Статут
Врз основа на членот 18 и членот 23 став 1 алинеја 1 од Законот за здруженија и фондации (“Службен весни на Република Македонија“ броевите 52/2010, 135/2011, 55/2016 и 239/2022), Собранието на здружението на граѓани МАТИЦА НА ИСЕЛЕНИЦИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА Скопје на седницата одржана на 25 февруари 2023 година во Скопје донесе
С Т А Т У Т
на Меѓународна организација МАТИЦА НА ИСЕЛЕНИЦИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА Скопје
- ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
Со овој Статут се уредуваат особено:
(1) името и седиштето на Меѓународна организација МАТИЦА НА ИСЕЛЕНИЦИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА Скопје (во натамошниот текст: Матица);
(2) целите и задачите на Матицата и начинот на нивната реализација;
(3) условите и начинот на зачленувањето во Матицата и правата, обврските и одговорностите на членовите на Матицата;
(4) внатрешната организација на Матицата;
(5) органите на Матицата и нивните права, надлежности и одговорности;
(6) начинот на донесувањето на актите на Матицата;
(7) начинот на користењето и располагањето со средствата на Матицата;
(8) претставувањето и застапувањето на Матицата;
(9) јавноста во работата на Матицата;
(10) начинот на одлучувањето за зачленување и истапување од членство во меѓународни органи, организации и заедници;
(11) начинот на располагањето со имотот и средствата на Матицата во случај на престанување;
(12) начинот на донесувањето на Статутот и изменување и дополнување на истиот; и
(13) други прашања.
Член 2
(1) Матицата е основана на 17 мај 1951 година во Скопје.
(2) Матицата е од јавен интерес.
(3) Матицата претставува невладина и непрофитна меѓународна организација.
(4) Матицата води грижа за и ги развива и унапредува односите со иселениците од Македонија и деловите на Македонскиот народ во соседните земји, со цел нивно културно, духовно и економско обединување.
- ИМЕ И СЕДИШТЕ НА МАТИЦАТА
Член 3
(1) Името на Матицата е: Меѓународна организација МАТИЦА НА ИСЕЛЕНИЦИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА Скопје.
(2) Краткото име на Матицата е: МАТИЦА НА ИСЕЛЕНИЦИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА Скопје.
Член 4
(1) Матицата е правно лице со седиште во Скопје на улица “27-ми Март“ број 4.
(2) Подрачје на дејствување на Матицата е целиот свет.
Член 5
(1) Матицата има печат и штембил.
(2) Печатот е со тркалезна форма со дијаметар од пет сантиметри со текст: Матица на иселениците од Македонија – Скопје, на македонски, англиски, француски и руски јазик.
(3) Штембилот е четириаголен со рубрики за деловоден број и датум, над нив со текст: Матица на иселениците од Македонија – Скопје, на македонски, англиски, француски и руски јазик.
(4) Меморандумот на Матицата е напишан на македонски, англиски, француски и руски јазик.
Член 6
Работата на органите и телата на Матицата се одвива на македонски јазик и неговото кирилско писмо.
Член 7
Матицата соработува со:
(1) иселениците од Македонија и со припадниците на Македонскиот народ во соседните земји;
(2) државните институции на власта во земјите каде Македонците живеат; и
(3) меѓународни органи, организации и заедници.
III. ЦЕЛИ И ЗАДАЧИ НА МАТИЦАТА
Член 8
Основни цели на Матицата се:
(1) грижа за положбата и правата на иселениците од Македонија и деловите на Македонскиот народ во соседните земји;
(2) културно, духовно и економско обединување на Македонците од сите делови на Македонија во светот;
(4) заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски и државен идентитет, континуитет, наследство и простор;
(5) трајно решение на македонското прашање; и
(6) афирмација на целите и задачите на Обединетите Нации, Советот на Европа и Организацијата за безбедност и соработка на Европа.
