Skip to content

Во Ману

Академија посветена на 75 годишнината од егзодусот на Македонците од егејскиот дел на Македонија

Академија посветена на 75 годишнината од егзодусот на Македонците од егејскиот дел на Македонија

03.07.2023

Со Академија која се одржа во Македонската академија на науките и уметностите, здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија и Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, ја одбележа 75 годишнината од егзодусот на Македонците од Егејскиот дел на Македонија за време на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година.
Одбележувањето со академијата во МАНУ беше во рамките на Шестата светска средба на децата бегалци и насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија која се одржува преку целата 2023 година на сите настани што ги организираат сите здруженија на Македонците од Егејскиот дел на Македонија.
После интонирањето на македонската национална химна “Денес над Македонија“ во исполнение на оперскиот пејач Кристијан Антовски, присутните со едноминутно молчење им оддадоа почит на жртвите од Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година и на сите убиени и упокоени насилно прогонети Македонци од Егејскиот дел на Македонија.
На академијата во МАНУ реферат поднесе проф.д-р Тодор Чепреганов, а поздравни говори одржаа претседателот на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија Александар Јаневски, почесниот претседател на Шестата светска средба Ташко Јованов, претседател на единствената Македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција Васил Стерјовски, претставникот на ОМО ИЛИНДЕН од Пиринскиот дел на Македонија Кирил Иванов, и претседателката на Македонското здружение “Кочо Рацин“ од Белград, Србија Лидија Демниева.
До Академијата пристигнаа поздравни телеграми од македонските заедници и здруженија од Австралија, Канада, Соединетите Американски Држави, западно-европските и источно-европските земји, Руската Федерација, легендарниот Андон Дончевски и Џемс Петрески од Австралија, од сите здруженија на децата бегалци во светот и од сите комитети за македонските човекови права, од Светскиот Македонски Конгрес Австралија, Светскиот Македонски Конгрес Канада, Обединети Македонци од Канада, Меѓународното движење за човекови права на Македонците од Канада и Сојузот на Македонците со исламска религија.
Поздравни телеграми до академијата упатија и претседателот на МАНУ проф.д-р Љупчо Коцарев, и почесните претседатели на Шестата светска средба на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија Неговото високопреподобие архимандрит Никодим Царкњас и доктор Лефтер Манче од Канада.
Во поздравната телеграма до академијата од архимандритот Никодим Царкњас кој од здравствени причини го откажа присуството, се вели: Упатуваме искрени поздрави до Македонците во целиот свет и до насилно прогонетите Македонците од Егејскиот дел на Македонија на Шестата светска средба на децата бегалци, од Движењето за промоција на македонскиот мајчин јазик Крсте Мисирков, претседател Никодим Царкњас.
Академик проф.д-р Љупчо Коцарев упати искрени поздрави за одржувањето на Академијава со сочувство за последиците од егзодусот на Македонците од Егејскиот дел на Македонија за време на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година.
Во поздравната телеграма до академијата од доктор Лефтер Манче, се вели: “Драги браќа и сестри Македонци, драги прогонети деца од Егејскиот дел на Македонија, горд сум, затоа што и после 2008-ма и 2018-та година, повторно сум избран за почесен претседател на Шестата светска средба на насилно прогонетите деца Македонци од Егејскиот дел на Македонија, иако знаевте дека не можам да дојдам поради здравствени причини. Ме радува што со Вас е мојот пријател архимандрит Царкњас, голем патриот, со кого преку 30 години се бориме за името на државата Македонија. Македонија има и други големи патриоти, ама тие не се меѓу живите, животот си го дадоа за слободата на Македонија. Македонија и Македонскиот народ се исправени пред тешки предизвици и искушенија. Повеќе од 30 години се делиме на леви и десни, а при формирањето на Влада бараме помош од националните малцинства кои се обединети по нивните национални интереси. Во такви услови, нашата влада зависи од други. За жал, не учиме од Грците и Албанците кои не се делат по националните интереси. Ќе го задржам вашето внимание