Skip to content

УКИМ ги додели наградите за најдобри научници и уметник за 2021

315317718_118860701013382_4682190781041431513_n

11.11.2022

По повод Светскиот ден на науката за мир и развој – 10 Ноември, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје ги додели наградите за најдобри научници и најдобар уметник за 2021 година. Годинава, овој настан беше збогатен со доделување на плакета за посебен придонес во развојот на научноистражувачката дејност на Универзитетот и исклучителни достигнувања во целокупната кариерата.
Наградата најдобар уметник ја понесе м-р Дарија Андовска, редовен професор на Факултетот за музичка уметност.
За најдобри научници со постигнати значајни резултати избрани се: д-р Рената Ќуштеревска, вонреден професор на Природно-математички факултет во научното подрачје на природно-математички науки, д-р Петре Ламески, вонреден професор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во научното подрачје на техничко-технолошките науки, д-р Игор Спироски, вонреден професор на Медицинскиот факултет во научното подрачје на медицински науки, д-р Виолета Цветковска, вонреден професор на Економскиот факултет во научното подрачје на општествени науки и д-р Лидија Тантуровска, научен советник на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во научното подрачје на хуманистички науки.
УКИМ додели и плакети за посебен придонес во развојот на научноистражувачката дејност на Универзитетот, постигнати исклучителни достигнувања во кариерата и меѓународно призната извонредност, како значаен придонес во унапредувањето и развојот на Универзитетот.
Плакета за посебен придонес добија: проф. д-р Трајче Стафилов, редовен професор на ПМФ; проф. д-р Марјан Гушев, редовен професор на ФИНКИ, проф. д-р Лидија Гавриловска, редовен професор во пензија од ФЕИТ; академик проф. д-р Љупчо Коцарев, редовен професор во пензија на ФИНКИ, проф. д-р Гоце Спасовски, редовен професор на Медицинскиот факултет; проф. д-р Иван Грозданов, редовен професор во пензија на ПМФ и академик проф. д-р Леонид Грчев, редовен професор во пензија на ФЕИТ.
Тие се наградени како истакнати научници со најголем број референтни публикации кои придонесуваат за афирмација и интернационализација на УКИМ.
Заклучно со 2021 година само пет научници од Скопскиот универзитет се јавуваат со над 800 трудови индексирани во базите на „Web of Science“ во услови кога УКИМ со околу 2000 лица академски кадар има вкупно околу 5600 трудови. Затоа Ректоратот оваа година донел одлука да им се искаже признание – плакета на најистакнати научници на Универзитетот за нивните научни достигнувања во кариерата.
Светскиот ден на науката за мир и развој – 10 Ноември е прогласен на генералната конференција на УНЕСКО во 2001 година. Ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски во обраќањето рече дека тој е востановен за да ја нагласи важната улога на науката во општеството и потребата да се ангажира пошироката јавност во дебатите за новите научни прашања.
error: Content is protected !!