Пред споменикот на македонските великани
По повод Денот на востанието на македонскиот народ 11 Октомври, на 11 Октомври во Титов Велес се одржа величествен народен собир. Во присуство на Ангел Чемерски, Лазар Мојсов, Гупчо Арсов, Благоја Талески, Благој Попов, Крсте Марковски, Филип Брајковски и други истакнати општествено-политички раководители од Републиката, пред неколку илјади титоввелешани и гости од други градови, на митингот зборуваше Коста Наѓ, претседател на Сојузниот одбор на Сојузот на здруженијата на борците од НОВ на Југославија.
Подолу донесуваме делови од неговиот говор:
Тука, пред овој меморијален споменик, каде дојдовме да ја изразиме достојната преданост на борбата на паднатите великани на авангардата на работничката класа и на првоборците на македонскиот народ, рече Коста Наѓ, вистините на нашата борба и вистините на нашата слобода, вистините за автентичноста на нашата револуција и самоуправноста на нашата револуција и самоуправноста на националното битие на македонскиот народ, доаѓаат уште посилно до израз и имаат посебно значење.
Самонаречени ослободители
Од пред илјада години, од времето кога древниот, Филиповиот Вилазор стана Велес, на оваа почва се судираат интересите, на овој простор се граничат меѓите на царствата, тука постојано се бие битка за опстанокот на македонското име и на македонскиот збор.
Оттогаш постојано се јавуваат вооружени идеолози на туѓите интереси, самоповиканите ослободители. Низ ова подрачје, во срцето на Македонија, крстосуваат врховистичките чети, српските комити или грчките андарти, кои со меч, огин, пушка и бесилка ги убедуваат Mакедонците дека не се Македонци. Определувањето на македонскиот народ за социјализам и за заедништво во рамноправност со другите народи и народности на Југославија, определувањето за Титовиот пат, на многумина им пречи исто толку колку што им пречи и самото македонско име, ако не и повеќе.
Ете, и великаните на македонскиот народ лежат тука како пример и поука за тоа што беа, што сакаа да бидат Македонци по секоја цена.
Во овој град со богата историја, слава и непокорност, на овие брегови на Вардар, бугарските окупатори ги обесија и стрелаа Димче Мирчев и Благоја Страчков, народни херои, и браќата Кошулчеви – Санде, Владо и Коле и семејството Капчеви и Мицко Козар, и Благоја Ѓорев и Нонча Камишова, и Шефки Сали, и Мустафа Беџет, и Јовче Чучук, и Богдан Каракостов, и Трајче Петкановски, и многу други, и не само тие, чии коски лежат во оваа костурница.
Тука бугарските окупатори, откако влегоа со германските тенкови во Македонија – сe’ додека во 1944 година не беа конечно поразени од оружјето на македонските борци – тие осудија на илјада и сто години тежок затвор повеќе стотици Македонци затоа што беа Македонци.
Тие тука затвораа и мачеа илјади Македонци, затоа што знаеја и сакаа да зборуваат само македонски. Оттука, во разните нацистички логори на смртта беа испратени 9.740 Македонци, затоа што тие Македонци го гледаа својот опстанок и смислата на тој опстанок само во својата слободна Македонија.
Осуда на минатото
Кога денес тука ги полагаме венците и кога го искажуваме заветеното определување на паднатите другари, дека Ќе останеме комунистички доследни и единствени во борбата за целите за кои паднаа нашите другари, секако дека би сакале барем сегашните генерации на тој народ, чија војска тука убиваше и тероризираше да бидат со нас и да се поклонат на сените на убиените.
Заблудите и грешките од минатото, како и националистичкиот хегемонизам на бугарските окупатори не би требале да бидат пречка сегашните генерации да не воспостават мост на пријателство. Само, бескомпромисната и заедничка осуда на таквата политика од минатото отвора перспектива за добри односи и за сестрана соработка на народот на Македонија и на сите други народи и народности на Југославија со бугарскиот народ.
Ако македонскиот народ и сите народи на Југославија во својата слобода се толку силни и толку интернационални во самоприпадноста да сфатат дека бугарските окупатори, всушност, биле неслободни, дека самите биле оружје во рацете на хитлеровските хорди, тогаш тоа би требало да го сфатат и нашите соседи. Срамот, поради минатото, поради злосторствата од тоа минато не би смеело да биде пречка за добрите односи во сегашноста.
За жал, денес има и такви кои, со превртувањето на историските факти, со извлекувањето на аспаруховските митови, ја толкуваат Македонија како своја опашка и ги убедуваат Македонците дека имаат немакедонски етнички карактер, дека имаат туѓа историја, дека се туѓо битие.
Со несреќното совпаѓање на околности, денес сме во ситуацијата, дури и во земјите чии раководства се колнат во пролетерскиот интренационализам и во класната свест, да имаме национални малцинства, на кои не им се признава сопственото национално битие, ниту правото на име и јазик, истакна во својата реч Коста Наѓ.
Илустрирано списание на Матицата на иселениците од Македонија, „Македонија“, бр.319, Ноември 1979