Член 9
Основни задачи на Матицата се:
(1) воспоставување, одржување, проширување и потикнување на соработката и врските со иселениците од Македонија, нивните потомци и припадниците на Македонскиот народ во соседните земји;
(2) помагање во негувањето на националната свест, јазик и култура меѓу иселениците од Македонија и меѓу припадниците на Македонскиот народ во соседните земји;
(3) поттикнување и помагање во проучувањето и развивањето на националните, културните, социјалните, економските, политичките и правните прашања на иселениците од Македонија, нивните потомци и припадниците на Македонскиот народ во соседните земји;
(4) соработка со други институции при организирањето и одржувањето на дополнителното образование на македонски јазик меѓу иселениците од Македонија и припадниците на Македонскиот народ во соседните земји;
(5) поттикнување и помагање во поврзувањето на стопанството со видни бизнисмени – иселеници од Македонија и бизнисмени – припадници на Македонскиот народ кои живеат во соседните земји;
(6) издавање публикации преку кои иселениците од Македонија и припадниците на Македонскиот народ во соседните земји се запознаваат со дејноста на Матицата, со настаните и животот во татковината и во иселеничките средини, соработка во издавањето на иселеничкиот печат и други публикации;
(7) поттикнување на средствата за јавно информирање за афирмација на настаните и процесите меѓу иселениците од Македонија и припадниците на Македонскиот народ во соседните земји;
(8) помагање на иселениците од Македонија и припадниците на Македонскиот народ во соседните земји за остварување на правата за време на нивниот престој во или при конечното враќање во татковината;
(9) поттикнување и организирање на меѓусебни посети и гостувања на културно-уметнички и спортски друштва, на научници, на стопанственици и други субјекти на иселениците од Македонија и на припадниците на Македонскиот народ во соседните земји;
(10) информирање на јавноста и надлежните државни органи за проблемите на иселениците од Македонија и припадниците на Македонскиот народ во соседните земји и давање предлози за нивно решавање;
(11) организирање посети и средби на иселениците од Македонија и припадниците на Македонскиот народ во соседните земји;
(12) формирање на работни тела на Матицата;
(13) формирање на Совет на иселениците од Македонија;
(14) помагање на Македонците во светот за што поголемо учество во медиумскиот простор на својот мајчин Македонски јазик во земјите каде живеат;
(15) континуирана поддршка за јакнење на правата на македонските заедници во соседните земји и во светот;
(16) помош во наставните помагала за македонските училишта во странство;
(17) помош и посредување при упис на ученици и студенти Македонци од соседните земји и светот на државните образовни институции како и поддршка и предлози за стипендисти на високообразовните институции;
(18) учество на меѓународни семинари и иселенички средби;
(19) организирање на денови на македонската култура;
(20) доделување на Иселеничка грамота за најдобар поет меѓу Македонците во светот;
(21) организирање на гостувања на македонски културно-уметнички друштва во светот;
(22) одржување на интернет страницата на Матицата и телекомуникациски врски меѓу Македонците во светот; и
(23) други задачи.
- IV. ЧЛЕНОВИ НА МАТИЦАТА
Член 10
(1) Кандидат за член на Матицата може да биде секој полнолетен македонски државјанин кој ќе пополни пристапна изјава за членство во Матицата.
(2) Одлуката за прием во членство ја донесува Собранието со двотретинско мнозинство од вкупниот број членови.
(3) Заради грубо кршење на одредбите на овој Статут, а на предлог на три члена, Собранието може да донесе одлука за исклучување од членство со двотретинско мнозинство од вкупниот број членови.
(4) Член на Матицата со лична изјава може да истапи од членство во Матицата.
(5) Матицата води регистар на членови во кој се впишува секој член на Матицата со податоци за име и презиме, датум на раѓање, адреса во место на живеење, датум на зачленување и датум на исклучување или истапување од членство.
Член 11
Основни права и обврски на членот на Матицата се:
(1) да управува со работата на Матицата, да ги избира или именува и разрешува органите и телата на Матицата и да врши надзор над нивната работа;
(2) да користи правна, стручна и друга помош и услуги што ги врши Матицата;
(3) да покренува иницијативи и предлози заради реализација на целите и задачите на Матицата;
(4) да се придржува на одредбите на овој Статут и актите на органите на Матицата; и
(5) да учествува во обезбедувањето средства за реализација на целите и задачите на Матицата.
- УПРАВУВАЊЕ И ОДЛУЧУВАЊЕ ВО МАТИЦАТА
Член 12
(1) Со работата на Матицата управуваат членовите преку нејзините органи.
(2) Членовите на Матицата ги избираат органите на Матицата на начинот и постапката утврдени со овој Статут.
(3) Членовите на органите на Матицата одлучуваат по свое уверување.
Член 13
(1) Мандатот на членовите на органите на Матицата е четири години со право на повторен избор или именување.
