Промоција во Музејот на македонска борба
„Презимето кај Македонците“ од д-р Елка Јачева Улчар
14.06.2023
Во понеделникот во Музејот на македонската борба за самостојност беше промовирано најновата книга студија на проф. д-р Елка Јачева Улчар, „Презимето кај Македонците“, во издание на Менора. Делото го промовираа Игор Радев, Александра Чиварзина и Катерина Тодороска.
Во музичкиот дел на промоцијата настапија Иван Наумовски – бас баритон, во пијано придружба на Елена Атанасовска-Ивановска, со композициите на Дарија Андовска, испирирани од 3 македонски песни. Модератор на настанот беше Татјана Алексиќ.
-Книгата претставува сублимат од одговори на прашања кои самата сум си ги поставувала себеси во одделни статии во последниве десетина години, но и одговор на низа прашања што ми ги поставуваат пријателите и познајниците кога ќе разберат со што се занимавам во Институтот за македонски јазик веќе 16 години. Тие прашања најчесто се движат од најлесни (на пример, за тоа како се пишува додаденото венчално презиме кон моминското, со цртичка или без?) до такви прашања за кои не само јас, туку и целата општо-словенска ономастика не дала одговор кога, на пример се работи за некое презиме во кое е вложена семантички сосема непроѕирна основа, вели Елка Јачева Улчар.
„Немам зборови за да го опишам ова чувство на исполнетост и радост што толку долго планираната вечер со Дарија, со која уште пред две години имавме во план да направиме една вечер што ќе фршти од македонизам, без флоскули и пароли, туку длабоко знаен и почувствуван – конечно ни се оствари. Беше тоа вечер во која се собравме на едно место сите добри и чесни Македонци за да ги славиме Македонија и македонскиот јазик! ВЕЧНИ ДА СЕ!“, напиша Јачева Улчар на својот ФБ профил по промоцијата.
Етномузикологот Велика Стојкова Серафимовска за промоцијата напиша: „Прекрасна промоција на книгата „Презимето кај Македонците“ од мојата драга и секогаш своја и инспиративна пријателка, колешка и соборец за македонските работи проф. д-р Елка Јачева Улчар. Книга која „од далеку мириса на Македонија“, „новото чедо на Македонија”, книга која ќе влезе во антологијата на македонската ономастика. Дополнето со прекрасната изведба на трите композиции на, исто така, мојата прекрасна и најмила пријателка, колешка и соборка проф. Дарија Андовска, избраната публика дишеше со македонството, за нашата Македонија. Честитки и нека се множат убави дела!
Убава е културата, вдахнува македонската наука и уметност, бидејќи тоа е нашиот македонски идентитет”.