Skip to content

Среќен роденден Дома на млади – „25 Мај“

МКЦ точно напладне ги отвори вратите исто како пред 50 години

МКЦ точно напладне ги отвори вратите исто како пред 50 години

28.12.2022

Денес, напладне Младинскиот културен центар ги отвори своите врати за сите посетители, токму онака како што биле отворени во далечната 1972 година на 28 декември.

Целодневната програма зпочнува во 12 часот со програма за најмладите, односно отворени предавања во планетариумот. Во текот на попладневните часови ќе се одржат работилници за танц за деца, новогодишна работилница за деца со образовни потреби, работилницата „Арт и Крафт“ со уметниците Драган (Драш) Китановски и Марјан Димиќ, како и настап на инклузивниот хор „Ветерница“ и здружението „Трисомија 21“ по што следува и театарска претстава за деца „ЏИНче“ од театарот „Сенки и облаци“.

Програмата потоа продолжува со промоција на книгата „Неправилен ритам“ од музичкиот критичар и новинар Љупчо Јолевски во киното „Фросина“ од 18.30 часот. Во киното „Фросина“, со почеток од 15 часот, па сè до раните утрински часови, ќе се одвиваат проекции на филмови од програмата „Фестивали на гости“, која вклучува филмски проекции на фестивалите што со години веќе традиционално се одржуваат во Младинскиот културен центар: „Џифони“, фестивалот на планинскиот филм ЕХО , Скопскиот филмски фестивал, „Македокс“, „Киненова“, Филозофскиот филмски фестивал и новооформениот фестивалот на анимирниот филм „Флипбук“.

Во 19 часот е закажан перформансот на уметникот Мирослав Масин, кој специјално за јубилејот 50 години МКЦ наслика дело со наслов „Птици“, кое ќе биде трајно изложено во просториите на институцијата. Во рамките на ликовната програма планирани се ретроспективни изложби на плакати на МКЦ, како и дела на уметници што изложувале во галеријата, како и ликовен перформанс на младите автори Бранкица Јордановска, Ертунч Сали, Сања Симоска, Филис Синаноска, Воскресија Андреевска и Амир Карахасан со наслов „Го цртаме МКЦ“.

Главниот протоколарен дел е закажан во 20 часот, со настап на двата ансамбла на МКЦ, Градскиот дувачки оркестар и Женскиот младински хор, кој оваа година слави јубилеј 50 години, како и својата матична институција. По тоа, следуваат долгоочекуваните настапи на музичките групи „Бадмингтонс“, „Санаториум“, „Чиста околина“, Дина Јашари, „Суперхикс“ и 21 век.

Во новооформениот простор Клуб МКЦ, со почеток од 22 ч, ќе пуштаат музика 20 најтесно селектирани диџеи, кои имаат цел да ја анимираат публиката до раните утрински часови.

Да не ги заборавиме и двата одлични настана за прослава на литературната програма во МКЦ: „Битката на недоискажаните, односно фристајл-битка на поетите версус раперите“, како и поетскиот перформанс „Поетска епизода 3“.

Театарската програма ќе се одвива во рамките на проекции на театарски претстави со наслов „Што сме можеле да имаме на МОТ, а што никогаш нема да имаме“ – со проекции на генијални, современи театарски продукции, кои можеби еден ден ќе бидат дел од репертоарот на фестивалот. Овие проекции ќе почнат во 17 часот и ќе се одвиваат во Џебното кино на МКЦ.

Покрај споменатите програми во рамките на дејностите на МКЦ, ќе се одржат и неколку презентации и работилници, односно работилница за мајсторијата на скречувањето со диџеј Гоце и Чваре, предавање на Архитектонскиот факултет со наслов „Невидливо Скопје“ и презентација на филмскиот клуб „Ед Вуд“, кој со години функционирал во рамките на МКЦ, со проекција на филм на Гоце Цветановски.

Влезот на сите настани е бесплатен и отворен за сите посетители.

error: Content is protected !!