(2) Мандатот на член на орган на Матицата престанува и пред времето за кое е избран или именуван доколку: биде разрешен, поднесе писмена оставка, е осуден на казна затвор повеќе од шест месеци, му е одземена деловната способност, и почине.
Член 14
(1) За предлогот за разрешување носител на функција во Матицата одлучува органот кој го избрал или именувал.
(2) Доколку оставка на функцијата поднесе претседател на орган на Матицата, првата наредна седница на органот на Матицата на која се врши избор на нов претседател ја свикува ја свикува најстариот по години член на органот на Матицата, но најдоцна во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на оставката или веднаш штом ќе бидат исполнети условите за тоа.
- ОРГАНИ НА МАТИЦАТА
Член 15
Органи на Матицата се: Собрание, Претседател, Претседателство и Надзорен одбор.
VI.1. СОБРАНИЕ
Член 16
(1) Собранието е орган на управување на Матицата.
(2) Собранието го сочинуваат сите членови на Матицата од регистарот на членовите на Матицата.
(3) Организацијата и работата на Собранието се уредуваат со овој Статут.
(4) Собранието може да донесе Деловник за работа со мнозинство гласови од вкупниот број членови.
Член 17
(1) Собранието работи на седници.
(2) Седница на Собранието свикува претседателот по своја иницијатива и по одлука на Претседатеството. Доколку претседателот не свика седница на Собранието во рок од 15 дена од одлуката на Претседателството, седницата ја свикува најстариот член на Претседателството.
Член 18
(1) Поканата и материјалите за седницата на Собранието се доставуваат најмалку седум дена пред нејзиното одржување.
(2) Дневниот ред и материјалите за седницата ги подготвува Претседателството.
Член 19
(1) Собранието работи и полноважно одлучува ако на седницата присуствуваат мнозинство од вкупниот број членови, а одлуките ги донесува со мнозинство гласови од присутните членови, доколку не е поинаку определено со овој Статут.
(2) Гласањето во Собранието е јавно, освен ако е определено тајно гласање со овој Статут или со одлука на Собранието.
Член 20
Собранието:
(1) го донесува, изменува и дополнува Статутот на Матицата и дава автентично толкување на неговите одредби;
(2) превзема мерки и активности за реализација на целите и задачите на Матицата;
(3) донесува програма и извештај за работа на Матицата за секоја година;
(4) ја утврдува висината на членарината и начинот на нејзиното плаќање;
(5) усвојува буџет за тековната година и завршна сметка за изминатата година;
(6) формира постојани и повремени работни тела на Матицата;
(7) врши верификација на мандатот на членовите на Собранието;
(8) избира и разрешува претседател и членови на Претседателството и го прогласува составот на Претседателството;
(9) избира и разрешува претседател и членови на Надзорниот одбор;
(10) одлучува за зачленување или за истапување на Матицата од членство во меѓународни органи, организации и заедници;
(12) решава за престанок на постоењето на Матицата; и
(13) врши други работи утврдени со овој Статут или други акти на Собранието.
VI.2. ПРЕТСЕДАТЕЛ
Член 21
(1) Матицата има претседател.
(2) Собранието со јавно гласање го избира и разрешува претседателот со можност за повторен избор.
(3) Кандидат за претседател може да предложат најмалку пет членови на Матицата.
(4) Ист член на Матицата може да предложи само еден кандидат за претседател.
(5) За претседател е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број членови на Матицата.
(6) Ако во првото гласање ниту еден од кандидатите за претседател не го добил потребното мнозинство гласови, во второто гласање се гласа за двајцата кандидати кои во првото гласање добиле најголем број гласови.
(7) Второто гласање се спроведува на истата седница на Собранието, веднаш по првото гласање.
(8) На второто гласање за избран претседател се смета кандидатот кој добил мнозинство гласови од присутните.
(9) Ако за претседател е предложен еден кандидат, за избран се смета ако добил мнозинство гласови од присутните.
(9) Доколку кандидатот не го добил потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка, се’ додека не се изврши изборот на претседател.
(10) Во случај на престанување на мандатот на претседателот од кои и да е причини, до изборот на нов претседател на првата наредна седница на Собранието, него го заменува извршниот директор, а во негово отсуство највозрасниот присутен член на Матицата.
