Skip to content

Директни сведоштва по убиството на Мирче Ацев

Директни сведоштва по убиството на Мирче Ацев

04.01.2023

Мирче Ацев (20 октомври 1915 – 4 јануари 1943) е македонски национален деец и народен херој на Македонија.

Името го добил по стрико му Мирче Ацев – војвода од времето на османлиското владеење во Македонија. Неговата сестра, Вера Ацева исто така учествувала во НОВ и прогласена е за народен херој. По завршувањето на основното четирикласно училиште во Ореовец, заминал да учи гимназија во Прилеп. Во учебната 1933/1934 година Мирче Ацев се запишал во петти клас во Битолската гимназија. Матурата ја завршил во летото 1937 година. Се запишал на Правниот факултет во Белград. Уште во почетокот на студиите се вклучил во Организацијата на напредните студенти. Се спријателел со Кузман Јосифовски – Питу, а од тие денови датира и неговото другарување со Страшо Пинџур.

Член на Комунистичката партија на Југославија станал во 1939 година. Задолжен и за организација и раководење на студентската колонија во Охрид. Во летото 1939 година во градот ја формирал првата партиска организација и првиот местен комитет на КПЈ. Раководител на колонијата во Охрид бил и во наредната 1940 година. Во почетокот на 1940 година бил испратен на илегална работа во Скопје и сè до 6 април 1941 престојувал во градот. Овде ја организирал партиската техника на Покраинскиот комитет и заедно со Страшо Пинџур го подготвувал печатењето на партискиот орган, на весникот „Искра“.

Уште во самиот почеток на бугарската окупација се вклучил во ослободителното движење. Од крајот на 1941 година до пролетта 1942 Мирче престојувал во Битола. Иако во длабока илегалност, работел со организациите во Ресен и во Охрид. Во средби со напредни дејци и во писма, Мирче ја критикувал неактивноста на Покраинскиот комитет, што имало влијание врз промената на неговиот состав во пролетта 1942 година. Во јуни истата година тој станал привремен секретар на Покраинскиот комитет. Заедно со Кузман Јосифовски – Питу се залага за примена на курсот за вооружена борба и пристапува кон формирањето неколку нови партизански одреди во Македонија.

Мирче заедно со Страшо Пинџур во септември 1942 година излегол на терен. Намерата им била да ги посетат партизанските одреди и партиските организации во Велешко и Прилепско. Сосема случајно бил уапсен на 19 декември 1942 во Велес, заедно со Страшо Пинџур.

По долго физичко измачување во Обласната полициска управа во Скопје и без судски процес, по петдневно ѕверско мачење, обајцата биле убиени од бугарската полиција на 4 јануари 1943 година (биле фрлени низ прозорец).

Директни сведоштва за мачењето и убиството на Мирче Ацев, дава началникот на бугарската државна безбедност Љубомир Јорданов.

“Тој одби да даде какви и да било податоци за својата дејност, па поради тоа го тепавме за да изнудиме од него признание. На неколку наврати беше жестоко тепан по табаните. Нозете му беа ужасно отечени… Се чудев како може да поднесува толкаво тепање без збор да каже. Тој беше затвореник кој беше најмногу мачен, а се покажа најцврст. Едвај одеше и ми рече дека повеќе ништо не чувствува во нозете, бидејќи му беа претепани. За сето време додека беше тепан не викаше, не испушташе ниту еден збор. Околу 6 часот приквечер јас, Христо Стоилов и Васил Цанков седевме во кабинетот на Цанков. Токму во тоа време дојде агентот Крум Панков и му се обрати на Цанков со следниве зборови:

“Господине началник, Мирче Ацев е во многу тешка положба, умира.” Тогаш Цанков рече: “Добро, појди таму”.

Бидејќи Крум Панков излезе, Цанков ми рече: “Кажи му на Симеонов (директор на Обласната полиција) дека сам се убил.

