Skip to content

Четринаесет години постоење на Македонското друштво „Илинден”- Тирана

Четринаесет години постоење на Македонското друштво „Илинден”- Тирана

06.02.2023

Оваа година се навршуваат четринаесет години од 6 февруари 2009 година, денот на формирањето на Македонското друштво “Илинден”-Тирана. Македонско друштво “Илинден”-Тирана е регистрирано во Основниот суд во Тирана, со цел заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски и државен идентитет, на Македонците во Република Албанија.

Македонското друштво “Илинден”-Тирана, за периодот од четринаесет години оствари безброј средби со многу државни институции во извршната и локална власт, а соработката ја проширивме со невладиниот сектор, во земјата и странство.

Македонско друштво “Илинден”- Тирана е член на Федералната унија на европските националности (ФУЕН) од 16. мај 2015 година и дел од Работната група на словенските малцинства при ФУЕН. Како активен партиципиент во ФЕУН, членови на Друштвото досега учестува во сите конгреси и поднесува резолуци, што придонесува Македонското друштво “Илинден”-Тирана рамноправен член и силен глас на Македонското национално малциство од Албанија.

Во изминатите четринаесет години како претседател на Македонско друштво “Илинден”- Тирана, заедно со моите соработници, имавме можност да оствариме бројни работни и официјални посети, да се сретнеме и да соработуваме со владини институции, како во Република Албанија, така и во матичната држава Македонија, како и со меѓународни организации.

При сите реализирани средби со претставниците на државните институции во Република Албанија, во матичната држава Македонија и европските институции ја користевме секоја прилика да размениме мислења за важни прашања за унапредувањето на положбата и правата на македонското национално малцинство во Република Албанија. Иако не секогаш наоѓаме заедничко или задоволително решение за одреден проблем, сепак должна благодарност искажувам на сите државни институции во Албанија, Македонијаи низ светот.

Ја користам оваа прилика да упатам добронамерна критика до Владата на Република Албанија и до надлежните министерства и организации да посветат посебно внимание и позитивно да одговорат на нашето барање за настава на мајчинот македонски јазик за децата во областите Голо Брдо и Гора, и насекаде каде има значителен број Македонци. Идентично како тоа веќе се остварува во областа Мала Преспа.

Бараме Владата да изврши промена на штетната територијална организација на локалната самоуправа и да ги прифати општините во областите Голо Брдо и Гора каде живеат Македонци.

Исто време бараме од Владите на Албанија и Македонија целосна функционалност на граничниот премин Требиште – Џепиште во областа Голо Брдо, кој што е потребен за да може луѓето полесно да комуницираат од двете страни на границата.

Четринаесет години постоење на Македонското друштво „Илинден”- Тирана

Нашите ставови за Законот за националните малцинства во Република Албанија се исти како и пред донесувањето на овој Закон. Неколкупати укажавме, дека Законот треба да ги реши горливите проблеми на националните малцинства, но со новодонесениот Закон се постигна токму спротивен ефект. Донесе дополнителни проблеми, кои се негативни не само за Македонците, туку и за Република Албанија во целина.

Го повикувам Комитетот за национални малциства да покаже поголема активност за македоснкото малциство во Република Албанија, а не да биде во сенка. Комитетот треба да ги воздигне малцинствата и да им помага во борба за опстанок во Република Албанија.

Македонско друштво “Илинден“-Тирана останува посветено на борбата за македонско национално малцинство во Република Албанија, за унапредување на положбата и правата на Македонците врз основниот принцип на меѓународното право на еднаква сувереност.

Сакам да ги повикувам сите државни институции како и сите политички партии и невладиниот сектор во матичната држава Македонија да дадат поддршка на Македонците во Република Албанија, да дават поддршка во контунитет за решавање на горчливите проблеми што се сочуват.

Посебно благодарност сакам да упатам до сите што помогнале на Македонско друштвото “Илинден“-Тирана и големо благодарност до г-дин Бил Николов, претседател на Македонското меѓународно движење за човекови права од Канада што овозможува весникот “Илинден“ да стане глас на Македонците во Република Албанија.

Македонците во Република Албанија и Албанците во Република Македонија се мостови на братство и пријателство меѓу двата народа и двете држави.

Ние не трчаме да победиме, туку да преживееме. Не за нас, туку за идните генерации.

Македонското друштво “Илинден“ денес ја прославува својата четринаесет годишна работа, а за неговите постигнувања оставаме повеќе да каже историјата.

Да се вечни Македонците во Република Албанија!

Да живее албанското – македонско пријателство!

Со почит,

Никола Ѓурѓај

Претседател на Македонското друштво “Илинден“- Тирана

error: Content is protected !!