Skip to content

Жан Волф: Трагично поделена земја

Трагично поделена земја

02.11.2022

Жан Волф, белгиски новинар, публицист и пистател, е автор на повеќе книги од публицистички и историски карактер, неговата дипломатска активност придонесе за решавање на некои меѓународни проблеми, неговото осведочено пријателство и љубов кон нашата Република датира со години наназад, но сепак основниот повод за овој разговор беше неодамнешното излегување од печат на неговата нова книга „Распарчена Македонија“.

Ова дело што кај издавачот ,„Кижас“ на француски јазик излезе во Париз, беше промовирано на 4 септември во Скопје – во присуство на авторот.

Првото прашање што се наметнува во еден ваков разговор неминовно мора да биде врзано за почетоците на вашето интересирање за нашата Република?

Моето интересирање за Македонија е определено од повеќе причини. Јас многу одамна се интересирам за словенскиот свет. Освен тоа пишувањето на оваа книга значи и остварување на едно мое ветување. Тоа е ветувањето што му го дадов на Маршал Тито при нашата прва средба во Блед 1952 година. Тогаш ние разговаравме околу два часа, меѓу другото за југословенското разидување со Сталин, потоа Тито зборуваше за федеративното устројство на Југославија, а Едвард Кардењ, кој исто така беше присутен на разговорот, говореше за самоуправувањето кое тогаш беше во формирање. Кога стана збор за Македонија, сакав да покажам дека барем малку ги познавам состојбите и почнав да говорам за Македонија на Александар Македонски. Така започна моето интересирање за вашата Република. Со Тито се сретнав уште десеттина пати и секогаш разговаравме за можноста да се напише книга за Македонија и оваа книга во голем дел е напишана поради сеќавањето на него и како знак на голема приврзаност кон неговото дело. Во меѓувреме почнав да ја запознавам Македонија, не само преку нејзините пејсажи и споменици, туку и преку приближувањето до нејзиниот народ.

Може ли да се извлече една општа карактеристика што ја претставува идејата и целта на вашата книга?

Она што сакав да го прикажам со оваа книга е токму персоналитетот на Македонија. Станува збор за една трагично поделена земја. Како што лешинарите ја распарчуваат својата жртва, така соседните земји ја распарчувале Македонија. Таа е раскината меѓу Бугарија и Грција, а еден нејзин дел е и во Албанија. Но, кога зборувам за Македонија, секогаш мислам на Македонија како составен дел на Југославија, затоа мојата книга всушност се вика Распарчена Македонија и југословенската ренесанса“. Но кога се зборува за Македонија во рамките на СФРЈ не може да се одбегне Балканот, како контекст во кој припаѓа Југославија. а кога се зборува за Балканот тогаш мора да се зборува и за големите сили и нивниот антагонизам преку кој тие ги разделија балканските земји. Го земам за пример антагонизмот меѓу Царска Русија и Австро-Унгарија, но и актуелниот антагонизам меѓу СССР и САД. Исто така се обидувам да ја ставам Македонија во европскиот и светскиот контекст. Таа беше суштинска причина за избувнување на Првата Светска војна.

Се разбира дека моето интересирање за Македонија не е исцрпено со пишувањето на оваа книга. Секако дека не сум во состојба да напишам уште една книга за Македонија, тоа се работи само еднаш во животот. Но јас ќе продолжам и натаму да доаѓам овде, да пишувам репортажи за оваа Република, да ги посетувам Струшките вечери на поезијата итн. Се надевам дека еден ден вашите соседи ќе дојдат до тоа да го признаат персоналитетот на Македонците што живеат таму. Да им овозможат отварање театри, библиотеки, училишта. Се надевам дека ќе се развијат контактите меѓу Македонците од овие држави, со таа надеж јас и ја завршувам мојата книга.

ВИСТИНА ШТО ТРЕБА ДА СЕ БРАНИ

Трагично поделена земја

На промоцијата на книгата „Раскината Македонија“ во Скопје, своја реч имаше и авторот Жан Волф. Притоа, тој меѓу другото рече:

„Јас не сум син на оваа земја, но откако размислувам за неа, откако започнав да ги посетувам нејзините градови, да ги гледам нејзините пејсажи, паметници, да се среќавам со нејзините водечки личности, да ги собирам сведоштвата на нејзиното минато, мислам дека се здобив со она што кај нас се наречува право на граѓанство.

Многу брзо сфатив дека тука постои прекрасна кауза што треба да се брани, која без сомневање ќе ме скара со не мал број луѓе и неколку влади од соседството, но која заслужува да биде подржана без отстапки пред еден свет кој кон неа се однесува премногу индиферентно. Пишувајќи, јас сфатив дека тргнувам во откривање на еден возбудлив свет затоа што вие сте крстосница на Европа. Кога човек се занимава со скорешната или далечната епопеја на Вашата убава и велика земја, забележува дека неодминливо се соочува со одделните југословенски народи, со замрсеноста на балканските драми, со големината на словенскиот свет на кој словенските мисионери му дадоа продуховено писмо и образование од каде бликна една извонредна култура. Тоа објаснува зошто овој есеј зафаќа истовремено повеќе области, имајќи предвид дека едната може да се сфати само повикувајќи се на сите други.

Сфатив, барем мислам дека сум сфатил, дека Вашата многу богата историја претставува едно цело, една нераскинлива целина и дека можеби некои мегу вашите учени згрешиле што им го свртеле грбот на некои делови од едно чудесно наследство. Но, на вас е да судите за тоа! Затоа што, конечно, јас не знам многу за она што сте, ниту за она што е во длабочината на душата на вашиот народ, но ми се чини дека тоа е чекор идентичен на оној што го правеа низ милениумите Филип II и Александар III наречен Велики, цар Самоил (кој е вашиот Карло Велики), Кирил и Методиј, Наум и Климент Охридски, Крали Марко, Карпош, хероите на Илинден, Даме Груев, Сандански, Гоце Делчев, браќата Миладиновци, безимените загинати во востанијата што се нижеа и до последниот светски конфликт, Лазар Колишевски, Лазар Мојсов и толку други денес. Сите, на различни начини, со повеќе или помалку среќа, но секогаш со страст, придонесоа за афирмацијата на македонскиот персоналитет, кој е персоналитет на еден голем народ кој заслужува слободно да ја избере својата судбина…“

 С. Георгиевски

Архив, Илустрирано списание на Матицана на иселениците од Македонија, „Македонија“, бр.379, Ноември 1984

error: Content is protected !!