Skip to content

Македонски уметници на групна изложба во Венеција

Македонски уметници на групна изложба во Венеција

23.05.2023

Македонските уметници Марија Павловска од Македонија/САД и Мице Јункуловски, Македонија учествуваат на изложбата насловена „Уметноста го обединува светот“ на група интернационални уметници која е отворена викендов во палатата Албрици-Капело во Венеција.
Изложбата е поставена како паралелен настан на Биеналето на архитектура Венеција 2023, а има изложено дела од Клара Афонсо од Португалија, Патриција Казагранда од Германија, Арлета Чехиќ од Босна и Херцеговина, Јулија Дјаченко, Владимир Мартинов, Дима Сухов и УЛАН од Русија, Хелга Елбен од Германија, Кенрио Хара од Јапонија, Марко Кусмук од Србија и Ана Монтанаро од Италија, а куратор е Корнелија Конеска, директорка на ОСТЕН АРТ Скопје.
-Сликите изложени во прекрасната Палацо Албрици-Капело сместена во срцето на меѓународната уметност – Венеција, прикажуваат дела кои претставуваат широк спектар на стилови и традиции, од апстракција до фигурација, од традиционална уметност до поп-арт. И покрај нивната различност, сите овие дела имаат заедничка нишка: тие комуницираат со универзален јазик кој зборува за човечката состојба, без разлика од каде доаѓаме или во што веруваме. Секоја слика на оваа изложба покажува како уметноста може да биде катализатор за поврзување, комуникација и разбирање, вели Конеска.
Преку универзалниот јазик на боја, форма и емоции, овие дела, вели таа, нè повикуваат да го видиме светот низ нови очи и да ја цениме убавината и сложеноста на светот што го споделуваме.
Организатори на изложбата се Германско-италијанското друштво – ACIT (Associazione Culturale Italo-Tedesca) во Венеција по идеја на Маријана Гнездилова, Русија, во соработка со OKXSA Projects (Оксана Жудина Бого, претседател и основач), ОСТЕН АРТ Скопје (Корнелија Конеска, директор) и СНЕГ Галерија Москва (Александар Филипов, директор).
Изложбата е под покровителство на Генералниот конзулат на Сојузна Република Германија во Милано, во соработка со АГИМУС Венеција и со поддршка на Гете Институт Италија.
Изложбата е отворена на 20 мај, а посетителите ќе можат да ја погледнат до 24 јуни.
error: Content is protected !!