Проф. д-р Катерина Тодороска
Ова е многу убаво, само да е вистинито!
13.12.2022
Имајќи ја предвид желбата за борба со корупцијата на новиот амбасадор на САД во Република Македонија, Н.Е. Анџела Агелер, прочитав бројни обраќања до неа од македонските граѓани, секој од свој агол на гледање.
Јас пак, ете решив да ѝ се обратам за нешто што чинам, во моментов е исто толку важно колку метастазираната корупција. Секако, без никакво очекување дека ќе имаат ефект неколкуте компаративни историски факти. Иако, историјата е учителка на животот.
Неодамна гледав една серија наречена „Како да го смените својот ум“ (How to change your mind) чиј автор е Мајкл Полан (Michael Pollan). Во четвртата емисија од серијата имаше кус историски осврт од „… кога освојувачите дошле во Америка во 1492 година, (од кои-К.Т.) повеќето биле католици“. Поради таквата верска определба, тие не дозволувале Индијанците да практикуваат своја вера туку биле принудувани да ја прифатат туѓата. Во емисијата зборуваат повеќемина домородни Индијанци, при што забележителна беше изјавата дека „… кога колонистите дошле пред 500 години се обиделе да уништат што е можно повеќе од домашната култура, а во колонизацијата кога тие сакале да се ослободат од целото население, покрај масакрирањето на луѓето и убивајќи ги сите, тие сакале да ги одземат и медицинските нешта. И така, многу од традициите требало да бидат покриени и прикриени…“ за да се зачуваат за некои идни генерации.
Слушајќи ги сведоштвата, не можев да не се сетам на 500-годишното владеење на Османската империја со Балканот и масакрите и убиствата кои ги трпеле жителите, уништувањето на нивната вековна култура, само поради тоа што биле христијани.
И така како што Индијанците ги прикривале своите светии, така и Македонците ги прикривале своите за да се зачуваат за некои идни поколенија.
Во историјата на САД, значаен бил „Мировниот договор од 1868 година“, кој бил исклучително штетен за сите индијански племиња. Според сведоштвата: „…Федералната Влада наложи пет и шест годиншни деца да бидат однесени во училиште, некаде во Пенсилванија, Канзас Сити, Флорида. Тие дури не знаеле каде дошле. Ги христијанизирале.
…. Пред навистина да разбереме што се случуваше со нашите животи, бевме одземани од нашите родители и тие почнаа да нè институционализираат. Со тоа јас се соочуваав… имаше многу миење на мозокот.
…. Индијанските деца беа земани од нивните домови, нивната коса беше истрижена. Беа сместени во интернатски училишта, нивниот јазик им беше одземен. Овие деца беа физички, психички и верски злоставувани“.
Секој збор, небаре се однесуваше на децата протерани од Грција, деца кои биле одвојувани од родителите и товарени во возови кои ги носеле далеку од домашните огништа.
Според сведоштвата „…Критичниот ден, селските жени ја забележале непријателската војска уште кога излегувала од Костур. Прва цел им била да се сокријат децата на безбедно место. Жените веќе знаеле дека војската и полицијата катадневно ги шетаат селата за, по наредба на кралицата Фридерика, да најдат дечиња за нејзините небаре хуманитарни логори. Целта била децата да се превоспитаат на Пелопонез и да израснат во, за тоа време, современи јаничари…
… На 25 март 1948 година организирано, под оружена заштита на припадници на Демократската армија на Грција, групи од по 18 и 20 деца на возраст од 2 до 14 години, беа прифатени во Албанија и во Југославија, а потоа во собирни центри во Романија, Унгарија и во Чехословачка. Несомнено, одведувањето на децата имаше хуман карактер, но зад тоа се криеја и други цели“. (https://denesen.mk/svedoshtva-na-decata-begalci-od-grcija-7-nikola-gilevski-kako-trite-meseci-stanaa-pedeset-godini/).
Исто како што децата од Индијанците не се вратиле во родните огништа така и „..Македонците не се вратија во родните места. Во колективната меморија на сите Македонци поразот на Граѓанската војна ќе остане како единствен белег на речиси трајно искоренување.
…. Грчката држава со редица закони и подзаконски акти ги лиши Македонците од грчкото државјанство и им ги конфискува имотитe. Во почетокот на осумдесеттите години го донесе и понижувачкиот закон, според кој во Грција може да се вратат само под услов ако потпишат изјава дека се „Грци по род“, а Комунистичката партија на Грција, која ги повлече во братоубиствената војна и ги одвеа во светот, наместо да застане во нивна одбрана, се откажа од нивното постоење како национално малцинство“. (Од книгата на Петре Наковски „Македонските бегалци во Полска“, издание на Државниот архив на Македонија и Главната дирекција на државните архиви на Полска, Скопје 2008) (https://www.mkd.mk/makedonija/politika/pred-68-godini-pochna-epopejata-na-decata-begalci-od-egejska-makedonija)
Уште една информација искажана од Индијанците, соговорници на авторот, ми го задржа вниманието. Беше речено дека: „Историјата не познава потрагична фигура од американскиот Индијанец. Нему целосно му била одземена неговата слобода и достоинство, бил затворан во резервати. Нему му останало многу малку за утеха само спомени и традицијата на неговите прeдци … Официјалната федерална политика било целосното уништување на индијанската култура“.
