Македонска заедница во Србија
Мирен протест на Македонците пред канцеларијата на Демократската партија на македонците во Панчево
20.05.2024
Поради губење на просториите и седиштето на Демократската партија на Македонците (ДПМ) во Панчево, отпуштањата, опструкциите, неможноста за политичко организирање, Македонците од ДПМ денеска протестираат пред своите простории и го повикаа раководството на Република Македонија да реагира и да ги заштити.
Во соопштението до медиумите на ДПМ се наведува дека во пресрет на локалните избори во Србија на 2 јуни и можноста што ја имаа за соработка со владејачката СНС по разговорите водени со градоначалникот на градот Панчево, Градската управа одлучила да ги исели од просторитте (20м2) во кои над 20 години е седиштето на ДПМ.
– Целосно разочарани од ваквиот развој на ситуацијата, решивме јавно да излеземе и да го изразиме нашето незадоволство од нефер односот кон најголемата малцинска етничка заедница во Панчево. Локалните власти на градот Панчево со закани, опструкции, подметнувања, отпуштања, не ни дозволија политички да се организираме, ни забранија општински оверувачи за изборите, ја исклучија струјата во споменатите простории за да не’ спречат во собирањето на потписи, и сето ова поради тоа што во Панчево не има 5000 Македонци според последниот попис, а многу повеќе во вистинска смисла. Значи, на Македонците на територијата на градот Панчево, општина Опово и општина Пландиште им се забранува да имаат макар и еден одборник во локалните самоуправи, – се вели во соопштението на ДПМ.
Во него се додава дека „сакаме да веруваме дека тоа не е став на раководството на Република Србија, туку став на локални моќници кои не бираат средства да донесат што е можно повеќе потписи (гласачи) во централниот штаб и да се додворат“.
Од ДПМ бараат да си ги остварат најосновните граѓански и малцински права, потенцираат дека ваквиот соживот на Македонците во Србије е неподнослив и го повикуваат раководството во Македонија да ги заштити.
– Ние Македонците сме конститутивен, братски народ, лојален на Република Србија, ги дадовме нашите животи во сите претходни војни, кои не беа малку на овие простори, редовно плаќаме даноци и затоа сакаме да ни се овозможи да ги оствариме нашите најосновни права. Заплашувањето, заканите и асимилацијата не се фер однос кон нас, бидејќи додека ова ни се случува во Србија, во Република Македонија српската заедница добива министер, имаат пратеници, а нам ни е ускратено правото и на обичен одборник во локалната самоуправа. Поради сето ова, сметаме да сега е јасно дека соживотот на нас Македонците на територијата на Република Србија станува неподнослив и сметаме дека, меѓу другото, тоа е последица на невниманието на нашата матица за нашата позиција во последните 7 години. Во тоа име ја користиме приликата да го повикаме раководството на Република Македонија да реагира и да не’ заштити, во спротивно на следниот попис нема да има Македонци на територијата на Република Србија, – изјави претседателката на ДПМ Маја Георгиевска.
Основното прашање, е кому служи овој притисок врз Македонците во Панчево и Србија?