Skip to content

Македонска заедница во Албанија

Промоција на романот “Буре Барут“ од Дејан Дуковски во превод на албански јазик

Промоција на романот “Буре Барут“ од Дејан Дуковски во превод на албански јазик

27.04.2023

Минатата недела во Пустец, во организација на здружението “Книжевен и културен активизам“ и Македонското друштво “Сонце”, беше промовирано делото “Буре барут” на драматургот Дејан Дуковски, во превод на албански јазик.
Делото “Буре барут” на албански јазик го презентираше Ерис Руси, професор на Универзитетот во Корча и претседател на здружението “Книжевен и културен активизам“.
– Благодарение на соработката со Институтот за книга и промоција во Албанија, здружението “Книжевен и културен активизам“ и’ даде живот на иницијативата “Соседите пред огледалото“ и ја донесе на албански јазик драмата “Буре барут“ на познатиот автор Дејан Дуковски од Македонија, во превод на познатата преведувачка Милена Селими. Дејан Дуковски зазема значајно место во Македонија и е еден од најценетите драматурзи во панорамата на драмската уметност во Европа, – рече Руси.
Додаде дека “како конкретен сведок на војната и конфликтите на Балканот, Дуковски ги опишува нејзините последици во претстава која е поделена на седум моменти, во секој населен со гротескен микрокосмос на очајни ликови кои го претставуваат сиот експлозивен потенцијал на ситуациите во кои секогаш се наоѓаат на работ на насилство”.
Според промоторот, “Буре барут“ не е само расплет на балканската природа, на контрадикторноста и апсурдноста што го анимира животот на заедниците и културите во постојан меѓусебен контакт.
– Овој текст го означува и надминувањето на лингвистичката граница, за да се приближиме до реалноста во која сите ќе можеме да се видиме како пред огледало каде што се одразуваат и нашиот сосед и нашата вчерашносот, историјата која негувала мир и конфликти меѓу нас. Ова беше причината што здружението “Книжевен и културен активизам“ одлучи на албански јазик да ја објави една од најмоќните драми на овој познат автор, на начин што објавувањето на текстот да циркулира, презентира и се дискутира на средби со експерти во ова поле, љубителите на драмската уметност и младите луѓе кои во театарот наоѓаат сила да ја променат реалноста, – посочи Руси.
На промоцијата присуствуваше и Јонела Спахо, деканка на Педагошкиот факутет при Универзитетот “Фан С. Ноли” во Корча, Пали Колефски градоначалник на Општина Пустец, Васил Стерјовски претседател на Македонското друштво “Сонце” и лидер на единствената Македонска партија во Албанија, наставници и ученици од средното училиште “Митре Колефски и Трајан Ѓорѓиовски” од Пустец и други гости.
Градоначалникот Колефски ги поздрави присутните и се заблагодари на организаторите, а во поздравниот збор Стерјовски вети повеќе вакви и слични културни активности во иднина.
Промоција на делото “Буре барут“ на авторот Дејан Дуковски се организира и во Корча.
error: Content is protected !!