Skip to content

Во името на еден терор

Во името на еден терор

03.11.2022

Раководно тело на

Илинденската организација

Број 432

17 април 1924 година

Софија

До Господинот Претседател на Министерскиот совет

Господине Претседателе,

Се случи многу пати бугарската држава да се обидува да го стави во свои рамки текот на македонското прашање. И додека се мислеше дека една силна држава како бугарската пред 1912 година може да го решава македонското прашање, и додека беше најобично да се гледаат обидите на државата да ја насочува дејноста на организациите на емиграцијата, сега – по настанатите катастрофи што ја разобличија бугарската дипломатија и нејзината способност за „ослободување“ – му стана јасно на секого дека македонското прашање може да биде насочено за прв пат само ако се движи по верните насоки од некогашната Внатрешна организација, односно по насоките за самостојна и независна Македонија.

Јасно е дека бугарската држава работејќи спротивно – во правец на сфери и делби – не може во нашите очи понатаму да биде носителка на македонското прашање. Со други зборови, јасно. е дека МАКЕДОНСКОТО ПРАШАЊЕ Е МЕЃУНАРОДНО ПРАШАЊЕ. Тоа ќе беше прашање на Бугарија, Србија и на Грција, доколку неговиот развој ја засегаше внатрешната положба на тие држави и доколку општеството и народностите како Бугарите во Бугарија, а Хрватите, Словенците и Црногорците во Југославија, и напредните движења во Грција го потпомагаа и го потурнуваа напред кон меѓународната сцена.

Врз основа на тој принцип, емиграцијата на Македонија, распрсната низ Бугарија, Романија, Турција и Америка е носителка на сопствен политички идеал што го спроведува со сите свои законски средства. А бидејќи тоа е така, еднаш за секогаш нека се разбере дека емиграцијата во Бугарија, чија дејност се одвива според законите во земјата која и дава гостопримство, ниту може да врви спрема политичките задачи на бугарската држава, ниту може да дава жртви во името на нејзините „државни интереси“ особено кога тие жртви се за сметка на решавањето на македонското прашање.

Нека се разбере еднаш за секогаш дека бугарскиот државен патриотизам, со кој често сакаат да се китат бугарските државници уште од 1890 година па до денес, и македонскиот патриотизам се две работи, меѓу кои не само што нема ништо општо, но кои се спротивни. И, ете, сите дејности на бугарските влади, вперени против самостојноста на македонското прашање и против самостојното движење на македонската емиграција – макар и скриени зад параванот „бугарски државни интереси“ – за нас Македонците биле и се само нови и нови гревови кон несреќна Македонија.

Тој мал историски осврт ни беше неопходен за да ги именуваме со вистинско име сите овие мерки со кои не’ засипуваат уште од 1918 година па до денес, мерки кои секој ден примаат нови и нови форми; интернации, затвори, суспендирање на весници, забрана на филмови, на собранија и на конгреси – мерки што во името на „државните интереси“ еден ден ќе доведат до растурање на  македонските организации, и на прво место на нашата, како што еднаш се случи во времето на владата на Стамболиски.

Јасно е за нас дека тие мерки го следат зацртаниот пат за да се отстрани од лицето на македонската дејност се она што се испречува пред бугарската држава по патот на нејзиното зближување со Србија и ќе продолжат се додека македонските организации станат, спротивно на своите идеали, авангарда на бугарската државна политика или додека да ги растурат.

Разликата во примената на тие тенденции при една или при друга влада е само во тактиката: додека владата на Стамболиски дејствуваше брутално, Вашата или го поткопува авторитетот на организациите, фрлајќи ги своите гревови на Македонците, или спроведува систем на постепени мерки.

Во името на еден терор

Малку е важно тоа дека ние сме легална организација, малку значи тоа дека со суспендирањето на весниците се суспендираат сопствените закони, и малку значи тоа дека со преследувањето, со запирањето на весниците им се дава на знаење на непријателите дека навистина има нешто конспиративно во нашата легална организација; мало значење има, најпосле, и фактот дека еден весник, едно собрание, еден филм, не може да биде повод за туѓи непријателски дејства, ако таа дозволува, поводи се наоѓаат многу лесно, но не од македонските редакции, туку од македонските граници. Да, мало значење имаат сите тие противречности, зашто е важна целта. А таа цел е – ПОТЧИНУВАЊЕТО НА МАКЕДОНСКОТО ПРАШАЊЕ И НА МАКЕДОНСКАТА ЕМИГРАЦИСКА ДЕЈНОСТ НА БУГАРСКИТЕ ДРЖАВНИ ИНТЕРЕСИ. И ако денес по повод забраната на весникот „Пирин“ ова ви го велиме отворено, тоа е зашто мислиме дека изнесувањето на вистината е нашиот најсилен протест. Таа вистина ја изнесуваме и пред вас и пред нашите другари илинденци за да можат тие самите да ги извлечат заклучоците од непрекинатите мерки против нас од страна на Вашата влада; ја изнесуваме за да се тури крај на легендата дека некогаш имало, дека и денес има бугарски државни мажи – македонофили.

Истовремено со тоа треба да ви изјавиме дека, во името на нашиот самостоен идеап кој ние не можеме да го жртвуваме за вашите државни тенденции, ние еднаш засекогаш треба да бидеме третирани не како ДЕЛ ОД БУГАРСКАТА ДРЖАВА НО КАКО НЕЗАВИСЕН ЕЛЕМЕНТ, ИАКО СМЕ ЕДНОПЛЕМЕНИЦИ.

Во името на таа независност, ние имаме самостојни права што ги имаат сите гости на бугарската држава: Турците, Ерменците, Грците, Русите и други. Поради истите причини ние успеавме да го зачуваме македонскиот правопис од посегнување на бившата влада; поради истите причини ние сакаме да се зачуваме сега од вашите посегнувања врз македонскиот печат, врз македонскиот организационен живот, зашто ако Нојскиот договор дава такви права за нашите браќа во Србија и во Грција, зошто тие да ни се одземат овде?“

Во името на тие наши самостојни права, во името на меѓународните договори што ни го дозволуваат легалниот организационен живот, во името на една посветла идеја што ние ја следиме – идејата за балканска федерација како крај на сите досегашни завојувачки и одделни аспирации што носат само катастрофи и несреќи, идеја што ги решава и националните проблеми и прашањето за излез на море – ние, господине претседателе, остро протестираме. против сите ваши посегања спрема наполно законскиот карактер на нашата Организација и сакаме наполно да ни се вратат сите наши прегазени права, зашто, најпосле, иако тенденциите на државната политика не го дозволуваат тоа, законите на земјата го дозволуваат.

Раководното тело
на
Илинденската организација

 (Оригиналниот документ е сместен во оставштината на Арсение Јовков што се наоѓа во Историскиот Музеј на Македонија, а е заведен под број 120).

 Архив, Илустрирано списание на Матица на иселениците од Македонија, „Македонија“, бр.312, април 1979

error: Content is protected !!