Skip to content

Друштво на писателите на Македонија

Весна Ацевска и Новица Ѓуриќ добитници на „Книжевен Жезол”

Весна Ацевска и Новица Ѓуриќ добитници на „Книжевен Жезол”

16.02.2023

Наградата „Книжевен жезол“ за 2023 година ДПМ  ја додели на поетесата Весна Ацевска и поетот Новица Ѓуриќ од Црна Гора. Преку доделувањето на меѓународната награда „Книжевен жезол“ се прави мост меѓу македонската култура и јазик и другите култури и јазици.

Реномираната награда „Книжевен жезол“ за поетски опус што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија секоја година на еден домашен и на еден странски поет се врачува во јуни на манифестацијата Празник на липите во Скопје. Исто така, оваа награда се крунисува со чествувањето на поетското творештво на лауреатите и се изразува преку објавување заедничка збирка поезија во рамките на традиционалната едиција на добитници на оваа награда.

Весна Ацевска (1952) е современа македонска поетеса.  Преведува од руски и од јужнословенски јазици. Објавила девет поетски збирки (Подготовки за претстава, 1985; Карпа за скок, 1991; Котва за Ное, 1994; Неред во огледалото, 1996; Кула во зборот, 2005; Столисник, 2008; Будност. Лотос, 2012; Од оваа страна, 2020; Преобразби, 2022) и единаесет поетски избори во земјата и во странство. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, на Македонскиот ПЕН-центар, на Друштвото на литературните преведувачи на Република Македонија, на Интернационал¬ното друштво „Калеваласеура“ од Хелсинки, Република Финска и на Славјанска литературна и уметничка академија во Варна, Република Бугарија. Била член на редакциите на списанијата „Стожер“ на ДПМ и „Ревиењ“ на Македонскиот ПЕН-центар, а сега е уредник на „Книжевно житие“ на ИК „Макавеј“ од Скопје. Учествувала на разни книжевни фестивали, меѓународни книжевни средби и собири во Македонија, како и во Бугарија, Грција, Романија, Србија, Турција и Хрватска. Нејзини песни се застапени во разни антологии и панорами на современата македонска поезија, подготвени од домашни и од странски редактори. За остварените резултати во поезијата, таа е носителка на наградите  „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата во 2009 година и на „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија во 2012 година. За нејзиното литературно и преведувачко творештво ја има добиено државната награда „Свети Климент Охридски“.

Новица Ѓуриќ е поет, писател и новинар. Роден е во 1956 година во Дријенка кај Колашин. Претседател е на Здружението на писателите на Црна Гора, а бил и претседател на Здружението на новинарите на Црна Гора. Неговото творештво е преведено на италијански, руски, германски, англиски, бугарски, шведски и македонски јазик. Покрај поезија и проза, Ѓуриќ пишува и есеи и критки. Застапен е во 13 антологии и добитник е на 12 книжевни награди и седум награди за новинарство. Живее и создава во Подгорица, каде работи како новинар на весникот “Политика“. Објавил 25 книги со поезија, проза, есеистика и публицистика.

error: Content is protected !!