Skip to content

Објавен конкурсот за меѓународната поетска награда „Мостови на Струга“

Објавен конкурсот за меѓународната поетска награда „Мостови на Струга“

09.01.2023

Фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ (СВП), во соработка со УНЕСКО, го објави конкурсот за меѓународната поетска награда „Мостови на Струга“ 2023 за најдобра дебитантска книга од млад автор, до 35 години. Конкурсот трае до 21 февруари 2023 година, до кога сите книги и пријави треба да пристигнат на поштенската адреса на Струшките вечери на поезијата, или во електронска форма, според условите наведени подолу.

Лауреатот ќе биде објавен на Светскиот ден на поезијата, 21 март 2023 година.

Услови за учество на конкурсот за наградата се дебитантски книги на млади поети под 35 години и дебитантските книги да се издадени во претходните две години, 2021 и 2022-ва.

Кандидатите треба да испратат 3 копии од книгата со која конкурираат на конкурсот, како и најмалку 7 песни од истата книга преведени на англиски јазик на поштенската адреса на Струшки вечери на поезијата (поштенски фах 111, 6330 Струга, Република Македонија) или преку Националните комисии за УНЕСКО на државите членки. Крајниот рок за пристигнување на книгите на адресата на СВП е 21 февруари 2023 година. Освен 3 копии од книгата (во печатена и во електронска форма), англиски преводи на 7 песни од истата книга, кандидатите треба да испратат и кратка биографија на англиски јазик. Апликацијата треба да се поднесе и во електронска верзија на адресата на СВП: struga@svp.org.mk (заради дополнителна сигурност, потребните документи треба да се пратат и на spefestival@gmail.com) Исто така, кандидатите треба да го испратат ISBN бројот заедно со потребните материјали.

Националните комисии за УНЕСКО се поканети да ги примат апликациите и за тоа да ги информираат Струшките вечери на поезијата. Наградата вклучува статуетка, паричен износ и објавување на книга на поетот–лауреат во превод на македонски јазик.

Поетот–лауреат ќе биде поканет да учествува на изданието на „Струшките вечери на поезијата“ во Струга, Македонија, кон крајот на август 2023 година, каде и ќе му биде врачена наградата на манифестацијата „Мостови“.

Конкурсот е објавен на веб страницата на Струшки вечери на поезијата:

Меѓународна поетска награда „Мостови на Струга“ 2023

error: Content is protected !!