Кога се слушнало за апсењето на Мирче и Страшо, Вера Ацева се сретнала со братучеда и’ Вера Оровчанец во Скоје. „ПК е известен дека Мирче и Страшо се фатени во Велес. Ние се сомневаме во тие вести бидејќи не се знае сигурно дали се фатени. Добро е да појдеш во полиција. Претстави се дека си сестра, разбери што можеш.“ Вера Оровчанец веднаш пошла во станицата. Кога полицајците дознале зошто е дојдена почнале да ја распрашуваат. „Ви кажав дека сум му сестра на Мирче Ацев и низ Прилеп се пренесоа гласови оти е брат ми затворен“. „Ние не знаеме дали е тој што велиш брат ти или не, но ние фативме двајца големи комунистички водачи , ама молчат, ниту имињата не си ги кажуваат. Едниот умре!“

Од полицијата Вера Оровчанец отишла да се сретне со Вера Ацева позади црквата Св. Кирил и Методиј. И кажала што дознала и решиле сега да појде во болницата, во мртвечницата да го побара Мирче. Кога чуварот дознал за што е дојдена не ја пуштил внатре. Од болница оди кај другарка која го поддржувала НОБ и таму им раскажува што се случило. Мајката на другарка и’, Пара Деспотоска веднаш тргнува со неа повторно во болницата. Го молат чуварот да ги пушти. По долго молење, плачење и ветување пари тој ги пушта внатре. Вера влегла прва. Од глетката што ја видела внатре, нафрлани трупови еден врз друг со искршени раце и нозе се онесвестила. Ја извадиле надвор. Откако се освестила повторно влегле внатре и почнале да ги превртуваат труповите. Мирче и Страшо не биле меѓу нив. Чуварот им рекол да погледнат и во фиоките. Почнале да отвараат. Прво се појавило телото на Страшо. Солзи почнале да и течат а се давела да не пушти глас. Да не вика силно… силно. „Значи ова е брат ти“? „ Не, не, ова е другарот на брат ми.“ Во другата фиока било телото на Мирче. Останала занемена. Телото било отчовечено, одличено. Главата смачкана, ноктите откорнати, фалле прсти на рацете и нозете. Го познала по праменот коса и пуловерот што го носел. Не издржала. Се фрлила врз трупот. Чуварот кога видел дека го нашла Мирче почнал да ги брка. Стоеле како скаменети. Повторно почнале да молат. Сега за да го земат телото. „Ние сме многу богати…многу! Само кажи колку?! Ако дозволиш да го подигнеме телото ти ќе бидеш позлатен и никој нема да дознае“. На крај чуварот се сложил утредента в зори да им го даде телото. Му ставиле неколку банкнот во џебот и му ветиле уште многу пари.

Вечерта Вера Ацева и Вера Оровчанец се сретнале во куќата на Ацо Петровски. Таму го испланирале преносот на мртвото тело на Мирче. Вера Оровчанец ноќта ја поминала кај Ристо и Пара Деспотоски. Ристо набавил ковчег и бидејќи бил таксист веднаш рекол дека тој ќе го пренесе телото до Прилеп. В зори, на 13 јануари, Вера и Ристо отишле пред болницата. Му дале неколку илјади лева на чуварот, го земале телото и тргнале кон Прилеп.

Претпладнето, на Василица низ Прилеп се шепотела црната вест. „Мирче е убиен“, „Мирчета го донесоа“, „ Ја виделе братучеда му Вера од Оровчаните во автомобилот што дошол по влашко џаде и носел мртвечки сандак“. Вера веднаш се упатила во домот на Мирче и кон сопствениот дом во Ѓогдере. Таму биле двете сестри Цветанка и Менка, братот Димче кој бил времено пуштен од интернација и братучедот Киро Оровчанец. Родителите не биле тука. Биле интернирани во „старите предели“ на „превоспитување“. Од постарите дома ги дочекал вујкото на Мирче и татко на Вера и Киро, Никола Оровчанец, кој само пред еден месец се разделил од Мирче пред дуќанот на Хамди Алидин во Скопје. Вера со последни сили се простила од мртвото тело на Мирче и избегала во прилепските кории. По неа веќе трагала полицијата. Никола почнал со подготовка на погребот. Требало брзо да се дејствува зашто полицијата била на пат. До гробот го следеле само Киро и Никола Оровчанец. Сите други роднини или биле во партизани, или во интернација или не смееле да се појават. Сепак скоевската младина не дозволила да не го испрати Мирче до вечното починалиште. Се наредиле по прилепските улици и немо и со спуштени глави со поглед  ја следеле поворката со мртвото тело до градските гробишта.

Во чест на Мирче Ацев, првиот баталјон на Народноослободителната војска на Македонија, формиран на 18 јули 1943 година, го доби неговото име. Беше член на Покраинскиот комитет на КПЈ на Македонија од 1941 година и член на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија.

error: Content is protected !!