Skip to content

Сеќавање на Таше Шеќеров, носител на Илинденска споменица

Со Гоце крај Нисијанското блато

Со Гоце крај Нисијанското блато

24.03.2023

Во Скопје живее дедо Таше Шеќеров, роден во селото Нисија – Воденско, (Јужна Македонија), носител на Илинденска споменица.

Дедо Таше, иако годините го притиснале, се сеќава за минатото, а особено за средбата со водачот на Револуцијата во Македонија — Гоце Делчеви убиството на Фаредин-бет.

Погледнува дедо Таше во далечината, а спомените му навираат како планински извор.

– Бев 17-годишно момче кога првпат то видов Гоце Делчев. Бев во четата на Караташо војвода. Преку нашите курири и врски бевме известени дека Гоце Делчев ја напуштил Битола и кинисал на пат за Воден. Куририте итаа во сите правци за да го обезбедат водачот на Револуцијата. Ние во четата бевме сите возбудени, од војводата Караташо до најмладиот комита. Мене срцето ми чукаше така што ми се чинеше дека ќе ми излезе од градите. Ги стегнавме опинците, опашавме објалата, прицврстивме ремените, ја исчистивме облеката, се измивме на Нисијанското блато, ги светнавме малинхерите и ножовите и така спремни, според договорот, се сретнавме со Гоце крај Нисијанското блато. Бевме во состојба да го раскинеме на парчиња секој што Ќе се осмелеше да стави рака на Гоце Војвода.

За Гоцета многу веќе бев слушал. Се раскажуваа легенди за неговите подвизи, затоа и треперев од возбуда и горев од желба да го видам Гоце Делчев. Мојата желба се оствари. Три коњаници, носени како виор од брзоноги коњи, пристигнаа до нас. Челниот јавач, на коњот многу убаво се држеше. Имаше широко чело, големи црни мустаќи и бистар поглед на орел, беше токму комитата — Гоце Делчев. Рипна од коњот и првин се поздрави со војводата Караташо. Тие се прегрнаа и братски бакнаа. Потоа Гоце се ракуваше со секого. Мене цврсто ми ја стисна раката и ме чукна по рамото зборувајќи:

– На Македонија и се потребни млади и силни јунаци…!

Седнавме во близината крај Нисијанското блато, а Гоце исправен, ни одржа беседа:

– Браќа! Оваа земја е наша. Дедовците наши, татковците наши и ние се родивме тука. За нас поубава нема на светот. Погледнете го Воден, Лерин, Битола, Скопје и Солун… Дедовците, татковците и ние се бориме за ослободувањето на Македонија. Слушнав дека во Нисија, зулумите на Фаредин-бег, немале крај. Тој силник посегнувал рака по нашите мајки и сестри. Мојата наредба за вашата чета е јасна – силникот треба да умре! Многу мајки и сестри проплакале од тој тиранин. Тој како бег смета дека има право да работи што сака. Времето на беговите веќе мина… Караташо! Ликвидирај го силеџијата … !

Долго ни зборуваше Гоце, а потоа се поздрави со нас и замина на пат да ги обиколува другите чети и реони во поробената Македонија…

Наредбата на Гоце Делчев ја извршивме со задоволство. Почнавме да го следиме Фаредин-бег, како што денот ја следи нокКта. На секој чекор куририте и селаните ни праќаа абер каде оди бегот и каква придружба има. Една квечерина, кога сам се враќаше во својот чифлик, ние го чекавме во заседа. Рипнавме од своите места, каде што бевме скриени и ги вкрстивме ножевите во изедникот, силникот, незаситниот Фаредин-бег. Каков што му беше гнасен животот, така и го заврши, како обичен пес. Не оставивме никакви траги за да нема подоцна потери и афери околу убиството на силникот Фаредин- бег. Да нема одмаздување над невиното население. Ликвидирањето на, бегот одекна во целиот воденски крај.

– Што да ти кажам синко уште за Гоце Делчев. Тој беше душата и срцето на Организацијата за ослободувањето на Македонија од турското ропство. Таквите луѓе еднаш се раѓаат на сто години…

А. П. ЈОВАНОВСКИ

(Заб. Кога Алманахот веќе беше печатен стариот Шеќеров се премина.)

Архив: „Иселенички календар 1973“, Матица на иселениците од Македонија, стр.105-106, 1973

error: Content is protected !!