Skip to content
Писмо од македонските иселеници во Австралија

Резолуција против антимакедонската политика на Бугарија

Резолуција против антимакедонската политика на Бугарија

15.11.2022

Пред извесно време во Матицата на иселениците од Македонија пристигна писмо од Мелбурн, Австралија, во кое станува збор за масовно протесно собрание на Македонците на кое еднодушно беше усвоена Резолуција против антимакедонската политика на Бугарија. Во овој значаен документ меѓу другото се вели:
„Ние Македонците од сите делови на Македонија што живееме на овој далечен континент Австралија, имајќи право на искажување на своето национално и верско чувство и повикувајќи се на нашата богата историја низ времињата на тешкото робување и борба за национална и социјална слобода без апетити и аспирации за агресија или терор, а раководени од Повелбата на Обединетите нации, во која се вели: „Секој има право на национално определување, никој не смее насилно да биде лишен од својата националност“, протестираме против сите обиди на однародување и национално угнетување на нашиот народ. Притоа, длабоко сме возбудени од ставот на раководството на денешна Бугарија спрема нашите еднокрвни браќа Македонци во Пиринска Македонија, кои со својот труд рамноправно учествуваат во изградбата на бугарското социјалистичко општество. А уште повеќе затоа што денес, кога сите народи во светот се застапуваат за афирмација на своето национално и културно творештво, за создавање мир и меѓународно разбирање, македонскиот народ е негиран во едно социјалистичко општество и кој не само сега но и во минатото бил интегрален субјект на поборништвото и револуционерното движење за извојување на демократските права во Бугарија.
Македонскиот народ уште од почетокот на формирањето на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација (ВМРО) раководена од најголемите македонски револуционери: Гоце Делчев, Даме Груев, Ѓорче Петров, Јане Сандански, Пере Тошев и други, нашол поддршка во благородниот бугарски народ. Наспроти сите интриги и упорни настојувања за однародување и асимилирање на македонскиот народ од монархофашистичката власт, директива на кобуршката династија во Бугарија и врховистичките слуги од типот на Тодор Аленсандров, Михајлов и други, тој секогаш наоѓал поддршна во чесниот бугарсни народ, кој ги разбирал и почитувал националните стремежи на еден народ што се бори за слобода, демократија и национална афирмација.
Нас не не’ чуди што буржуазијата на стара Бугарија не се раководеше од гласот на својот народ и наспроти неговата волја влегуваше во крвави војни за остварување на империјалистичниот стремеж во кој го задоволуваше апетитот за завладување, однародување и насилно бугаризирање на братскиот македонски народ. Но денес, во едно социјалистичко општество како што е во Бугарија, чиниме дека е апсурдно да се работи против интересите на народот и да се изневери големиот идеал кој беше патоказ на прогресивните сили во Втората светска војна, а кој поникна уште од времето на Димитар Благоев.
Историјата е непобитен сведок дека Македонците, заедно со бугарскиот народ, зедоа живо учество во тешките борби за уривање на царското владеење во кое и самиот бугарски народ беше економски и социјално експлоатиран и загрозен. И тој го прифати и се вклучи во прогресивното движење на бугарскиот народ, воден од Комунистичната партија на Бугарија и Советскиот Сојуз и остана доследен на идеалите се додека не се оствари демократскиот систем кој беше прокламиран на 9 септември 1944 година. Во него и Македонците го очекуваа изгревот на слободата, бидејќи рамо до рамо со бугарскиот народ се бореа за своето самостојно национално, културно и верско творештво, како што Македонците и во другите делови на Македонија, заедно со истиот идеал, се бореа за слобода во една македонска држава.
Но жртвите и пролеаната крв на македонскиот народ, посебно поднесувањето на немилосрдните убиства и какви се не други терори од периодот на 1923-тата година, па во текот на Втората светска војна во борбата против силната закана од фашизмот, на урнатините на стара Југославија и стара Бугарија обезбедија поле за слободно, национално, културно и верско творештво. Тоа го навести остварувањето на вековниот идеал на македонскиот народ.
 
