Skip to content

Изложба со дела од македонската ликовна сцена во Италија

„Среќен роденден Венеција“ – подарок за градот од македонските уметници

„Среќен роденден Венеција“ – подарок за градот од македонските уметници

13.03.2023

Во Магацино Галери во палатата Контарини Полињак, во Венеција, на 23 март ќе биде отворена изложба на дела од македонски уметници насловена „Среќен роденден Венеција“, а делата од оваа изложба се подарок за градот. Отварањето ќе биде збогатено со читање на поезија на македонски и италијански јазик, од страна на Ирена Павлова Де Одорико, нашата позната писателка, критичар и новинар која живее и работи во Италија. Итало-македонската фамилија Гарбин Јовановски од Венеција ќе раскаже како се роди идејата да се создаде италијанската верзија на хитот од Дац и Александар, „Уште ми фалиш” и соработката со најафирмираниот македонски оперски пејач во светот, тенорот Благој Нацоски.

На изложбата ќе бидат поставени дела од: Ладислав Цветковски, Микица Трујкановиќ, Симонида Китановска, Нада Прља, Љупка Делева, Жанета Гелевска Вељановска, Гоце Наневски, Александра Димитрова, Крунислав Стојановски, Ана Спасова, Марина Лешкова, Страхил М.Петровски, Јана Манева Чупоска, Ана Трајковска, Ива Станковска, Дарко Марковиќ (донација од Соња Абаџиева), Дијана Томиќ Радевска, Александар Таневски, Зоран Јакимовски, Борис Шемов, Венко Цветков, Колектив Зеро, Дороти Пачкова, Ленче Ламбевска Гулевска, Маја Димитрова, Дарко Аницин, Гордана Винчиќ, Таневска Тања, Предраг Тасиќ, Новица Трајковски и Виолета Чаповска.

Проектот со идеја и реализација на Љупка Делева, има за цел да ја продлабочи културната и уметничка соработка меѓу Македонија и градот Венеција, еден од најуникатните градови во светот, кој со својата импозантна и турбулентна историја пред сè е познат како град колевка на уметноста, каде со децении наназад се одржува Венецијанското биенале – една од најважните уметнички манифестации, Биеналето на уметност, архитектура и танц, како и Венецијанскиот филмски фестивал.

-Целиот проект е започнат во 2019-та година, кога Венеција беше зафатена од поплава во огромни размери и со големи материјални штети, на апелот за добротворна изложба како израз на солидарност на Делева. Тогаш уметниците чии дела сега се дел од изложбата ги подарија свои дела како израз на емпатија која ги поврзува народите. Заради ситуацијата предизвикана со пандемијата со Ковид 19, замислената продажна изложба не се реализира, така што првичната идеја за донација и солидарност се преобрази во роденденски подарок по повод јубилејот – 1600 години од постоењето на градот Венеција во 2021 година. Делата на македонските уметници ќе бидат изложени, а потоа подарени на Градот Венеција, вели Љупка Делева.

Во иницијалниот процес на собирање на делата од македонските уметници, несебична поддршка дадоа: Националната галерија на Македонија  со директорката Дита Старова Ќерими и нејзиниот тим, каде делата беа собирани, весникот „Нова Македонија“ ДЛУМ, Галеријата Магацино од Венеција со свој простор, Ана Лазари и Марта Бланкети за текстовите на италијански, Дијана Томиќ Радевска за дизајн, Ана Спасова офис и дизајн. Во завршната фаза и две италијански фирми со македонско потекло од Венеција, Стар Хаус С.Р.Л и Мама Рент дадоа свој финансиски придонес за урамувањето и печатењето на рекламниот материјал. Изложбата доби покровителство од Општина Венеција, со можност на истакнување на официјалното лого. Љупка Делева е позната на македонската јавност по многубројните самостојни и групни изложби во земјата и надвор, како и во Венеција, каде живее од 2001 година. Ова е прв нејзин проект каде е во улога не само на учесник туку и идеен творец и организатор на настан, како плод на љубовта кон родната земја и нејзината промоција на културен и уметнички план, своевиден мост меѓу земјата од каде потекнува и нејзиноит втор дом, Италија.

Целиот процес на создавање на овој проект може да се види на фејсбук страницата Artisti del mondo per Venezia-World artists for Venice.

error: Content is protected !!