Skip to content

Македонска заедница во Хрватска

Денови на националните малцинства во Загреб

Денови на националните малцинства во Загреб

02.10.2023

Овој викенд, во Загреб, на Зрињевац, традиционално се представија националните заедници кои живееат и работат во Загреб. Македонското национално малцинство во Град Загреб, подржано од членовите на Советот на МНМ ГЗ, наставничките по македонски јазик, МКД „Охридски бисер“ и бројните Македонци ја представија наставата по македонски јазик и култура, своите препознатливи јадења и пијалоци и традиционалните народни носии и музика.
Во сабота, како дел од настанот, се одржа и настава по македонски јазик и култура. Припадниците на македонското национално малцинство своето уставно право на образование според моделот „Ц“ го остваруваат во основните училишта „Никола Тесла“ и „Август Харамбашиќ“ (40 ученици) и во „Прва гимназија“ во Загреб (12 ученици).
Наставниците по македонски јазик и култура Деспина Белчовска Велинска и Ивана Брезовец со своите ученици одржаа кратки презентации за изучувањето на македонскиот јазик пред минувачите преку бои, бројки, зборови и кратки честитки со што го приближија македонскиот јазик во социокултуролошки контекст и до идните ученици како значаен елемент за развој и зачувување на македонскиот јазик како дел од нашиот идентитет. Во Музичкиот павилјон учениците настапија со рецитирање на „Дај ми – на ти“ и читање на поезијата од македонските поети.
Во неделата, Советот на македонското национално малцинство на Град Загреб, со поддршка на своите советници, Македонците во Загреб и во соработка со МКД „Бисер Охридски“ со гордост ги претставија своите препознатливи елементи на културниот и национален идентитет – препознатливи македонски јадења, музика и народни носии. Во Музичкиот павилјон настапија членовите на МКД со македонски антологиски песни: „Ој Вардаре Македонски“, „Јовано, Јованке“ и „Не си го продај Кољо чифлигот“.
Оваа традиционална манифестација уште еднаш покажа дека посебните права и слободи за припадниците на националните малцинства се неделив дел од демократскиот систем на Република Хрватска.
error: Content is protected !!