НЕГОДУВАЊЕ И ЧУДЕЊЕ
 
Паралелно со големите придобивки на Револуцијата на македонскиот народ во рамните на Југославија, со победата на Отечествениот фронт на Бугарија, прокламирана под раководството на БНП (9 септември 1944), Македонците во Пиринска Македонија беа длабоко уверени дека новата демократска власт во Бугарија ќе им го овозможи остварувањето на националните права. Поткрепа на тоа верување даде владата на препородена Бугарија со редица свои акти за национална и културна автономија на Македонија. Како врвно достигнување на националната слобода на Македонците во Пиринска Македонија беше Резолуцијата на Десетиот пленум на ЦК на Бугарската работничка партија (комунисти) донесената на 9 август 1946 година, со која на Македонците им беше дадено правото на национално определување и обединување во една македонска држава.
Следејќи ги придобивките во двете прогресивни балкански држави Македонците во Егејска Македонија ја зголемија надежта и верувањето дека и за нив ќе процути националната слобода.
Наместо да испратиме поддршка и на владата на братска Бугарија, ние сме принудени да изразиме негодување и чудење: како едно демократско социјалистичко општество прави обид да ги засенчи своите историски одлуки донесени од највисоно владино и партиско раководство! Дали е можно да се избришат од историјата крупните настани кога по стапувањето на Георги Димитров на чело на нова Бугарија беше прокламирана национална и културна автономија на Македонците во Пиринска Македонија, кога и таму поникнаа првите никулци на слободното национално и културно творештво и го навестуваа триумфот на вистинсната слобода? Зарем можеше таа гаранција на паралелен чекор со браќата во Република Македонија за остварувањето успеси и вградувањето во подемот на националната афирмација да биде само миг на времето?!
Дури и во положба на најтешкото искушение не требаше тоа да се очекува.
Денес сме сведоци на честите напади и негирање на се’ што е македонско од страна на бугарскиот печат, бугарските радио-предаватели и други огласни средства. Тоа значи за еден релативно краток период имаме две различни гледишта спрема Македонија од страна на една иста државна политика.
Немаше да биде чудно ако денешните бугарски раководители ги негираат остварените придобивки на Револуцијата и идејата на Георги Димитров, но напротив, тие гордо и поносно се декларираат за негови следбеници и истомисленици!!! Нели е апсурд на една иста политика во исто општество од признавање да се оди постепено кон негирање. Се отиде толку далеку дури до оспорување на постоењето на СР Македонија, а во делот на Бугарија, во антимакедонската кампања да престанат со работа македонските училишта, како што и македонсните организации една по една нечујно престануваа да функционираат, а во личните карти да бидат избришани националните легитимирања?!
Некогашните пак експонирани непријатели на народната власт на Бугарија на чело со Ванчо Михајлов и неговото црковно крило, раководено од протераниот владика Андреа Велички „во одделни публинации и информативни органи на денешна Бугарија да добијат третман на поборници на „б”лгарштината“ само затоа што беа отворени непријатели на македонсниот народ, кои со средства на терор и уништување ја спроведуваа асимилаторската политика на бугарскиот шовинизам и хегемонизам.
 
ВЕРУВАМЕ ДЕКА ЌЕ ПОБЕДИ ЗДРАВИОТ РАЗУМ
 
Таквите акции најдоа бучен одзив и беа акламирани од вековните непријатели не само на македонскиот, но и на бугарскиот народ. Тоа пак, се повеќе го зголемува чудењето пред искреното разбирање на обидите за свесно и несвесно негирање на еден народ, чија изборена стварност е: државност, јазик, култура и слично, што градат подем на ненарушив браник пред сите видови на посегнување на македонската самобитност, незадршливо го афирмираат.
Истапот, пак, на Људмила Живкова во Благоевград и потпишаната декларација со Грција и другите слични на нив спогодби, не само што го потврдуваат фактот на тенденциозно негирање на постоењето на македонската нација, но и поттикнуваат верување дека не се совпаѓаат со вистинското мислење на чесниот народ во Бугарија, кое бесмислено зборува дека е без одобрение на тој народ. Притоа, узурпирано е нивното право на слободното искажување по прашањето на националното право на Македонците во Бугарија.
Ние веруваме дена ќе победи здравиот разум и се надеваме дека денешната влада на Бугарија ќе го ревидира својот став спрема националното прашање и дека ќе бидеме сведоци на остварувањето поволни услови за слободен и национален развиток на Македонците и во НР Бугарија што ќе биде предуслов за национална слобода и афирмација на сите Македонци“.
 
Архив, Илустрирано списание на Матицата на иселениците од Македонија, „Македонија“, бр. 276, април 1976
error: Content is protected !!