Член 22
Претседателот:
(1) ги подготвува, ги свикува и претседава со седниците на Претседателството и Собранието;
(2) ги извршува одлуките на Собранието и Претседателството;
(3) ја претставува и застапува Матицата;
(4) е наредбодател за материјално-финансиското работење на Матицата;
(5) ги потпишува актите на Собранието и Претседателството;
(6) врши други работи и задачи што ќе му ги довери Собранието.
Член 23
(1) Претседателот е одговорен за својата работа пред Собранието.
(2) За одговорноста на Претседателот одлучува Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број членови, на предлог на најмалку една третина од вкупниот број членови.
(3) Ако Собранието утврди одговорност на Претседателот, мандатот му престанува по сила на овој Статут.
VI.3. ПОЧЕСЕН ПРЕТСЕДАТЕЛ
Член 24
(1) Матицата може да има почесен претседател.
(2) Почесниот претседател го избира и разрешува Собранието со јавно гласање, на предлог на Претседателот, без ограничување на мандатот.
(3) Почесниот претседател му помага во работата на Претседателот и во договор со него врши определени работи од негова надлежност.
Член 25
(1) Почесниот претседател е одговорен за својата работа пред Собранието.
(2) За одговорноста на почесниот претседател одлучува Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број членови, на предлог на претседателот, или најмалку пет членови.
(3) Ако Собранието утврди одговорност на почесниот претседател, мандатот му престанува по сила на овој Статут.
VI.4. ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО
Член 26
(1) Матицата има претседателство.
(2) Претседателството е извршен орган на Матицата составен од претседателот и четворица членови.
(3) Членовите на Претседателството поединечно ги избира и разрешува Собранието, од редот на членовите на Матицата, на предлог на Претседателот, со јавно гласање, со можност за повторен избор.
Член 27
Мандатот на член на Претседателството може да му престане и пред истекот на мандатот за кој е избран, со одлука на Собранието по предлог на Претседателот, доколку неоправдано отсуствува три седници едноподруго.
Член 28
(1) Член на Претседателството е одговорен за својата работа пред Собранието.
(2) За одговорноста на член на Претседателството одлучува Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Собранието, на предлог на Претседателот или најмалку пет членови на Матицата.
(3) Ако Собранието утврди одговорност на член на Претседателството, мандатот му престанува по сила на овој Статут.
Член 29
(1) Претседателството се состанува најмалку еднаш во шест месеци и по потреба.
(2) Претседателството работи и полноважно одлучува со мнозинство од вкупниот број членови.
Член 30
Претседателството:
(1) се грижи за примената на овој Статут и актите на Собранието;
(2) се грижи за соработката со државни и меѓународни владини и невладини органи, организации и заедници;
(3) ги информира членовите на Матицата;
(4) води грижа за остварувањето на Програмата на Матицата;
(5) покренува активности од поширок интерес за иселениците од Македонија и припадниците на Македонскиот народ во соседните земји;
(6) утврдува предлог-завршна сметка за изминатата година и предлог-буџет за тековната година;
(7) ги подготвува извештајот за изминатата година и програмата за работа за тековната година;
(8) го управува и стопанисува (продава, купува и издава) имотот на Матицата;
(9) предлага претставници на Матицата во органи, организации и институции, кои ќе побараат претставник од Матицата;
(10) именува и разрешува секретар на Матицата и утврдува насоки за неговата работа;
(11) именува и разрешува извршен директор на Матицата и утврдува насоки за неговата работа;
(12) именува и разрешува главен и одговорен уредник на списанието “Македонија“ и утврдува насоки за неговата работа;
(13) утврдува предлог акти што ги донесува Собранието;
(14) формира постојани и повремени работни тела и го определува нивниот состав и делокруг на работа;
(15) именува и разрешува членови на Советот на иселениците од Македонија и почесни членови на Матицата;
(16) ги уредува сите односи во врска со вработените во Матицата;
(17) предлага кандидати за одликување и признанија на истакнати иселеници од Македонија и припадници на Македонскиот народ во соседните земји; и
(18) врши други работи и задачи што ќе му ги довери Собранието.
VI.5. НАДЗОРЕН ОДБОР
Член 31
(1) Матицата има надзорен одбор.
(2) Надзорниот одбор е составен од претседател и двајца членови, кои ги избира и разрешува Собранието од редот на членовите на Матицата, на предлог на изборна комисија од три члена.
Член 32
Надзорниот одбор врши надзор над материјално-финансиското работење на Матицата и најмалку еднаш годишно му поднесува извештај на Претседателството и Собранието.
