Skip to content

Македонска заедница во Србија

Промовирана монографија „Вардар Вршац 2003-2020″

Промовирана монографија „Вардар Вршац 2003-2020″

08.02.2023

Во Вршац, во Градскиот музеј Конкордија, минатата недела беше промовирана монографијата „Вардар Вршац 2003-2020″ на Здружението на  Maкедонци „Вардар Вршац“.

Mонографијата „Вардар Вршац 2003-2020″ претставува развој на Здружението од основањето до  2020 година, со историски осврт на доселувањето на  Maкедонците од различни краеви на Македонија во Војводина и нивната афирмација во Вршачкиот округ. Таа има локален, меѓуопштински, мултиетнички и меѓународен карактер и претставува историска читанка за Mакедонците во Војводина затоа што се тие поврзани родбински, пријателски, културно…со желба да го сочуваат својот идентитет во соживот со другите национални заедници и општини.

Гостите ги плени почетокот на промоцијата со носталгичните звуци на традиционална македонска музика на кавал од страна на Дарко Ристески. Програмата беше збогатена и со изведба на традиционални македонски песни и носталгични звуци од страна на пејачката група Исток 10.

Во името на домаќините, присутните ги поздрави претседателката на Здружението на Македонци ,,Вардар Вршац”, Весна Мицевска Антал. Потоа тимот кој работеше на Монографијата, на чело со aвторот Стеван  Србиновски, ја долови содржината на Монографијата низ читање на резимето, кое го напиша Ленка Стојановиќ, читање цитати и кажување стихови, составен дел на Монографијата, од страна на соработниците на Монографијата: Љиљана Милојевиќ, Охридија Димитровска и Весна Мицевска Антал и пеење и свирење на кавал од страна на Дарко Ристески.

По мислење на присутните ,,оваа вечер мирисаше на љубов, национална равноправност, заедништво во национални разноликости, духовност, посебност на изразување, ширина на поимањето разноликост. Никој ни  не помисли која е вера или националност… “,, Сите осетивме голема љубов и желба да се  поврзиме без обзир од каде сме и повторно да се навраќаме на нашите корени и да се сочуваме од заборав…”,,Почит за мала група на луѓе за работа на вака големи проекти.”„Да има повеќе вакви средби, би дошле луѓе од разни краишта, би се собрале и поинаку би гледале едни на други.” ,,Се почувствувавме добродојдени…”

Помеѓу присутните  беа: претставници на здруженија на сите национални малцинства од Вршац и на здруженија на Македонци од Белград, Качарево и Пландиште, претставник на Општина Вршац, член на Одборот за култура, г-дин Tрајан Kaчина, претседателот на Националниот совет на Македонците, Борче Величковски, претседателот на Националниот совет на Романците, Валентин  Aрдељан, в.д. aмбасадорката на Република  Северна Македонија, Mихаела Веселинов, претставник на СПЦ, свештеникот Жељко, претставници на основните   и средните училишта, Педагошката академија, директорката на Градската библиотека, Весна Златиќанин, претставник на Градскиот музеј   и многу други граѓани, заљубеници во пишуваниот збор.

Програмата ја водеше Бојана Стојановиќ Росиќ, член на  Здружението „Вардар Вршац”.

Ленка Стојановиќ

error: Content is protected !!