на еден многу важен податок. Предавничкиот договор Димитров-Коѕиас не беше потпишан во Атина или Скопје, туку во Преспа. А, знаете зошто? Затоа што во Нивици, на 31 јануари 1949 година, на Четвртиот пленум на Комунистичката партија на Грција и на 26 март истата година на Вториот конгрес на Народно ослободителниот фронт, лично генералниот секретар на Комунистичката партија на Грција, Никос Захаријадис, на 700 македонски делегати, дури и од Пиринска Македонија, им вети: Ако ДАГ победи, тогаш Вие Македонците ќе имате право да се отцепите од Грција и да се обедините со Народна Република Македонија! После март 1949 година, преживеаните борци од битката за Лерин беа испратени на Грамос, за убиени да бидат со напалм бомбите. За истата цел, 300 прогонети деца од 14 до 16 години, после куса обука во Романија, преку Југославија, во мај 1949 година беа испратени во Преспа. Таму една мајка од селото Кономлади, костурско, која помагаше да се носат ранетите партизани, го виде во групата својот син и извика ‘Јане, на мајка, што бараш тука? Ти треба да си во Романија!’ А, Јане, одговори ‘Мајко, дојдовме да ја ослободиме Грција и Македонците од монархофашистите!’ Мајките се обраќаа до Политбирото на Комунистичката партија на Грција, кое беше сместено во Нивици, Преспа… Ако ги пратат децата во борбите, тие нема да и’ помогнат на Демократската армија на Грција – ДАГ. Така, останаа 2 до 3 месеци во Преспа. После, преку Албанија беа испратени на албанско-грчката граница и од нив 150 беа пратени во Тесалија под команда на Харилаос Флоракис, кој подоцна стана генерален секретар на Комунистичката партија на Грција. Токму Флоракис, во Солун, во 1984 година, рече ‘За нас повеќе не постои македонско прашање!’ Другите 150 деца се спасија, затоа што кога стигнаа на границата на 29 август 1949 година, се сретнаа со партизаните кои им рекоа ‘Грамос гори од напалм бомби и падна во рацете на грчката армија!’ И најважното, причината зошто Преспанскиот договор беше потпишан во Нивици, Преспа, каде што беше и седиштето на Политбирото на Комунистичката партија на Грција? Со потпишувањето на Договорот Димитров-Коѕиас во Нивици, Ципрас како поранешен комунист, сакаше да го избрише ветувањето на грчките комунисти на Македонците. Јас можеби сум последното прогонето дете кое се уште зборува грчки. Ги следам настаните на грчките телевизии, како што и тие ме следат мене во Охрид и во Будимпешта. После договорот во Преспа, Мицотакис му рече на Ципрас ‘Ти му даде се’ на Скопје!’ А, Ципрас му одговори ‘Ако ти беше место мене, ќе потпишеше со двете раце!’ Мицотакис му рече ‘Има некои добри работи, ама ако ние дојдеме на власт има што да поправиме!’ Неодамна, грчкиот народ му даде двапати повеќе гласови на Мицотакис за да го исправи тоа што го потпишал Ципрас, иако се’ уште не е дојдено времето. Сега Грција чека Бугарија да одработи против нас Македонците. Кога Македонија ќе ги исполни сите 35 поглавја на Европската Унија, тогаш секој парламент ќе мора да даде зелено светло за Македонија да стане членка на Европската Унија, но грчкиот парламент ќе не блокира, поради тоа што Договорот од Преспа и’ дава за право само на Грција да го употребува зборот Македонија. Кога ние ќе се обратиме до тие држави кои ни помогнаа да го смениме името, оттаму одговорот ќе биде ‘Ништо не можеме да сториме! Тоа не го прави грчката влада, туку грчкиот парламент! А, ние не можеме да се мешаме во одлуките на грчкиот парламент.’ Тогаш ќе се јави Мицотакис, ќе побара од името ‘Северна Македонија’ да отпадне зборот Македонија. Дури и ќе ни понудат ново име ‘Централна Словенска Република’ како што има ‘Централна Африканска Република’. Почитувани, иако бевме 250.000, во ДАГ 1/3 од борците беа Македонци. Грците кои беа 7 милиони, во ДАГ дадоа 2/3 борци. Нас Македонците не’ лажеа да излеземе во планините, а грчките комунисти наместо во планини, решија да одат во затвори. Комунистичката партија на Грција знаеше дека наш сон е да се обединиме со нашите браќа во Народна Република Македонија и живот дававме за тоа. Сега, некои во Република Македонија сакаат да не’ стават во Уставот, но не како Македонци, туку како Егејци. Ако ми дозволи здравјето ќе дојдам да бидам со Вас и да се борам за нашите права, а оттаму, мој последен пат ќе биде кон Бутел. Пред 15 години мојот пријател и голем патриот Блаже Ристовски, кога ми беше гостин во Будимпешта, ми рече да му дадам пари да ми купи гроб до неговиот, за секоја ноќ да дискутираме за историјата на нашата Македонија, зашто тој е историчар. Ама ми рече, дека и јас ја знам големата историја на нашата татковина Македонија. Почитувани браќа и сестри, главата горе! Ако сме обединети во овие тешки времиња за Македонија, пак ќе останеме само Македонци! Поздрави од Канада! Ваш брат, Македонец Лефтер Манче!“