Член 33
(1) Надзорниот одбор работи на седници што ги свикува и со нив претседава претседателот на надзорниот оддбор.
(2) Надзорниот одбор одлучува со мнозинство гласови од вкупниот број членови.
Член 34
(1) Надзорниот одбор за својата работа е одговорен пред Собранието.
(2) За одговорноста на членовите на надзорниот одбор одлучува Собранието со мнозинство гласови од присутните, на предлог на најмалку пет членови на Матицата.
(3) Ако Собранието утврди одговорност на член на надзорниот одбор или на надзорниот одбор во целина, мандатот им престанува по сила на овој Статут.
VII. СОВЕТ НА ИСЕЛЕНИЦИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА
Член 35
(1) Матицата има Совет на иселениците од Македонија.
(2) Советот на иселениците од Македонија е советодавно работно тело на Матицата.
(3) Членовите на Советот на иселениците од Македонија ги именува и разрешува Претседателството од редот на истакнати Македонци од татковината, соседните земји и светот.
Член 36
(1) Советот на иселениците од Македонија работи на седници кои ги подготвува, свикува и со нив претседава Претседателот на Матицата. Седниците може да се одржуваат и телекомуникациски.
(2) Советот на иселениците од Македонија одлучува со мнозинство гласови од вкупниот број членови.
(3) Мислењата и ставовите на Советот на иселениците од Македонија се доставуваат до Претседателството и Собранието.
Член 37
(1) Советот на иселениците од Македонија за својата работа е одговорен пред Собранието.
(2) За одговорноста на членовите на Советот на иселениците од Македонија одлучува Собранието со мнозинство гласови од присутните, на предлог на најмалку пет членови на Матицата.
(3) Ако Собранието утврди одговорност на член на Советот на иселениците од Македонија или на Советот на иселениците од Македонија во целина, мандатот им престанува по сила на овој Статут.
VIII. СТРУЧНА СЛУЖБА
Член 38
(1) За вршење на стручните, културно-просветните, информативните, документарните, редакциските, организациските, финансиските и административно-техничките работи, Матицата со одлука на Собранието може да организира Стручна служба која ја сочинуваат вработените во Матицата.
(2) Матицата со вработените склучува договор за работа на неопределено или определено работно време во согласност со Закон и Колективен договор.
(3) Прашањата за организацијата и систематизацијата на Стручната служба се уредуваат со Правилник што го донесува Претседателството.
VIII.1. ИЗВРШЕН ДИРЕКТОР
Член 39
Матицата има извршен директор кој се именува на неопределено работно време со одлука на Претседателството.
Член 40
Извршниот директор:
(1) ги извршува одлуките на Претседателот, Претседателствто и Собранието.
(2) му помага на Претседателот во подготовката на седниците на Претседателството и Собранието;
(3) ја извршува Програмата за работа на Матицата; и
(4) врши други работи и задачи.
Член 41
(1) Извршниот директор за својата работа е одговорен пред Претседателството.
(2) За одговорноста на извршниот директор одлучува Претседателството на предлог на еден член на Претседателството.
(3) Ако Претседателството утврди одговорност на извршниот директор, работниот однос му престанува по сила на овој Статут.
VIII.2. СЕКРЕТАР
Член 42
Матицата има Секретар кој се именува на неопределено работно време во согласност со закон, по одлука на Претседателството.
Член 43
Секретарот ги врши следните работи и задачи:
(1) раководи со Стручната служба на Матицата;
(2) се грижи и предлага мерки во врска со организацијата и систематизацијата на Стручната служба;
(3) му помага на Претседателот во подготовката на седниците на Претседателството и Собранието;
(4) ги извршува одлуките на Претседателот, Претседателството и Собранието;
(5) ја извршува Програмата за работа на Матицата;
(6) предлага мерки за поефикасна работа на Стручната служба;
(7) ја следи материјално-финансиската состојба на Матицата и предлага мерки за нејзино подобрување.
(8) ја организира работата и се грижи за имотот, средствата и просториите на Матицата;
(9) ја води архивата на Матицата;
(10) го води регистарот на членовите на Матицата;
(11) се грижи за издавањето на членските легитимации;
(12) ги испраќа поканите за седниците на органите и телата на Матицата;
(13) ги информира членовите на Матицата и средствата за јавно информирање; и
(14) врши други работи и задачи што ќе му ги доверат Претседателот, Претседателството и Собранието.
