Skip to content

80 години од убиството на Мирче Ацев и Страшо Пинџур

80 години од убиството на Мирче Ацев и Страшо Пинџур

04.01.2023

На денешен ден, пред 80 години во Скопје, од бугарскиот фашистички окупатор убиени се македонските народни херои Страшо Пинџур и Мирче Ацев.

По повод 80 годишнината од убиството го пренесуваме летокот напишан од Кузман Јосифовски – Питу за убиството на Мирче и Страшо

КУЗМАН ЈОСИФОВСКИ – ПИТУ

Леток по убиството на Мирче и Страшо

14 јануари 1943, ден Василица, ден по погребот на Мирче

„Мирче Донев Ацев и Страшо Пинџур се мртви. Тие не умреа како што обично умира секој смртен човек, туку се на најѕверски начин мачени и претепувани од хитлеровите и борисовите фашисти па потоа убиени. На колку илјади чесни Македонци им се крена косата на главата, кога го видоа Мирчета во болничката мртовечница, во Прилеп кога го погребуваа, со исечени прсти, искорнати нокти и искинато месо од коските. Македонските мајки, татковци и сестри виделе многу свои синови и браќа мачени и убивани, ама до сега не виделе вакво ѕверско и нечовечно мачење. Вака не мачеле ни турските јаничари, башибозуци и крџалии како што мачат хитлеровите и бугарските фашисти. Пинџура, пак, тие го скрија да не се видат и неговите искршени коски, зашто поучени со случајот на Мирче, видоа колку ниско паднаа во очите на народот.

Кои беа Мирче и Страшо?

Два македонски сина, кои вистина го сакаа својот народ, неговата среќа и слобода. Тоа беа синови на чесни македонски семејства, кои во борбата на македонскиот народ дале по неколку свои синови. Мирче е син на прочуеното семејство Ацеви од Прилеп. Неговите чичковци славно загинаа за слободата на Македонија. Мирче Ацев беше многу години војвода и загина во село Крапа од пропагандата, борејќи се и заштитувајќи ја македонската слобода од империјалистичките апетити. Другиот му чичко Илко, пак долгогодишен македонски војвода, загина во борба со поробителите на Македонија, Турците, во село Уланци (Велешко). А третиот му Чичко Петре по 18 годишно војување и славни борби за Македонија умре во Пловдив.

Страш Пинџур е од прочуената фамилија Пинџуровци од село Ваташа, Кавадарско. Тако му беше долгогодишен комита и ополчанец и најпосле беше отепан од големосрпските хегемонисти. Неговата баба Наста славно херојски зела учество во народната ослободителна борба на македонскиот народ. Таа со коли и каравани пренесувала оружје, четници, и била курир на организацијата.

Ете од такви чесни македонски фамилии се Мирче и Страшо. Мирче и Страшо верно и искрено одеа по патот на македонските апостоли Гоцета и Дамета и со целиот жар и ентузијазам на своите искрени и млади души се бореа за слободата на македонскиот народ. Тие со чист и голем ентузијазам, со искрен самопрегор, се бореа против големосрпскиот хегемонизам, тиранија и пљачкање на македонскиот народ, како што се бореа против хитлеровото тиранисување и против фашистичките окупатори. Тие беа водачи на македонската младеж и македонскиот народ против големосрпските тирани и за тоа беа мачени. Големосрпскиот хегемонизам и насилие кога беше заменет со ново ропство и тиранија, со ропство на фашистите и нивна нечуена тиранија, тие први видоа оти фашизмот не му носи слобода на македонскиот народ, ами уште поголемо ропство. Тие смело го кренаа знамето на македонскиот народ и пак застанаа во првите редови на борбата на македонскиот народ, за да се борат за неговата слобода, рамноправност и самоуправување, за поубав и посреќен живот. Во таа света борба тие ништо не жалеа. Тие и своите млади животи ги дадоа. Затоа срамно и гадно лажат фашистичките кучиња кога викаат оти биле продадени и платени од големосрбите. Не, господа фашисти. Тие не беа платеници на српските империјалисти, оти за исто од нив беа оптужени, кога се бореа против нив. Но, секој треба да знае оти немаше злато, немаше скапоценост, со што можеше да се купи нивната чесност. Тие не се бореа за да имат злато или какви било други облаги, ами за слободата и среќата на својот народ, како што се бореше Гоце Делчев, оти од слобода и среќа нема поголемо злато, богатство во светот.

Мирчета и Страша ги нема меѓу нас, ама тие ни се пример на самопрегор и оданост на делото на македонскиот народ, и вечно ќе ни зрачат како светол пример. Нивното херојско држење пред полицијата, кога народниот тиран те мачи и сака од тебе да дознае како е организирана народната борба, за да може да ја задуши, да ја разбие, пријателе овие два народни сина треба да ти бидат пред очи. Оди по патот на Страша и Мирчета. Ако западнеш во рацете на полицијата, сети се за Мирчета и Страша и како нив ако ти кинат месо, ти кршат коски и најгрозно те мачат ништо да не признаваш. Така ќе докажеш оти си вистински син на својот народ, син како Гоцета и Дамета и следбеник на Мирчета и Страша.

Мирчета и Страша како и сите загинати синови ќе ги осветиме со слободата на нашиот народ, во борбата за која паднаа тие.

Слава на Мирчета и Страша, слава на сите паднати за слободата на Македонија.“

(Летокот бил распространет по партизанските одреди, по штабовите, скоевската младина и меѓу македонското население)

error: Content is protected !!