Почесниот претседател на Шестата светска средба на децата бегалци насилно прогонети Македонци од Егејскиот дел на Македонија, Ташко Јованов во своето обраќање на академијата рече: “Почитувани браќа и сестри Македонци, Ве поздравувам од мое лично име и од името на здруженијата на прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија. Поминаа 75 години од егзодусот врз нас Македонците од Егејскиот дел на Македонија. Бевме деца, голи и боси, бегавме од виорот на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година. Трчавме и плачевме гладни по мајките и бабите кои не водеа далеку од родниот крај од дома. Бевме жртви на грчкиот фашизам. Нашите родители, Македонците, заедно со Грците, во Втората Светска Војна и во Граѓанската војна во Грција, се бореа против фашизмот и ја ослободија Грција од фашистичката окупација. Но, нам, насилно прогонетите Македонци, не ни дозволија да се вратиме во стари крај, во нашата Егејска Македонија. И останавме низ цел свет расеани од Русија, Европа, до Америка, Канада и Австралија. За првпат се собравме на првата светска средба на децата бегалци од 30 јуни до 4 јули 1988 година во Паркот Жена Борец карши Собранието. И го откривме Споменикот на децата бегалци, како сведок за едно време невреме, кога не убиваа и од дома не бркаа затоа што сме Македонци. И пак се собиравме 1998, 2003, 2008, 2018 и оваа 2023 година на Шестата светска средба. Ова е можеби последна средба со живи од некогашните деца бегалци. Сега сме веќе баби и дедовци со внуци и правнуци. Нека им даде Господ и ним и на сите нас здравје и живот. Да се сеќаваме на егзодусот и никогаш да не го заборавиме. Простуваме, ама не забораваме. Било и никогаш повеќе да не се повтори. Многу тешко е да бегаш од домот, за да не те отепаат. А, многу беа убиени, гробовите не’ им се знаат. Цела Македонија е гроб до гроб за нашата слобода. Не гореа живи со напалм бомби на Грамос и Вичо во 1948 година. Никогаш да не заборавите: Ние не сме Егејци, Вардарци или Пиринци! Ние сме, само Македонци! Од векови, за навек! Затоа велиме: Името не го даваме, бидејќи Егејот е душата на Македонија! Да живее Македонскиот народ! Да живее Македонија!“
Претседателот на единствената Македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција во свето обраќање на академијата рече: “Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, ми претставува особена чест и задоволство да ве поздравам на денешната Академија по повод 75 годишнината од егзодусот на Македонците од Егејскиот дел на Македонија за време на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, од име на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција. Упатуваме искрени честитки за прекрасната организација до Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН. Македонците од Eгејскиот дел на Македонија зедоа активно учество во воените и политички формации во текот на Втората светска војна 1941-1945 и во Граѓанската војна во Грција 1946-1949, со своја изградена политичка програма која претставува платформа за заедничка борба на македонскиот и грчкиот народ за национално и социјално ослободување. Македонците од Албанија се сведоци на егзодусот и голготата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија кога во 1949 година. Kолона со илјадници бегалци се повлекуваa од Грција во Албанија, минувајќи низ пределите населени со Македонци. Поменот и споменот за жртвите од Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година сведочи дека македонското прашање не е затворено. И по 75 години од егзодусот, Македонците од Егејскиот дел се исправени пред истиот предизвик – негирање на нивниот идентитет. Македонците од Албанија ги подржуваат барањата на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија за враќање на државјанствата, граѓанските, имотните и наследните права и за унапредувањето на положбата и правата и слободите на Македонците во Грција. Мораме да бидеме единствени и обединети во борбата за правата и слободите на Македонците во сите земји на Балканот, на нашите древни македонски простори. Слава и помен за вечен спомен на сите знајни и незнајни јунаци и борци за слободата на Македонија никогаш повеќе да не се повтори егзодусот врз Македонците.“
