Научен собир: 80 години излегувањето на првиот број на весникот„Нова Македонија“
Весникот што е синоним на македонската државност
30.10.2024
Во организација на Институтот за национална историја при Универзитетот „Св Кирил и Методиј“, како и на Матицата на иселениците, а под покровителство на Општина Чашка, во Горно Врановци се одржа научен собир по повод 80 години од излегувањето на првиот број на весникот „Нова Македонија“.
На отворањето на собирот свои обраќања имаа Градоначалникот на Општина Чашка, Горан Стојановски, директорот на Институтот за национална историја, проф. д-р Митко Панов; претседателот на Здружението на македонските имигранти-ЕГЕ, Мустафа Кемал Узункаја; како и главниот и одговорен уредник на „Нова Македонија“, Милко Живковиќ.
Акцентот во нивните обраќања беше ставен врз улогата што „Нова Македонија“ ја имаше како стожер на македонската државност, почнувајќи од АСНОМ, па до ден денес. Уште беше посочена и потребата за продолжување на мисијата на весникот, за негово поголемо вклучување во образовниот процес за да може кај новите генерации да се воспостави култура на читање, но истовремено и да се запознаат подетално со улогата на весникот и неговата историска димензија.
– Би сакал да ве поздравам од името на редакцијата на Нова Македонија и да ви се заблагодарам што со вашето присуство го збогативте одбележувањето на овој значаен јубилеј за весникот, но и за државата, токму на местото каде што е отпечатено првото издание. Се заблагодарувам на Институтот за национална историја и на Матица на иселениците за идејата и организацијата на научната конференција, која со опфатените теми дава приказ за долгогодишната работа и традиција на Нова Македонија, како и за тесната поврзност на весникот со сите сфери од општествениот живот. Сето ова претставува поттик да продолжеме со посветена, професионална и квалитетна работа во линија со националните интереси и во годините што доаѓаат – истакна во своето обраќање Милко Живковиќ, главен и одговорен уредник на „Нова Македонија“.
Потоа научниот собир посветен на 80-те години од печатењето на првиот број на „Нова Македонија“ продолжи со излагања поврзани со улогата на весникот низ сите години од создавањето на современата македонска држава, почнувајќи од минатото, работењето во НИП-от, поседувањето на широка дописничка мрежа и за плејадата новинарски пера што поминаа низ редакциите на весникот. Тематските обраќања на конференцијата „Нова Македонија“ ќе ги објави во неколку продолженија во следните броеви.
Меѓу присутните, покрај сопственикот на весникот Минчо Јорданов, беа и претставници од Здружението на македонските иселеници – ЕГЕ од Измир.
На крајот организаторите на собирот на сите учесници им доделија пригодни благодарници.
Нова Македонија