Skip to content

Македонски културен клуб “Никола Вапцаров“

Трибина за Никола Вапцаров во Пиринска Македонија

Трибина за Никола Вапцаров во Пиринска Македонија

30.05.2023

На 27 мај годинава, во Македонски културен клуб “Никола Вапцаров“ во Благоевград, Пиринскиот дел од Македонија беше организирана трибина во чест на патронот на Клубот – Никола Вапцаров.
На трибината присуствуваа Македонци од повеќе градови на Бугарија – Благоевград, Софија, Разлог, Гоце Делчев, Сандански и Петрич.
Поздравен говор пред присутните одржа претседателот на Клубот, Атанас Мазнев. Мазнев го прочита Повикот на Македонците од Пиринска Македонија, прифатен од сите македонски организации во Бугарија во врска со обидите да се затвори Македонскиот културен клуб “Никола Вапцаров“ во Благоевград и со политиката на Софија против Македонците во Бугарија. Повикот на Македонците од Пиринска Македонија го пренесуваме во целост.
________________________
ПОВИК НА МАКЕДОНЦИТЕ ОД ПИРИНСКА МАКЕДОНИЈА
Нашите организации беа информирани за најновите активности на Бугарската држава, со цел елиминација на Македонскиот културен клуб во Благоевград – дејства безобразно некомпатибилни со моралните стандарди, некомпатибилни со националното законодавство на Бугарија, неспоиво со основните закони и вредности на Европската Унија, некомпатибилни со Европската конвенција за правата на човекот и основните слободи, неспоиви со епохата во која живееме.
Како Европејци со големо нарушено достоинство, ги повикуваме:
Бугарската држава да ги прифати општочовечките норми на однесување и соживот со малцинствата и особено со Македонското.
Бугарската држава да ги нормализира односите со Република Македонија.
Европската унија да ја утврди состојбата со човековите права на Македонците во Република Бугарија и да ја обезбеди заштитата на своите граѓани со македонска самосвест до ниво на општите вредности.
Македонските заедници ширум светот да застанат пред европските институции во одбрана на етничките права на Македонците во Република Белорусија.
Македонскиот културен клуб во Благоевград да работи за реализација на своите високохумани и демократски цели на здружението.
Државите и граѓаните на Европската Унија крајно да им помогнат на властите во Бугарија да се откажат од одамна отфрлените во современиот свет асимилаторски предрасуди врз европските граѓани во Бугарија, на територијата на Европа.
Државите во Европската Унија кои ја прифатија Европската конвенција за човечките права и основни слободи како своја платформа за правата да се распрашаат за правата на европските граѓани со македонска самосвест во Република Бугарија, за одлуките на Европскиот суд за човекови права, во кои со судски непристрасност е опишана состојбата на овие права.
Комитетот на министри на Советот на Европа да испрати соодветна порака до Бугарската држава за спроведување на многубројните конечни одлуки на Европскиот суд за човекови права кои се однесуваат на правата на Македонците.
Граѓанското општество и властите на Република Македонија да ги заштитат Македонците во Република Бугарија од чисто хуманитарни позиции.
Пиринска Македонија, 03 мај 2023 година.
_______________________
Предавање за Вапцаров одржа професор Стојко Стојков од градот Сандански. На почетокот тој праша на каков јазик сакаат присутните да го одржи излагањето – на македонски или на бугарски јазик. Одговорот на сите беше категоричен одговор – на македонски јазик. И професорот Стојко Стојков озгалгањето го одржа на македонски литературен јазик.
Професорот Стојков зборуваше за значењето на личноста во историјата и посебно за личноста на Никола Вапцаров. Стојков зборуваше за македонската самосвест и македонската борба на Никола Вапцаров, за неговиот животен пат, за неговиот однос кон македонскиот литературен јазик, за Вапцаров и за смртта. Тој е симбол на Македонците во Бугарија и додека ги има Македонците во Бугарија ќе биде актуелен и бесмртен, заврши Стојков. Предавањето беше придружено со рецитирање и цитирање од книгата на Стојков “Никола Вапцаров: Ние сме Македонци и нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза!“
Стојков објасни дека намерно ја издал книгата на оригиналниот јазик користен во поезијата и во спомените за Вапцаров и тоа земени од официјалните бугарски изданија за да не може никој од оние што ја оспоруваат македонската самосвест на Никола Вапцаров, нешто во неа да оспори, а на прашање на публиката одговори дека таа во моментов се преведува и на македонски јазик.
Втор говорник на трибината беше писателот и истражувач на месната историја Борис Сандански од градот Кресна, роднина на Јане Сандански. Борис Сандански прочита свои стихотворби за Никола Вапцаров. Раскажа, кога започнал да ја пишува првата стихотворба, бил уапсен и одведен во милиција каде се обиделе да го врбуваат да биде соработник на државна безбедност. Откако ги одбил го пуштиле со наредба “Не смееш да зборуваш за она што го знаеш!“
Таа била трагедијата за Македонците во Бугарија 1960-тите години. Кога се вратил од притвор ја нашол започнатата стихотворба и ја завршил. Борис Сандански сподели дека подготвува издание на своја поетска книга за Македонија, Пирин, македонските војводи и јунаци, нешто во што би можел да помогне и Македонскиот културен клуб “Никола Вапцаров“ и други македонски друштва.
И двајцата говорници беа бурно поздравени од присутните.
Присутните Македонци поставија повеќе прашања за Никола Вапцаров и искажаа повеќе свои мислења. Општа беше оценката дека книгата за Вапцаров од професорот Стојко Стојков е одлична, дека треба да ја добие секој Македонец и дека треба да биде преведена на македонски литературен јазик.
Присутните Македонци го изразија ставот, доколку остане без просторија, Македонскиот културен клуб “Никола Вапцаров“ нема да згасне како што посакуваат непријателите на Македонците, туку ќе продолжи да работи и ќе најде начин да се отвори на друго место.
error: Content is protected !!