Претставникот на ОМО ИЛИНДЕН од Пиринскиот дел на Македонија, Кирил Иванов, во своето обраќање на академијата рече: “Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки. Ви носам искрени поздрави од Македонците во Пиринскиот дел на Македонија, од цела Бугарија. За жал, Македонците во Бугарија се граѓани од втор ред, Владата во Софија вели дека не постоиме. Затоа, поддршка на ВМРО-ДПМНЕ кои велат, не прифаќаме промена на Уставот под диктат на Бугарија! Македонците во Бугарија се’ уште не се граѓани на Европа! Бараме Владата на Македонија да покаже грижа за Македонците во соседните земји и за Македонците во Бугарија! И Македонците во Бугарија се нераскинлив дел од Македонскиот народ! Да живее Македонија, да живее Македонскиот народ!“
Претседателката на Македонското здружение “Кочо Рацин од Белград, Србија во своето обраќање на академијата рече: “Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, Ви носам искрени поздрави од Македонците во соседна Србија. Ви упатувам честитки за организацијата и комеморацијата од името на Македонското здружение “Кочо Рацин“ од Белград. Македонската голгота во Егејскиот дел на Македонија е историја која власта во Македонија ја заборава, затоа што се откажа од Македонците во соседните земји и во светот со договорите со Грција и Бугарија. Упатуваме апел до Владата и Собранието на Македонија да се грижи за Македонците во соседните земји и во светот, затоа што Македонците во Србија, Бугарија, Грција и Албанија се анкерите да не летне во воздух државата Македонија. Бараме права и слободи како и сите народи во светот и во Европа. Македонија е света земја има голема историја, нашето културно-историско наследство е нераскинлив дел од културата и историјата на човековата цивилизација. Нека се одржува поменот и споменот за жртвите од Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година. Мора да го решиме последното незатворено прашање – Македонското прашање на Балканот и во Европа. Македонскиот народ е жртва на геноцид од поделбата и окупацијата на Македонија во Балканските војни. Таа вистина мора да ја рашириме во светот, бидејќи Македонија е душата на Европа. И не случајно нејзина заштитничка е Мајка Богородица. Повикуваме на семакедонско помирување и обединување, бидејќи во единството е силата за одбрана на името на државата Македонија и идентитетот на Македонскиот народ, одбраната на нацијата! Единствено решение на македонското прашање е обединета Македонија. Само така ќе не почитуваат како еднакви со еднаквите и рамноправни со рамноправните! Простуваме но не забораваме, било да не се повтори. Бог да ги прости сите загината, убиени и упокоени Македонци за слободата и обединувањето на Македонија и Господ Бог нека им дари место во Царството небесно каде што почиваат праведниците. Да живее Македонскиот народ! Да живее Македонија!“
Од академијата беше упатена посебна резолуција од насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија, до институциите на власта на државата Македонија и меѓународните организации!
Резолуцијата ја прочита генералниот секретар на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија, Тодор Петров. Петров упати искрена благодарност до Македонската академија на науките и уметностите и претседателот на МАНУ проф.д-р Љупчо Коцарев, кои ги отворија своите порти за Македонците од Егејскиот дел на Македонија, но изрази разочарување, затоа што и покрај тоа што беа поканети, своето присуство на академијата и пред Споменикот на децата бегалци во Паркот Жена борец карши Собранието на Македонија, го откажаа претседателот на Републиката, Владата и Собранието, нека им е на чест, покажаа дека не се достојни за власта која ја поседуваат. Петров апелираше никогаш да не се заборави, да ја шириме вистината, дека врз Македонците е извршен геноцид, кој бил предмет на истрага и на Раселовиот суд под претседателство на академик проф.д-р Владимир Дедиер, заедно со геноцидот врз Ирскиот народ.
После академијата за учесниците од сите делови на Македонија беше приреден коктел, донација од доктор Лефтер Манче, носител на почесната титула Македонски сенатор!
error: Content is protected !!