Skip to content
Во катедралниот храм „Рождество на Пресвета Богородица“ во Мичиген

Осветување на нови антиминиси во американско-канадска православна епархија

Осветување на нови антиминиси во американско-канадска православна епархија

01.12.2022

Вчера во катедралниот храм „Рождество на Пресвета Богородица“ во Стерлинг Хајтс, Мичиген, се изврши редок и посебен чин на осветување на нови антиминси за сите македонски православни цркви во Американско-канадската македонска православна епархија.
Осветувањето на новите антимиси се изврши со Божествена Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Методиј во сослужение на сите свештеници од епархијата.
Антиминс е правоаголно парче ткаенина од лен или свила, обично украсено со претстави на Слегување на Господ Бог Исус Христ од крстот, Четирите евангелисти и натписи поврзани со Страст. Во ткаенината е зашиена мала реликвија на маченик.
Антимисот секогаш стои на светиот Престол во Олтарот, завиткано во илитонот и се чува под Светото Евангелие. На овој антиминс се служи Божествената Литургија. Антиминсот е замена за Престол, кој пак го претставува Гробот Христов, затоа на него се претставува погребението Христово.
Името антиминс е кованица од зборовите „анти“ – наместо, и „менса“ – трпеза, маса, односно, наместопрестолие, или подвижен Престол за служење Литургија.
Во првите векови, кога Црквата била гонета, и Литургијата се служела тајно, (обично врз гробовите или телата на мачениците, во краен случај и врз дланките на ѓаконите или врз градите на епископот) се употребувало платно во кое, при опасност, ги завиткувале светите дарови и бегале на друго место. Кога христијанството станува легално и слободно, почнуваат да се градат храмови врз гробовите на мачениците, а потоа од оваа пракса се воведува правилото, во секој храм, во светиот Престол во Олтарот задолжително да се полагаат свети мошти од свети маченици. Бидејќи антиминсот е замена за Престол, односно подвижен Престол, затоа е воведено и во него задолжително да се полагаат свети мошти од маченици.
Осветување на нови антиминиси во американско-канадска православна епархија
Поимот антиминс прв пат се сретнува во житието на преподобниот Маркијан Сиракуски (околу 700-та година) и означува подвижна света Трпеза (маса), на која светителот извршувал Божествена Литургија. Околу IX век во Византија се пренесувал обичај да се употребуваат осветени дрвени табли или платна за извршување на Божествената Литургија во услови кога немало воопшто или не бил канонски осветен светиот Престол. Овие табли, кои се користеле како престоли се познати и во праксата на антихалкидоните, кои биле прогонети, и поради тоа принудно извршувале Литургија на скришни места. Во писмото на свети Теодор Студит до Навкратиј се спомнуваат дрвени табли за служење Литургија, како и во посланието на автократорите Михаил Втори и Теофил до Карло Лудовик, се спомнуваат дрвени табли на кои има икони, и врз кои служеле Литургија. Светиот Никифор патријарх цариградски исповедник (починат во 828-та година) ги нарекува овие табли и платна антиминси. Изгледа овие антиминси нашле широка примена особено во текот на иконоборството. Подоцна во Црквата се употребувале антиминси само од платно.
Од XVII век антиминсот станува задолжителен за секој Престол, но можело и без мошти, а подоцна се наредува секој Престол да има антиминс, а во антиминсот да има свети мошти.
При осветување на храм се осветуваат и повеќе антиминси (а може и на обична Литургија, врз веќе осветен Престол, пред почетокот или за време на Литургијата), на кои е претставено погребението Христово, и на кои е наведено на кој датум, каде и од кој епископ е осветен антиминсот, и за која црква е наменет. Тоа е еден вид мандат за секој свештеник за да може канонски да отслужи света Литургија, доказ дека свештеникот има благослов од својот епископ да служи Литургија во конкретниот храм.
Антиминсот денес се чува на светиот Престол, здиплен под илитонот, и под светото Евангелие, а се отвора при доаѓањето на архиерејот, и во текот на Литургијата, кога се кажуваат ектениите за огласените. Врз него се извршува светата Литургија, врз него се подготвуваат честички за причестување на болни, а се затвора на крајот, на последната ектенија, по причестувањето.
При осветувањето на антиминси, се попрскуваат со миризливи материи, вода од трендафилови цветови (розова вода, етерично масло од розови трендафили), или мирисно вино, а се запечатуваат со свети мошти, намачкани со свето миро и запечатени со воскомастих (материја од восок, мастих-смола, темјан и мириси). По осветувањето на антиминсите тие остануваат во истиот храм уште седум дена, и во тие денови се извршува секојдневно божествена Литургија.
Бидејќи антиминсот е замена за светиот Престол, кон него треба да се однесуваме со голема побожност, не смееме да го оставиме да се валка, да се уништува, и никој освен клирот не смее да го допира. Исто така, не смее ни да се пере.
Осветување на нови антиминиси во американско-канадска православна епархија
error: Content is protected !!