Во Градска библиотека во Скопје
Проекција на филмот „Бела Книга-женско писмо“
05.05.2023
Денес со почеток во 12 часот, во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје премиерно ќе биде прикажан едукативно-документарниот филм „Бела книга– женско писмо“ на авторката Снежана Младеновска Анѓелков. Проекцијата на филмот е дел од активностите на библиотеката за одбележувањето на 5 Мај – Денот на македонскиот јазик.
Колку авторките биле дел од канонот на македонската литература? Колку таа категорија се променила со текот на времето? Каква е улогата на писателките во рамките на актуелната македонската книжевна сцена? Колку се читани и почитувани? Дали нивните дела се дел од образовниот систем и лектирните изданија?
Снежана Младеновска Анѓелков, авторка на документарниот филм, и самата писателка и добитничка на наградата „Роман на годината“, разговара со дел од актуелните македонски писателки на овие теми, отворајќи простор за нови размислувања околу женското писмо и сите негови специфики кое тоа со себе ги носи и ги негува. Во филмот учествуваат: Лидија Димковска, Лилјана Пандева, Фросина Пармаковска, Снежана Стојчевска, Калина Малеска, Виолета Танчева-Златева, Николина Андова Шопова и Соња Стојменска-Елзесер.
Овој филм, во соработка со професорките по македонски јазик и литература, ќе биде прикажан во рамките на наставата во неколку средни училишта во Скопје, со цел да им ја доближи литературата на македонските авторки на учениците од трета и четврта година, запознавајќи ги со делата на актуелните домашни писателки, истовремено извршувајќи едукативна функција, но и поттикнувачка размисла за инкорпорирање на нивните книги во наставниот процес во образованието.