И како човек кој чл кој знае за Букурешт 1913 година, кој чул и знае каква голгота преживувал Македонецот распарчен меѓу четири соседни држави, кој чул и знае за братоубиствените за Македонецот, Прва и Втора балканска војна, кој чул и знае дека домародното население било асимилрано и тероризирано за да си ги заборави јазикот и корените, како да не се препознае во судбината на оние на кои им „… останало многу малку за утеха само спомените и традицијата на неговите прeдци …“.
Анализирајќи ја емисијата, можам да пишувам уште многу. Сепак, има и други нешта кои заслужуваат внимание.
На 14 ноември Н.Е., Анџела Агелер, амбасадор на САД во Македонија на својата прва јавна активност по стапувањето на должност од Охрид рече: „Ако некој ми кажеше во 2013 година дека оваа земја ќе го смени своето име за да стане најновата членка на НАТО, јас ќе речев дека тоа не е возможно. Ама го сменивте…“.
(https://www.mkd.mk/makedonija/politika/prvite-poraki-na-ageler-ramo-do-ramo-so-lugjeto-sudski-reformi-borba-protiv). Познавајќи ја биографијата на Н.Е. Агелер не ми е прифатливо дека не знае дека македонскиот народ НЕ го смени името, дека македонскиот народ на референдум не рече ДА за наметнатото име, дека токму нејзината претходничка беше онаа која „лобираше“ да се амнестираат криминалци кои таа ги корумпира со ослободителни понуди само да застанат против својот народ и да гласаат за уценувачка и понижувачка „Конечна спогодба …“ со оние кои со децении ја менуваат светската историја, со оние кои посакаа покрај Грци и Елини, да бидат и Јужни Македонци.
Таа изјава на историчарот му служи како камче за лавина прашања. Од лавината е невозможно да се излезе без да се додаде и изоставувањето на ветувањето дека со промената на името на македонската држава ѝ следува и отворање на патот кон ЕУ. Иронија на животот, би рекле познавачите, а наседнуваат само наивните.
Во првичните обраќања на Н.Е. Анџела Агелер не заборави да потсети и дека „САД во Македонија вложила милиони долари на име на унапредување на демократијата, на правосудството, на човековите права, слободата на медиумите, владеење на правото… и дека сега дојде времето за отчет“.
Почитувана г-ѓо Агелер, јас припаѓам на генерација која растеше во една држава каде отчет се бараше веднаш после очекуваните резултати од вложените пари. А некој да вложи „милиони долари“ и со децении да гледа „со очи широко затворени“, некако е нелогично освен ако оние употребливите се веќе употребени и ќе треба да ги вратат украдените „милиони долари на име на унапредување на демократијата, на правосудството, на човековите права, слободата на медиумите, владеење на правото“.
На 8 ноември 2022 година, при предавањето на акредитивите на Пендаровски, меѓу другото Н.Е. Агелер изјави: „..Иднината е навистина светла, и покрај тоа што земјата се соочува со стари и со нови предизвици…. денес сум овде да ветам дека нема сами да се соочите со тие предизвици. Соединетите Американски Држави, Амбасадата на САД и јас ќе сториме сè што е во наша моќ да им помогнеме на луѓето во Северна Македонија да успеат да ги прифатат и да ги надминат сите тие предизвици. Ви го давам мојот личен завет дека ќе стоиме рамо до рамо со луѓето на оваа земја, така како што земјата ги остварува своите цели за мир, просперитет, безбедност и независност за сите свои граѓани“.
Во претходно спомнатата лавината, од овој дел на изјавата на Н.Е. ќе го додадеме делот дека „ Соединетите Американски Држави, Амбасадата на САД и јас ќе сториме сè што е во наша моќ да им помогнеме на луѓето во Северна Македонија да успеат да ги прифатат и да ги надминат сите тие предизвици“. Сакајќи да верувам во добрата намера да нѝ се помогне да успееме да ги ПРИФАТИМЕ и да ги НАДМИНЕМЕ СИТЕ тие ПРЕДИЗВИЦИ, досегашното искуство говори дека за сѐ што нѝ било „помогнато да прифатиме и надминеме“ резултирало со наша катастрофална загуба. Од реченото, повторно се насетува катастрофа за македонскиот народ и држава. Се насетува дека откако нѐ прекрстија за „љубов на јужните“, сега треба да нѐ обезличат „за љубов“ на источните. А добивката повторно би одела кај „лобистите“, кај нас наречени „корупционери“.
Претседателот на САД Бајден смета дека „на бробата против корупцијата ѝ требаат шампиони“, бидејќи корупцијата според него е „рак во телото на општествата“. Поради тоа, набргу по преземањето на функцијата, претседателот Бајден издал директива за борбата против корупцијата како основен национален безбедносен интерес и демократска одговорност.
