за Конечната промена / конечниот Расплет / и големото Разрешување“. Дотука, може да се помисли дека Рацин изразува познати револуционерни идеи, свест за „завршување на предисторијата на светот“, верба во Промената што ќе ја донесат пожарите од ерата на револуциите. Меѓутоа, она што е суштествено за нашето разгледување, тоа е сликата што ја надминува шемата на мислата, тоа е поетската визија, јасното гледање на она што доаѓа: „Гори! / Небото гори / Го крварат небото искри на чудесен огномет / на исток пука праскозорие / свети!“. Всушност, таа слика на големата светлина што доаѓа зад мракот, тоа е визионерското откритие на Рацин, што, како непосредно визионерското откритие на Рацин, го изразил и во поентата на својот величествен „Огномет“: „Гледајте! / Во противречности!“ Таа светлина, што ја видел Рацин како патоказ во мракот, таа слика на огнометот, толку честа во борбите и во славјето на победата, говори дека тој меѓу првите, во поезијата, имагинативно ја дочекал и прославил слободата. Тоа видување е она што ја прави антиципативна оваа голема песна, по енергија и громогласност рамна на футуристичките поеми на Мајаковски. Со тоа секако отпаѓа и измислицата за експресионизам кај Рацин, зашто тоа е правец на поетите на ужасот, стравот, очајот, протестот. Рацина од нив го разликува силата на верата во своите визии и тој спаѓа меѓу оние ретки поети и уметници во Европа, кои, по долгиот мрак, виделе светлина, надеж, перспектива.
Ако се има предвид визијата на Рацин од „Огномет“, како откривање на светлината што доаѓа, со неа, во облик на генеза, се осмислува и поезијата на „Бели мугри“. Пред некоја година, беше изнесено едно интересно истражување на боите во Рациновата поезија. Како што се очекуваше, се потврди непосредната импресија дека се доминантни црната и жолтата, моровата или аловата боја. Но тоа, само по себе, иако говори за тонот на емоциите, малку кажува за суштината на „Бели мугри“, ако не се додаде и она што ги озрачува тие бои: светлината што изгрева. Мислам дека таа светлина на мугрите, што се чувствува низ стиховите, тоа е најсугестивната, поетска еманација на збирката „Бели мугри“ (1939). Во таа светлина, веќе може да се рече дека и насловот „Бели мугри“ не е случаен, туку симболичен, израз што го навестува долго очекуваниот ден, што ги озарува ропските души, кога и болката свети. Така гледани, „Бели мугри“ се откриваат како голема визија на историскиот момент, низ која се наѕира крајот на вековната ноќ и блиското изгревање на слободата. Тоа претчувство и го прави Рацина голем поет на времето што доаѓа, визионер, предвесник на слободата што ја изразил низ една сублимна слика во поезијата.
Дека овие изводи произлегуваат од самата суштина на „Бели мугри“, меѓу другото, потврдуваат и некои конкретни стихови, особено од песната „Копачите“, што се чини карактеристична за основната идеја на книгата. Мислам на почетокот на оваа песна, кој, затоа што има симболична вредност, директно ја сугерира и симболиката на „Бели мугри“. Како што е познато, тој импресивен почеток гласи: „Се к’ти ноќта црна / се рути карпа мрак!“. Кога се знае дека овие стихови, како чувство за времето, се објавени во 1939 година, кога над сета Европа се наднесува мракот на настапувачкиот фашизам, излегува дека Рацин, како ретко кој, уште тогаш го видел и крајот на тој мрак. Тоа го потенцира и со симболичната слика, што речиси физички ја гледал: „Над карпа в крв се мие / и темнината пие / силно / светнал / ден!“. Дека овие слики навистина се симболични, а не само поетичен израз на прозаичните мугри на аргатите, се гледаи од она што Рацин експлицитно го кажува во таа песна: „Ќе мине силен ек / Ќе бл’сне сонце златно /. …ќе л’сне живот нов!“. Тука, пак се јавува генетичката врска меѓу „Огномет“ и „Бели мугри“, при што, навестувањето на тој празник, тој „силно / светнал / ден“, се открива како Рацинов Сублински лајтмотив, опсесија, идеал, за кој го дал и својот живот, во 1943 година, навистина во самите бели мугри на слободата.
Може да се рече дека навестувањето на зората е честа симболична слика на слободата што ја изразувале во поезијата и други поети. Но фактот што слични визии во едно време изразувале и Кајух, Горан, Вапцаров, меѓу нив и Рацин, само говори дека движењето кон конечната промена било поопшт процес, што го почувствувале и други поети. А тоа, како претчувство на иднината, само ја потврдува необичната, неиспитана моќ на поетите за антиципација на настаните во поезијата. Во тој контекст, и озареноста на Рацин од визијата на слободата може да се сфати само со она исклучително својство што се подразбира под поимот, поетски сензибилитет.
