Skip to content

Македонска заедница во Канада

Васил Стерјовски со Македонците од Албанија во Канада

Васил Стерјовски со Македонците од Албанија во Канада

08.10.2024

Претседателот на единствената македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски, оствари средба со Македонците од Албанија кои живеат и работат во Канада.
– Во Торонто имав вистинска чест да се сретнам со Македонците од Мала Преспа, кои со години успешно се интегрирале во канадското општество. Без оглед на далечината, овие луѓе не ги забораваат своите корени и остануваат посветени на својот мајчин македонски јазик, култура, обичаи и традиција. Работливи и организирани, тие го одржуваат своето единство преку Друштвото “Мала Преспа“, преку кое секоја година го слават Свети Архангел Михаил, заштитникот на Пустец и Мала Преспа. Посебно ме радува нивната соработка и поддршка кон македонската заедница во Торонто, особено кон македонските цркви, но и кон родниот крај, каде постојано помагаат. Од срце им благодарам за топлиот пречек и им посакувам многу успех и здравје во иднина, – изјави Васил Стерјовски, претседател на Македонска алијанса за европска интеграција.
Инаку Стерјовски беше специјален гостин на Македонската вечер на која се одбележа 55 годишнината од формирањето на македонската радио програма “Гласот од Македонија” во Торонто, Канада.
Програмата беше збогатена со настап на Смиља Андоновска, Горан Илиев, Фана Шомова и Жаклина Марковска.
Специјален гостин на јубилејот беше Васил Стерјовски, претседател на единствената македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција.
– Ми претставува огромна чест што присуствувам на одбележувањето на 55 години од формирањето на Македонската радио програма “Гласот од Македонија“ во Торонто, Канада. Овој настан е сведоштво за истрајноста, љубовта и посветеноста на Македонците во Канада кон зачувувањето на македонскиот идентитет, јазик, култура и историја, – истакна Васил Стерјовски во поздравниот говор на Македонската вечер.
Присутните изразија голема благодарност на Драгица Белчевска, продуцент на Македонската радио програма “Гласот од Македонија” во Торонто, за нејзиниот неуморен труд и посветеност во водењето на оваа програма, која со децении ги поврзува Македонците во Канада и низ целиот свет.
Македонската радио програма “Гласот од Македонија” во Торонто претставува важен мост помеѓу Македонците, зајакнувајќи го македонскиот дух и единството на Македонците во светот.
Присутните ги поздрави и претседателот на Македонското меѓународно движење за човекови права во Торонто, Бил Николов кој повика на семакедонско помирување и обединување во одбрана на името на државата Македонија и идентитетот на Македонскиот народ. Бил Николов потсети на положбата и правата на Македонците во Албанија наспроти бугарската агресија за нивна денационализација и манипулациите со пописните резултати во Албанија од пописот одржан во септември 2023 година.
Расположението беше очигледно со прекрасните македонски песни и ора.
error: Content is protected !!