Национален институт за ориентални јазици и цивилизации на Франција
Меѓународна конференција за македонистика во Париз
01.12.2022
Во организација на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО), во Париз се одржа меѓународна конференција за македонистиката, како ретка научна дисциплина.
Оваа конференција уследи неколку месеци по одлуката за прифаќање на иницијативата за вклучување на македонистиката во француско-германскиот проект кој има за цел да ги мапира ретките дисциплини во Франција и Германија, со што македонистиката доби статус со кој е гарантирана нејзината заштита и зачувување, но и нејзината самостојност на ИНАЛКО и во Франција.
Организацијата и учеството на оваа конференција е поздравено од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Свeти Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ). Во обраќањето од името на МСМЈЛК при УКИМ, директорката, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, навраќајќи се кон забележаното од Блаже Конески, потсети дека Париз бил значаен образовно-научен центар за македонистиката уште во периодот меѓу двете светски војни.
– Таму, во Институтот за словенски студии работеле професорите Андре Мазон и Андре Вајан кои во периодот меѓу двете светски војни имаат објавено капитални дела за македонските дијалекти. Имено и двајцата биле на Солунскиот фронт за време на Првата светска војна и таму се запознале со говорите во Леринско и во Костурско (денес во северна Грција, Егејска Македонија). Оттука е нивниот интерес за македонистиката и сознанието дека македонските дијалекти треба да се проучуваат и обработуваат како посебна група. Се создаваат и нови перспективи за изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура, преку вклучувањето на македонистиката меѓу ретките научни дисциплини во Франција. А оваа меѓународна конференција е и прва од повеќето планирани и во рамките на тој проект, – посочила Мојсова-Чепишевска.
ИНАЛКО е центар на македонистиката во Франција, а Лекторатот во Париз, отворен во академската 1973/74 година, догодина ќе прослави половина век постоење.
Денес, во Париз, македонскиот јазик се изучува како главен предмет и македонистиката може да се изучува и се изучува во рамките на сите циклуси академски студии – од лиценца до докторат. На ИНАЛКО е и првата професорска катедра за македонистика надвор од нашата земја.
Во изминатите години се постигнати значајни резултати во зајакнувањето и афирмацијата на македонистиката во Франција, и тоа токму на реномираниот ИНАЛКО, благодарение на упорноста и професионалноста на проф. д-р Фроса Пејовска-Бушеро.
Конференцијата започна со обраќање на раководителката на Одделот за македонистички студии, проф. д-р Фроса Пејоска-Бушеро, по што во рамки на првата сесија биле опфатени теми за преводите на Новиот завет на македонски јазик во 19. век, влијанието на Марко Цепенков и Крсте Петков Мисирков врз лингвистичките концепции на Блаже Конески, и изучувањето на македонскиот јазик како странски. Одделно, беа направени и паралели меѓу изучувањето и унапредувањето на францускиот јазик во Македонија и изучувањето и унапредувањето на македонскиот јазик во Франција, а одделно се говореше и околу проект поврзан со граматиката на македонскиот јазик.
Реферат беше посветен и на творештвото на Васил Хаџиманов (1906-1969).
На конференцијата доминираа теми за книжевноста, уметноста, книжевниот превод и издаваштвото. Меѓу другото беше проектиран и филмот за ангелот од Курбиново на Роберт Марто, од 1969 година. Одделно внимание беше посветено на најновите преводи на дела од современата македонска книжевност на француски јазик, по избор од есеистичкото творештво на Горан Стефановски, „Мојот маж“ од Румена Бужаровска и „Страв од варвари“ од Петар Андоновски. На овој дел од конференцијата учествуваше и преведувачката Марија Бежановска и претставници на издавачките куќи.
На конференцијата, меѓу другите учествуваа и акад. Катица Ќулавкова, проф.д-р Владимир Мартиновски, проф.д-р Ана Димишковска, доц.д-р Борче Арсов и м-р Ѓоко Здравески, кој во моментов е лектор по македонски јазик на ИНАЛКО. Дел од учесниците од Франција се и семинаристи на школите на МСМЈЛК при УКИМ.
По оваа конференција, се очекуваат и следни, во 2023 година, кога ќе се одбележи големиот јубилеј – 50 години од отворањето на Лекторатот по македонски јазик на ИНАЛКО.