Skip to content

Тодор Петров: Македонскиот крст во Драчево е светилник на верата во бога и на љубовта за татковината Македонија

Тодор Петров: Македонскиот крст во Драчево е светилник на верата во бога и на љубовта за татковината Македонија

02.05.2024

Добарден на сите, денес е голем ден. Ваше Блаженство господин господин Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима, Ваше Високопреосвештенство монсињор д-р Киро Стојанов Бискуп скопски и струмичко-скопски епарх, почитувани сестри Евхаристинки, почитуван господине Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи во Македонија, почитуван господине Иван Џо Петрески, претседател на Матицата на иселениците од Македонија, почитувани отци, почитувани донатори, почитуван градоначалник на општина Кисела Вода господин Орце Ѓорѓиевски, почитуван професор д-р Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-Демократска партија за македонско национално единство, почитувани пратеници, министри, градоначалници, советници, почитувани браќа и сестри Македонци, сељам алејкум и за браќата муслимани Македонци Горани, Албанци, Турци, Бошњаци, Роми, Еѓипќани со кои во Драчево заедно сме денес пред Бога.
Крстот е симбол на универзумот – им припаѓа на сите! Нашата вера во крстот, исполнета со молитва пред Бога за Македонија, не соедини денес пред Македонскиот Крст во населбата Драчево, општина Кисела Вода, да го сведочиме осветувањето како Божји благослов, прозивајќи ја Неговата милост за крстот што овде за навек ќе опстојува.
Изградбата на Македонскиот крст во центарот на Драчево, во “Паркот на бранителите”, започна на 16 април 2022 година. Неговото осветување денес, на 28 април 2024 година, на Цветници, една недела пред Христовото воскресение – Великден, е најголемата молитва пред Господа за победата на животот над смртта, за спасение на човештвото, на Македонците по род и државјанство, и на државата Македонија.
Највисок крст во светот е Меморијалниот крст во Долината на паднатите недалеку од Мадрид висок 150 метри. Милениумскиот Крст на Водно е десетти во светот со 66 метри, но e прв во светот на 1066 метри најголема надморска височина.
Македонскиот Крст во Драчево е дванаесетти во светот, а втор во Македонија. Висок е 63,5 метри, широк 4 метри, со распон на краците 34 метри, секој крак по 15 метри. Постаментот е 12,5 метри, на три нивоа, темелната плоча е со дебелина од 1 метар. Во Македонскиот Крст во Драчево е вградена челична конструкција од 80 тона, премачкана со алкална жолта боја. На крстот е изведена светлечка инсталација со енергетска самоодржливост, што ќе претставува вистинска атракција во овој дел од градот Скопје и општината Кисела Вода. Крстот е поставен на 12 шипови со длабочина од 12 метри и дебелина од 80 сантиметри, плус 4 централни шипови со длабочина од 16 метри и дебелина од 1 метар. Во крстот се вградени 360 м3 односно 720 тони бетон и 32 тони арматурно железо, најголемиот дел под земја поради статиката на крстот заради висината.
Инвеститор на Македонскиот крст во Драчево е Светскиот Македонски Конгрес, а донатори се компаниите: Гоива Бетон, Чарли стакло, Компанија Јакимовски, Изградба-комерц, Инвест дом, Пескара Вел, Факом, Дабар, Мастеф, Ингрес, Зум проект, Орбита транс, Прототип и Делта Електро. Голема благодарност до сите нив. Воопшто не се користени средства од буџетот на општината Кисела Вода, Градот Скопје или Републиката Македонија.
Голема благодарност до градоначалникот на општина Кисела Вода, господинот Орце Ѓорѓиевски кој го оплемени просторот околу Македонскиот Крст со парк, збогатен со зелена површина, клупи за седење и пешачки патеки, тој ги координираше донаторите во сите фази од изградбата на крстот во изминатите две години.
На постаментот за Македонскиот крст поставени се шест икони на Господ Исус Христ, Пресвета Богородица, Света Петка, Свети Никола, Светите Кирил и Методиј и Свети Климент Охридски.
