Македонска заедница во Србија
Ревија на македонскиот филм во Белград
15.11.2024
Во културната установа “Пароброд“ во Белград, вчера започна Ревија на македонскиот филм.
Првата српска ревија на македонскиот филм е тридневен празник посветен на наградените филмови кои освоиле признанија на меѓународни фестивали и носат силен уметнички печат на препознатливи македонски режисери и сценаристи во музиката и културата на Македонија.
Оваа манифестација носи врвни документарни, играни и класици, но и живописни музички изведби, кои преку спој на уметноста и традицијата, музиката и филмот, на најдобар начин ќе претстават дел од современата македонска музичка сцена.
Фестивалот се отвора со светски реномираниот документарен филм “Медена земја“, двапати номиниран за Оскар и добитник на фестивалот Санденс, означувајќи ја историјата на македонската и светската кинематографија.
По проекцијата на “Медена земја“ ќе следи разговор со режисерката Тамара Котевска, која преку мастер клас со студентите по филмска режија ќе го сподели уникатното искуство од работата на овој филм.
Посебно место во програмата има култниот филм “Дае“ на режисерот Столе Попов, првиот македонски филм номиниран за Оскар во категоријата најдобар краток филм во 1980 година, и краткометражни филмови како наградуваниот филм “Северен Пол“ на Марија Апчевска, кој освои над 19 награди и беше номиниран за “Златна палм“а во Кан и филмот “Бубачки“ во режија на Игор Иванов Изи, кој го освои “Златниот леопард“ на филмскиот фестивал во Локарно.
Во рамките на фестивалот за првпат ќе бидат прикажани филмски вести, ретки архивски снимки во соработка со Serbian Film News, кои низ автентични сцени прикажуваат сегменти од животот во Македонија во различни историски периоди.
Македонската музика како нераскинлив дел од оваа манифестација секојдневно е присутна преку музички изведби.
Ревијата е реализирана со поддршка на Министерството за култура на Република Србија, општина Стари Град, Филмскиот центар на Србија и Амбасадата на Македонија во Белград.