Член 44
(1) Секретарот за својата работа и за работата на Стручната служба е одговорен пред Претседателството.
(2) За одговорноста на секретарот одлучува Претседателството на предлог на еден член на Претседателството.
(3) Ако Претседателството утврди одговорност на секретарот, работниот однос му престанува по сила на овој Статут.
VIII.3. БЛАГАЈНИК
Член 45
(1) Матицата има благајник.
(2) Благајникот го избира и разрешува Претседателството од редот на членовите на Матицата.
Член 46
Благајникот:
(1) ја води благајната на Матицата;
(2) собира членарина, донации и спонзорства во готово;
(3) врши набавки до благајничкиот максимум утврден со закон и одлука на Претседателството;
(4) најмалку двапати годишно му поднесува извештај на Претседателството; и
(5) врши други работи што ќе му ги довери Претседателството и Претседателот.
Член 47
(1) Благајникот за својата работа е одговорен пред Претседателството.
(2) За одговорноста на благајникот одлучува Претседателството со мнозинство гласови од вкупниот број членови, на предлог на Претседателот или член на Претседателството.
(3) Ако Претседателството утврди одговорност на благајникот, мандатот му престанува по сила на овој Статут.
VIII.4. ОВЛАСТЕН КНИГОВОДИТЕЛ
Член 48
(1) Матицата има овластен книговодител.
(2) Овластениот книговодител на Матицата го именува и разрешува Претседателството.
(3) Овластениот книговодител го води материјално-финансиското работење на Матицата во согласност со закон и врши други работи и задачи што ќе му ги довери Претседателот.
(4) Овластениот книговодител за својата работа одговара пред Претседателството. На предлог на Претседателот или член на Претседателството, Претседателството може да го разреши овластениот книговодител и да го раскине договорот на дело.
- МАТЕРИЈАЛНО-ФИНАНСИСКО РАБОТЕЊЕ
Член 49
(1) Средствата за работа на Матицата се обезбедуваат од: членарина, буџетот на општините, државниот буџет, приходи од сопствени дејности, доброволни прилози, донации, спонзорства, завештанија и подароци.
(2) Висината на месечната членарина се утврдува со одлука на Собранието, на предлог на Претседателството.
(3) Членарината се уплаќа месечно, шестмесечно или годишно, на банкарската сметка на Матицата.
Член 50
Финансиското работење на Матицата е во согласност со Закон, а надзор над материјално-финансиското работење врши надзорен одбор.
Член 51
(1) Матицата има една или повеќе банкарски сметки во една банка или повеќе банки што ги определува Претседателството.
(2) Потписник на банкарската сметка и наредбодател на матеирјално-финансиското работење на Матицата е Претседателот. Матицата може да има повеќе потписници на банкарската сметка доколку така одлучи Претседателството.
- X. ПРЕТСТАВУВАЊЕ И ЗАСТАПУВАЊЕ НА МАТИЦАТА
Член 52
(1) Матицата ја претставува и застапува претседателот на Матицата.
(2) Матицата може да ја застапува и лице на кое му е дадено полномошно што го издава Претседателот на Матицата.
(3) Со генералното или специјалното полномошно се уредува преносот на видот, обемот и траењето на овластувањето.
(4) Полномошното не може да се пренесува.
- ЈАВНОСТ ВО РАБОТАТА НА МАТИЦАТА
Член 53
(1) Работата на Матицата е јавна.
(2) Јавноста во работата на Матицата се обезбедува преку јавност на седниците на органите и телата на Матицата, со издавање посебни соопштенија, како и по пат на други средства за јавно информирање.
(3) Органите и телата на Матицата може да ја исклучат јавноста.
Член 54
(1) Матицата може да има јавно гласило и да се служи со други јавни гласила.
(2) Матицата по потреба издава посебни публикации, постојани и периодични билтени и други информативни содржини за информирање на членовите на Матицата и јавноста.
Член 55
Актите на органите на Матицата влегуваат во сила со нивното донесување, освен доколку органот на Матицата со актот го определил и денот на влегувањето во сила.
XII. НАЧИН НА ОДЛУЧУВАЊЕ ЗА ЗАЧЛЕНУВАЊЕ
И ИСТАПУВАЊЕ ОД ЧЛЕНСТВО ВО МЕЃУНАРОДНИ
ОРГАНИ, ОРГАНИЗАЦИИ И ЗАЕДНИЦИ
Член 56
(1) Матицата може да се зачлени и да истапи од членство во меѓународни органи, организации и заедници.