Со осветувањето, сопственик на Македонскиот крст ќе стане општината Кисела Вода.
Почитувани браќа и сестри во Господа, христијанството во Европа доаѓа од Македонија. На Светиот апостол Павле на сон му се јави Македонец и му рече дојди во Македонија и помогни ни. И Светиот апостол Павле дојде во Македонија, ги изгради првите цркви во Европа во македонските градови Бер, Солун и Филипи во 49-та до 54-та година од новата ера, ја покрсти првата христијанка во Европа – Македонката Лидија! Семакедонските и сесловенските просветители и рамноапостоли, Светите солунски браќа, Македонците Кирил и Методиј ги покрстија и описменија Русите и народите во Источна Европа, а со благослов на Папата прогласени се за патрони на Европа. Во Македонија е седиштето на една од најстарите цркви во светот со апостолско преемство од Светиот апостол Павле – Охридската Архиепископија односно Патријаршија наследничка на древната Јустинијана Прима формирана во 535 година од Македонскиот император Јустинијан Први во скопското село Таор, во лицето на Македонската Црква – Православна и Првославна, затоа што први сме го прославиле Господ Бог Исус Христ во Европа – во Македонија!
Никому нема да дозволиме да го смени нејзиното име, статус, достоинство и јурсидикција, залудни се обидите на софиските врховисти и грчките фанариоти во Македонија! Во македонскиот Ерусалим – Охрид, е седиштето на најстариот и првиот Светиклиментов универзитет во Европа. Македонската цивилизација на која сите ние заедно припаѓаме, е основа на Македонскиот полуостров, на Нова Европа и на современиот културен глобализам. Големината на една цивилизација е во универзалноста на нејзините вредности. А, универзални вредности на македонската цивилизација се: мирот и љубовта наспроти војната и омразата, толеранцијата и коегзистенцијата наспроти дискриминацијата и сегрегацијата, и културниот глобализам кој подразбира интеграција со афирмација на помесните етноси, јазици, религии и култури, наспроти корпоративниот глобализам, кој врз основа на профитните интереси на мултинационалните корпорации врши интеграција со асимилација на помесните етноси, јазици, религии и култури, се’ до нивна физичка ликвидација од земјината топка.
И токму поради сето ова, крстот e нераскинлив дел од културата на светата земја Македонија. Впрочем, крстот не е ексклузивно право на христијаните. Крстот е втемелен и во исламот! Ако пророкот Мохаммед и неговите асхаби (сомисленици) по првата хиџра (иселувањето на исламот), во 622 година од нашата ера, поради прогонот од Мека, во бегство, да ги сочуваат животот и верата, не беа спасени од христијаните во Абисинија (Етиопија), денес во светот немаше да има ниту ислам ниту муслимани. Исус, Марија и ангелот Гаврил имаат свое место и во светата исламска книга Куранот. Марија е единствената жена спомната во цело едно поглавје на Куранот!
Почитувани браќа и сестри, Крстот претставува симбол на мирот и љубовта наспроти омразата и војната на сатаната односно шејтанот. И затоа, радоста е взаемна и благодатна за сите граѓани на државата Македонија, за сите Македонци по род и државјанство.
За многаја лета Крстот што денес се освети, за многаја лета Драчево и општината Кисела Вода, за многаја лета Скопје метрополата и државата Македонија! Нека овој свет крст биде светилник на верата во Бога и на љубовта за татковината Македонија! Нека Господ Бог не’ благослови сите нас, нека Господ Бог ја благослови Македонија!
И за крај, апелот: На 8 мај, со масовна излезеност на претседателските и парламентарните избори, да прославиме голема победа и слобода за Македонците по род и државјанство – со нов претседател и Влада на суверена и самостојна држава Македонија! Останете со здравје и нека Господ Бог Ви дари многу години живот, вам и на вашите семејства! Амин! Ви благодарам за вниманието!
error: Content is protected !!