Skip to content

Македонска заедница во Канада

Прославена Василица во Мисисага

Прославена Василица во Мисисага

17.01.2023

Во организација на Македонската православна црковна општина “Свети Илија“ од Мисисага, по пауза од две години поради ковид санкциите и годинава во раскошната сала Чанди Викторија, беше прославена Василица – Македонската православна нова година.

Многубројните Македонци од околината на Торонто беа срдечно пречекани од претседателот на Македонската православна црковна општина “Свети Илија“ од Мисисага, Ацо Крстевски.

На свечената прослава на Василица присуствуваше и градоначалничката на Мисисага, Бони Кромби, која изрази огромно задоволство од средбата со Македонците што подоцна го сподели на социјалните мрежи, посакувајки среќна нова година на македонски јазик.

Прославата ја отворија водителите Весна Трајковска, претседателка на женската секција во МПЦО “Свети Илија“ и Иван Точко, играорец и кореограф во Фолклорниот ансамбл “Илинден“ кои го најавија претседателот Ацо Крстевски. Присутните ги поздрави претседателот на МПЦО “Свети Илија“ од Мисисага, Ацо Крстевски и градоначалничката Бони Кромби која од своите домаќини доби македонски дарови – реликвија со македонски мотиви и букет свежо цвеќе.

Пред присутните следуваше настапот на Фолклорниот ансамбл “Илинден“ при МПЦО “Свети Илија“. И малата и големата група изведоа сплетови на песни и ора од Македонија предводени од претседателот Ненад Попоски и кореографката Орхидеа Димова.

Годинашниот раководител на банкетот за Василица, Васко Недановски, заедно со Славе Трајковски ја предводеа лицитацијата на Василичираското печено прасе кое беше продадено за 2.300 долари кај семејството на д-р Благој Кожовски. Сите средства одат за работа на МПЦО “Свети Илија“.

Како и секоја година парохискиот свештеник отец Благој Пенев со своите колеги отец Илија Донев, отец Дане Илиевски, отец Ангел Станче, отец Сашо Целски и отец Александар Тодоровски учествуваа во молитвата и благословувањето на празничната василопита. Се продаваа и мазничиња со златна паричка, кои се подарок од Соња и Игор Касниоски со семејството, а најголема среќа за оваа Василица имаше малечката Стефани, нејзе и’ се падна златно париче.

Во забавниот дел покрај домашната реномирана музичка група “Балкан Ентертејнмент“, од Македонија, токму за оваа вечер допатуваа и познатата интерпретаторка на народни песни Стојне Николова и музичарот, клавијатурист Бобан Мојсовски. Тие до доцните ноќни часови ги забавуваа гостите кои ги имаше околу осумстотини.

Од овој несекојдневен настан, сигурно долго ќе се прераскажуваат случувањата, убавите моменти, прегратките, желбите и насмевките кои си ги упатувавме едни на други, честитајќи си ја Православната Нова Година.

Честитки до управата на МПЦО “Свети Илија“ за успешната организација на Василица 2023 година. За многаја лета! Амин!

error: Content is protected !!