Skip to content

Македонска заедница во Србија

„Театар Провокација“ со „Разведи ме“ гостува во Нови Сад

„Театар Провокација“ со „Разведи ме“ гостува во Нови Сад

10.01.2023

Здружението на Македонците „Кирил и Методиј“ од Нови Сад информира дека во недела (15.01.2023 г.) во Позориште младих од 19.30 часот, гостува „Театар Провокација“ од Скопје, Македонија, со претставата „Разведи ме“.

Претставата е во режија на Роберт Ристов кој исто така е потпишан и под сценографијата, изборот на костими и драматизацијата. Драматизацијата е работена по мотиви од урбаните сценарија:„Развод“, „Заедништво“, „Храна и љубов“ и „Брачна приказна“. Значителен дел од дијалозите во текстот, се негови авторски делови.

Во претставата играат Роберт Ристов и Мирјана Поповска Ристов, а во снимените видеа актерите: Зорица П. Панчиќ (како Марта), Љубиша Савановиќ/гостин од БиХ (љубовникот) и Благоја Чоревски -Чоре (таткото).

Дали неверството мора да се запечати со РАЗВОД? Дали простувањето на неверството е вистинскиот чекор, со кој ќе го спасиме бракот и љубовта во која сме вложувале со години? Дали после неверството сме засекогааш  емотивно оштетени луѓе, кои никогаш повеќе нема да умеат искрено да сакаат и да веруваат. Дали вреди да се продолжи бракот, заради децата? Дали љубовта кон себеси го намалува интензитетот на сакањето на партнерот? Каде е границата? Како можеме да го процениме квалитетот на врската/бракот? Дали љубовта е „прекинувачот“ за нашата среќа?

Овие скокотливи теми ќе бидат експлицитно отворени и дефинитивно ќе ве стават во ситуација да ги преиспитате воспоставените општествено-морални вредности. Ќе ве натераат да ги согледате нијансите во сопствената врска, мотивирајќи ве да ја засилите нијансата на црвената – љубовта.

„РАЗВЕДИ МЕ“ е добитник на наградата GRAND PRIX на „Фестивалот на дуо драмата” во Топола – Србија 2022 год. Претставата има гостувано во: Хрватско Народно Казалиште- Вараждин, (како дел од официалната програма на фестивалот „Тједан Смијеха на „Театар Керекеш“), „Театар САРТР“- Сараево, „Градско позориште Јазовац“- Бања Лука, „Културни центар“ – Шид и  „Театар 78“ -Белград.

error: Content is protected !!