Skip to content
Во Музејот на македонската борба
10-ти Денови на Јустинијан Први
10-ти Денови на Јустинијан Први

10.11.2022

Во Музејот на македонската борба денеска ќе биде отворен јубилејниот 10-ти Меѓународен научен симпозиум за византиски и средновековни студии „Денови на Јустинијан I”.
На свеченото отварање обраќање ќе имаат проф. д-р Митко Б. Панов, претседател на Меѓународниот организациски и научен комитет, кој ќе го промовира и Зборникот на трудови од минатогодишниот 9-ти „Денови на Јустинијан I”, проф. д-р Џузепе Маино, коорганизатор од Универзитетот во Болоња, проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, декан на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски” и член на организацискиот одбор, м-р Даниела Николова, директор на Музејот на македонската борба, италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри, поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, како и и претставници од Град Скопје и Министерството за култура.
Меѓународниот научен симпозиум „Денови на Јустиниан I” претставува годишен научен форум за презентација на најновите истражувања за различни аспекти на византолошките и средновековните студии, што го вклучува третманот и интерпретацијата на културното, историското и духовното наследство во современа Европа. Симпозиумот е посветен на императорот Јустинијан I и има за цел да опфати широк спектар на истражувачки прашања во функција на реконструирање на културното и историското наследство, како интегративна компонента на различностите и заедништвото на обединета Европа.
Симпозимот ќе се реализира со комбинирано физичко и онлајн учество. На осумте сесии кои ќе се одржат во текот на трите работни дена во Музејот на македонската борба и преку online платформата Zoom, свои реферати ќе имаат 55 еминентни проофесори и научници од 22 земји, како Италија, САД, Велика Британија, Германија, Франција, Канада, Русија, Украина, Полска, Чешка, Словачка, Холандија, Шведска, Финска, Австрија, Србија, Грција, Хрватска, Бугарија, Романија, Турција.
„Денови на Јустинијан I” традиционално е поддржан од Министерството за култура, Град Скопје, Италијанската амбасада, Музејот на македонската борба, Македонската Православна црква – Охридска архиепископија, како и Винаријата Стоби.
error: Content is protected !!