(2) Одлуката за зачленување и истапување од членство во меѓународни органи, организации и заедници донесува Собранието со мнозинство од вкупниот број членови, на предлог на претседателот или најмалку пет членови на Матицата.
Член 57
(1) Меѓународните и други договори во името на Матицата ги склучува и потпишува претседателот.
(2) Меѓународните и други договори ги ратификува Собранието.
(3) Претходната постапка за склучување и потпишување на меѓународен и друг договор се води во Претседателството.
XIII. НАЧИН НА ДОНЕСУВАЊЕ ОДЛУКИ ЗА ПРЕСТАНУВАЊЕ
НА МАТИЦАТА И РАСПОЛАГАЊЕ СО ИМОТОТ
ВО СЛУЧАЈ НА ПРЕСТАНУВАЊЕ
Член 58
(1) Одлука за престанување на Матицата донесува Собранието.
(2) Одлуката за престанување на Матицата се смета за донесена ако за неа гласат сите членови на Матицата.
(3) Матицата престанува со работа под условите утврдени со Закон.
Член 59
Во случај на престанување на Матицата, Собранието донесува одлука за правното наследство на нејзиниот имот и средства.
XIV. ЗАПИСНИЦИ
Член 60
(1) Записниците и стенограмите од седниците на органите и телата на Матицата и архивата на Матицата се чуваат како трајни документи.
(2) Записникот мора да биде потполн и вистинит и да го содржи текот на работата на седницата и донесените акти.
Член 61
(1) Секој член на Матицата има право на увид во секој записник.
(2) Записникот од седницата се доставува до членовите на органот и телото на Матицата.
- АМБЛЕМ
Член 62
(1) Матицата има амблем.
(2) Амблемот на Матицата се состои од глобус во чиј долен дел стилизирано се претставени планините, езерата и реките во Македонија, тутунот, афионот и македонскиот народен вез. Околу глобусот, од лево на десно, во круг е испишано: Матица на иселениците од Македонија.
XVI. НАЧИН НА ДОНЕСУВАЊЕ НА СТАТУТОТ
И ИЗМЕНУВАЊА И ДОПОЛНУВАЊА НА СТАТУТОТ
Член 63
(1) Предлог за пристапување кон донесување нов Статут и предлог за пристапување кон изменување и дополнување на овој Статут може да утврдат Претседателството или најмалку пет членови на Матицата.
(2) Предлогот за изменување и дополнување на Статутот се врши со амандмани.
(3) Собранието ја донесува одлуката за пристапување кон донесување нов Статут и одлуката за пристапување кон изменување и дополнување на овој Статут.
Член 64
(1) Нацртот на нов Статут или нацртот за изменување и дополнување на овој Статут, го утврдува Претседателството и го става на јавна расправа пред членовите на Матицата.
(2) Јавната дискусија трае најмалку еден месец, а најмногу три месеци од денот на утврдувањето на нацртот, што се определува со одлука на Претседателството.
Член 65
(1) Предлогот на нов Статут или предлогот за изменување и дополнување на овој Статут го утврдува Претседателството и му го поднесува на Собранието во рок од 30 дена по завршувањето на јавната расправа по нацртот.
(2) Собранието го утврдува одделно текстот на секоја одредба (член) од предлогот на нов Статут или изменувањето и дополнувањето на овој Статут.
Член 66
(1) Одлука за прогласување на новиот Статут или Одлука за прогласување на изменувањето и дополнувањето на овој Статут донесува Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Матицата.
(2) Амандманите на овој Статут се составен дел на овој Статутот со денот на нивното донесување.
XVII. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 67
(1) Секој член може да побара толкување на одредба од овој Статут.
(2) За толкување на одредбите на овој Статут надлежно е Собранието по предлог на Претседателството.
(3) Толкувањето станува составен дел на овој Статут.
Член 68
(1) Овој Статут влегува во сила со денот на донесувањето.
(2) Со влегувањето во сила на овој Статут, престанува Статутот донесен на седницата на Собранието на Матицата на иселеници од Македонија одржана на 25 февруари 2011 година (број 08-472 од 25 февруари 2011 година).
Дел.број 004/2023
25 февруари 2023 година
Скопје
Претседавач
на Собранието на Матицата на иселениците од Македонија
Тодор Петров
Претседател
на Матицата на иселениците од Македонија
Иван Џо Петрески