Skip to content

Во Градска библиотека „Браќа Миладиновци“

Разговор со Игор Станојоски автор на „Диссомнии“

314409363_117515077814611_9202749352733400835_n

07.11.2022

Вечерва (19 часот) во спомен собата „Т’га за југ“ во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ќе се одржи средба на читателите со Игор Станојоски, автор на романот „Диссомнии“. Средбата која е насловена „Разговор со …“ е во рамките на кампањата на градската библиотека „Читаме современи македонски автори“. Кампањата започна во септември со книгата „Сфинга на гневот“ од авторот Жарко Кујунџиски, во октомври продолжи со „Девет приказни за госпоѓица Сит “ од Билјана С. Црвенковска, а ноември е за романот „Диссомнии“ и авторот Игор Станојоски. Разговорот ќе го води книжевната критичарка и новинарка Александра Јуруковска, а фрагменти од „Диссомнии“ ќе чита актерот Андреј Серафимовски.
Диссомнии е сижејно комплексен роман со исклучително непредвидлив тек на раскажаните настани. Дејството е со многу пресврти и содржи елементи на трилер, хорор и психолошки роман. Читателот од самиот почеток ужива во сите раскажувачки нишки, но оставен е до пред самиот крај да се прашува каде води сето тоа и со што ќе резултираат сите елементи на личната и семејната драма на раскажувачот, изненадувачки испреплетени со колективната драма предизвикана од општествени немири.
Игор Станојоски е македонски лингвист и романсиер. Роден е во Копенхаген во 1979 година. Дипломирал на Филолошкиот факултет во Скопје. Работел на универзитетите во Лавов (Украина), Катовице (Полска), Брно (Чешка). Докторирал на Институтот за словенска филологија во Сосновјец (Полска). Во моментов работи како вонреден професор на Филолошкиот факултет во Штип. Автор и на дваесетина преводи на романи од рускиот, чешкиот, словачкиот и украинскиот јазик, како и на два препеви на стихозбирки. Автор е на романите Гаргара (2014), Првиот универзитетски ден на мојата ќерка (2016) и Диссомнии (2017).
error: Content is protected !!