Во истата насока беше и најавата на Н.Е. Агелер за средување на криминалците во Македонија, кои со децении се заштитени во корупката на корупцијата.
Сите оние кои, дниве, штедро пишуваа и ракоплескаа на одлучноста за започнување на борбата со корупцијата во Македонија, најавена од Н.Е. Агелер чинам заборавија дека нам корупцијата нѝ е историско наследство од „пусто турско“. Тогаш народот бил товарен со бројни даноци, а за завршување на некоја работа требало да дава рушвет, или современо, мито. Така што, корупцијата во Македонија има своја традиција која не е за потценување.
Еве на пример: македонското образование со децении е златен ној за „високопоставените“ во Македонија, па никој не смее да чепне во МОН. Руинирани училишта, стар инвентар, мизерни плати на наставниците, мизерни студентски и ученички домови низ цела држава, ама министри без грам знаење, се шетаат како пауни со полни џебови до земја. За да не биде дека зборувам без основа, еве нагледно еден оброк за средношколец во Дом за средношколци. Секако, оброкот е половина краставичка и една комбинација од двете понудени.
Колку би било убаво да почнат да дебатираат „тате, бате и јас“ за обилноста на оброкот. Нејсе.
За разлика од нас, оваа „корупциска“ активност, во средените држави ја вршат „лобистите“, а успешноста е проследена со „награда“ од страна на оној кому му е направена „услуга“. Гледано од страна тоа би била „озаконета корупција“ при што треба да биде наведена сумата на „наградата“. Според тоа, разликата меѓу активноста „лоби“ и активноста „корупција“ треба да е никаква, ама заслужува дебата.
За волја на вистината ниту едно општество не е имуно на корупцијата. Така што, доколку не постоеше корупцијата, немаше да биде тема на Меѓународна антикорупциска конференција, собир кој се одржува на секои две години. На овогодинешниот петдневен собир Џејк Саливен, советникот за национална безбедност на претседателот Џо Бајден ја пренесе пораката на Бајден: „Корупцијата се крие во законите и дупките, ја прават и лидерите и локалните жители. Се одвива во салите за состаноци и во судските простории, и премногу често ги користи законските институции за незаконска добивка. Се потпира на тивки соучесници, опортунистички овозможувачи. И, за жал, како што многумина од вас знаат толку добро од вашето искуство, таа може лесно да ги премине нашите граници – прикривајќи се и во криминални мрежи и во правни компании“. (https://libertas.mk/an-ela-ageler-kako-on-lenon/).
Кога би ја пресликале на македонска територија оваа изјава на претседателот Бајден, би значело дека ДЕЈНОСТА на македонскитке корупционери може „лесно да ги премине нашите граници – прикривајќи се и во криминални мрежи и во правни компании“. Сетики, затоа македонските „политички елити“ потпишаа спогодба за прекрстување на државата, договор за обезличување на македонскиот народ, за сега, нам да нѝ се наметнува промена на Уставот, кој македонските „политички елити“ го понижија до степен на гранапско тефтерче.
Учителката на животот е неделива и света за секој народ. Таа е посебна, таа е носител на традицијата на еден народ пренесувана со векови од предци на потомци. Ние, како Македонци сме свесни дека македонската историја е исклучително богата, а како таква и примамлива за секој кој има што да прикрива, извитоперува или воопшто нема своја историја. Така, на Грците, простете Елините, простете Јужните Македонци им беше потребно да го покријат со пепел говорот на Демостен и посакаа да се прогласат за директни потомци на Александар Македонски. Посакаа. И би.
Иста е болката и на Бугарите, простете Татарите, простете Тракијците кои го покрија со пепел Паисиј и посакаа да се прогласат за потомци на Кирил и Методиј, Климент и Наум, Самоил, Гоце. Посакаа. И не смее да биде.
Зошто ако биде, ќе треба да се поистоветиме со Индијанците, кои тврдат дека „Историјата не познава потрагична фигура од американскиот Индијанец. Нему целосно му била одземена неговата слобода и достоинство, бил затворан во резервати. Нему му останало многу малку за утеха само спомени и традицијата на неговите прeдци …“. Дури тогаш, ќе биде јасно дека Индијанците и ние, Македонците имаме заедничка историја, по што ќе нема потреба корумпирани платеници и измеќари. Затоа, ако навистина сака да нѝ помогне, Н.Е. Агелер треба да си достои на зборот и да нѝ помогне да расчистиме со оние изроди и продавачи на македонската историја и иднина, кои „прикривајќи се и во криминални мрежи и во правни компании“ профитираат на несреќата на македонските граѓани.
За крај, В.Е. Агелер, посакувам да не нѐ обележувате со крукчиња како ореоли како што правеа претходните власти, само затоа што си ја знаеме вредноста на нашата историја. Немој да нѐ ставате на црни листи, само затоа што си ја сакаме државата. Сакам да ви верувам, ама поучена од искуството, се плашам дека најавеното може да испадне „Ова е многу убаво, само да е вистинито!“.