Како израз на таа Рацинова моќ за предвидување, добиваат нов призвук и неговите често цитирани сти-хови од „Бели мугри“: „Ако куќа не направив / со високи шимшир порти / куќа – цел свет братски ми е / братски срце што отвора“. Всушност, надминувајќи ги граѓанските идеали и житејските резони, тој пак гледал подалеку, во она што ќе се случи во времето. А времето ја открива и подлабоката смисла на неговите поетски метафори: „срце-порта највисока / срце – куќа најширока“. Доволно е само за миг денес да се обзрне околу себе, па да се увериме дека се обистинува она што тој го гледал како „куќа – цел свет“: и кога неговите „Бели мугри“, низ преводи на англиски, француски, грчки или романски веќе одат во ширината на светот; и кога, од сите страни, секоја година, доаѓаат се повеќе луѓе на Рациновите средби, минувајќи низ неговиот дом како низ голем храм на уметноста. Така, станува јасна и ми” слата на Рацин за вредноста на поезијата, како говор на срцето, што ги отвора своите широки размери, за една нерегионална, неограничена, светска комуникација.
Кон овие, донекаде објасниви слики со поетската имагинација, во стиховите на „Бели мугри“ се наоѓа и едно незабележано место, кое говори дека Рацин имал и една ирационална моќ на јасновидец, од родот на оние што се истражуваат како феномени, таинствени појави. Тоа место е поентата на песната „,Татунчо“, која поетот ја завршува со стиховите: „И ако не умрам дома / туку кај што стии пиштат / в борба искри кај што л’штат / блазе речи на душата / има зошто душа да е!“. Како што се знае, Рацин загина и во борба: „искри кај што л’штат“, и во скровитоста на планината Лопушник: „кај што стии пиштат“. Интересно е притоа дека Рацин не зборува за смрт во постела, во логор, од старост, туку точно предвидува и дека ќе има борба, и дека ќе се води во планина, и дека ќе загине во неа. Иако неверојатно, ова совпаѓање говори дека Рацин во еден миг си ја видел сликата на смртта. Тоа чудно претчувствување, пак го поврзува Рацина со големите поети што си ја предвидувале смртта: Петефи („Една мисла ме мори“), Јиржи Волкер („Епитаф“), Горан Ковачиќ („Гроб во планина“), Вапцаров („,Проштално“). Колку и да е мистериозна, оваа појава, позната како поетска дивинација, можеби најмногу говори дека Рацин бил видовит и дека јасновидоста е она што толку фасцинира во неговата поезија.
Дури во оваа точка, по откривање на мотивот на смртта, може да се зборува за дејството на поетот и преку својата смрт, поради која погрешно се означува како „трагично торзо“. Поетот Рацин, и откако си ја видел судбината, сликата на смртта во борбата, свесно ја прифатил таа смрт, како чин на саможртва, во името на визијата на слободата. Можеби од овој голем чин на потврда на поетската реч и со смрт, и започнала легендата за Рацин, што го засилува и продолжува дејството на неговата поезија. И тука, видовитиот Рацин се предвидел во својот поетски аманет: „Блазе речи на душата / има зошто душа да е!“, што не случајно, асоцира и на Његошевото херојско мото: „Блазе на оној кој живее довек / имал и зошто да се роди“, и на Ботевото слободарско гесло: „Тој што ќе падне в бој за слобода / тој не умира“. Тука некаде, од тоа поетско сфаќање на смртта како живот, на животот како слобода, почнал да се гради и култот кон поетот, што ја крева и неговата поезија во митска сфера. И тоа говори дека првин Рацин, со смртта, високо го кренал значењето на поезијата, да се почитува она што го говорат поетите, поради што и се одржуваат толку рецитали и ритуали на обесмртување, на кои се евоцира неговиот поетски дух.
Сега може да се дообјасни и зборот бродар, во неговата поширока смисла, во значење на кормилар, предводник, визионер. Го употребив токму овој збор, зашто со него, метафорично, се опфаќа и високата мисија на Рацин како поет на своето време. Мислам на онаа негова дарба да гледа зад мракот светлина, да биде над текот на настаните, да навестува што носи времето. Тој, токму како поет, бил вистински бродар на македонскиот дух во едно матно време, му ја открил поетската перспектива на слободата на својот народ. А фактот што историјата ја потврди неговата поетска визија, со тоа што Македонија се ослободи во 1944 година, највисоко ја истакнува неговата појава како јасновидец и светлоносец во поезијата.
Душко НАНЕВСКИ
Архив, „Македонија“, Илустрирано списание на Матицата на иселениците од Македеонија, бр. 313, мај 1979