Skip to content

Извештајот за правата на македонците во 2022 година

ОМО Илинден Пирин бара уставни измени во Бугарија

ОМО Илинден Пирин бара уставни измени во Бугарија

27.04.2023

ОМО Илинден – Пирин потсетува дека овој извештај го објавува 15 години по членството на Република Бугарија во Европската Унија, 32 години демократија и 59 години од почетокот на политиката на негирање, асимилација и дискриминација на македонското малцинство.
Според партијата на Македонците во Бугарија и во 2022 година се повредува правото на здружување и мирно собирање, говорот на омраза и дискриминацијата на која се подложени Македонците во Бугарија се засноваат на доминантната националистичка идеологија од времето на комунизмот, во која негирањето на постоењето на македонското малцинство и нација и третирање на самата идеја како непријателски кон Бугарија, играат клучна улога.
Со оглед на постојната ситуација, се вели во извештајот, тешко дека состојбата на Македонците во Бугарија може да се подобри без сериозна надворешна интервенција, особено од европските институции.
“Проблемот е многу стар и сериозен и бара итни мерки. Негирањето и дискриминацијата на македонското малцинство е последната тоталитарна политика во Европската Унија, се вели во извештајот на ОМО Илинден – Пирин и се даваат следниве препораки за промени:
Да се повлече одлуката на Уставниот суд од 29 февруари 2000 година и декларацијата на бугарскиот парламент од 6 март 1990 година, како и ставот на владата и декларацијата на Парламентот од 9 ноември 2019 година, според кои во Бугарија не постои формална македонска етничка припадност. Тие служат како идеолошка и правна основа на дискриминацијата. Владата официјално да се изјасни дека македонското малцинство повеќе нема да биде дискриминирано и дека неговите права ќе бидат заштитени.
Да се преземат мерки, уставната забрана за регистрација на организации со етничка основа да не може да се толкува и употребува против правото на малцинствата да создаваат организации.
Да се измени Законот за регистрација на невладини организации со воведување членови кои оневозможуваат самоопределувањето на малцинствата и заштитата на нивните права да се толкуваат како противуставни, антидржавни, загрозувачки на територијалниот интегритет и основи за одбивање на регистрација.
Бугарија да ги исполни одлуките на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) и македонските организации да бидат регистрирани. Спроведувањето на одлуките на ЕСЧП е од фундаментално значење за обезбедување владеење на правото. Да се укине постоечката блокада за регистрација на македонските организации.
Активен дијалог меѓу државата и претставниците на македонското малцинство за решавање на постојните проблеми. Во Комисијата за малцинства да влезе македонски претставник. Дијалогот треба да почне веднаш, без да се чека признавањето на малцинството, бидејќи “признавањето од страна на државата на малцинството не е предуслов за да биде квалификувана за заштита на Рамковната конвенција“, и да се фокусира на примената на Рамковната конвенција за Македонците.
Во идните пописи треба да се внесе посебна графа “македонски“ и при нејзиното спроведување јавно и официјално да се објави дека секој што се чувствува Македонец може слободно да се дефинира како таков, а истото да се внесе во упатството за попишувачите.
Треба да се преземат мерки за промовирање на толеранцијата кон македонското малцинство и заштита од говор на омраза и институционална дискриминација.
Изучувањето на македонскиот литературен јазик, култура и историја треба да влезе во образовните програми за децата на македонското малцинство, како и на државните универзитети. Во исто време, основните образовни програми треба да се модифицираат и да не го исклучуваат постоењето на македонската нација, малцинство и нивната историја, култура и јазик (нешто што не е ново и се правеше во минатото во Бугарија, а потоа беше напуштено).
Во подготовката на овој извештај учествуваа и Комитетот за човекови права “Толеранција“, Друштвото на репресираните Македонци во Бугарија, жртви на комунистичкиот терор, ОМО “Илинден“, Здружението за заштита на основните граѓански права, Граѓанската иницијатива за признавање на македонското национално малцинство во Бугарија и заштита на правата на граѓаните на Бугарија со македонска самосвест, Македонскиот клуб за етничка толеранција во Република Бугарија и Македонското меѓународно движење за човекови права од Канада.
error: Content is protected !!