Skip to content

Од фолклорната ризница

“ПРЕД БОЖИЌ ЗАД БОЖИЌ КАЈ ДА СИ ДОМА ДА СИ

“ПРЕД БОЖИЌ ЗАД БОЖИЌ КАЈ ДА СИ ДОМА ДА СИ

05.01.2023

Празниците Бадник и Божик 6 и 7 јануари (односно 24 и 25 декември по стар стил) имаат значајно место во животот на македонскиот човек. На овие празници поврзани со денот на Христовото раѓање се изведуваат богати и разновидни обичаи и песни кои што се остаток од едно одамна минато време. Некои од овие обичаи се исчезнати и ние денес за нив знаеме од разни весници, списанија и други публикации каде што ги објавувале вредните собирачи на македонски фолклорни и етнографски материјали. Во таа смисла тие претставуваат и сведоштво за едно неповратно минато време.

Истражувачите на овие обичаи најчесто истакнуваат дека во почеткот Коледе бил празник поврзан со враќањето на сонцето од јужните напоредници, со раѓањето на новото сонце што значело и раѓање или обнова на животот. Подоцна христијанската црква овој ден го поврзала со Христовото раѓање. На прекорот дека Христијаните започнале да го празнуваат денот на сонцето исто како и паганите Свети Августин одговарал: „Ние го празнуваме не како неверниците поради сонцето, туку поради оној што го создал сонцето!

КОЛЕДЕ, ЛЕДЕ

И денес како и во минатото и во селата и во градовите во сите краишта на Македонија помали или поголеми групи деца одат по Коледе. Посетувајќи ги куќите пеат пригодни коледарски песни поради што добиваат подароци како костени, ореви, јаболка, пари и др. Една од популарните песни што се пее во оваа прилика „Коледе, леде“ ја наоѓаме објавена во публикација „Книжици за прочит“ во 1893 година запишана од велешкиот Ѓошо Бојаџиев.

Коледе леде!

Паднало, греде,

утепало деде.

Дедо се мачи,

баба го квачи,

со четир јајца.

Гусќини, гусќини!

О, о, коледе!

Во овие песни кои што немаат развиена мелодија, како што е случај со другите лирски песни туку се скандираат со карактеристични извици на почетокот и крајот, се најавува и доаѓањето на Божик, еден од најголемите Христијански празници, денот кога се прославува раѓањето на Исус Христос. Таков е случајот и со следнава песничка забележана од Марко Цепенков.

 Збирајте се дечиња,

сред село на грејачка,

огон да си палиме,

за да се изгреиме,

оти после ќе одиме

Коледе да викаме

костење да збираме

за Бадник да јадиме,

Божик да го чекаме,

и прасе да јадиме.

 БАДНИК – БУДНИК

Широко распространет обичај во Македонја е и горењето дрво пењушка наречена Бадник или Бадникојца. Во некои краишта пењушката што се става на оганот е од даб, во други од смрека, а Стефан Тановиќ забележал дека во Гевгелиско таа била од круша горница (дива круша) зашто се сметало дека таа е најродна, раѓа секоја година. Тоа се правело за да биде и годината родна. Таа ноќ како што запишал и Кузман Шапкарев „сите домашни луѓе не заспиваат туку преноќеваат будни, та од тоа се гледа дека таа ноќ е наречена: „Бадник-будник“. И многумина други истражувачи на овие обичаи сметаат дека името на овој ден Бадник доаѓа од бдеењето (будноста) покрај овој обреден оган. К. Шапкарев уште забележал дека во Скопје кога оваа пенушка „ќе приближи на догорување, ги истеруваат машките деца надвор, а остануваат само женските за да видат само тие кога ќе догори. Тоа значело: да се раѓааат се женски од живата стока на домаќинот, т.е. јагниња, телиња, кози и сл!“ Во зборникот на браќата Миладиновци среќаваме податок дека во Кукуш од пенушката оставале едно парче „кое вардат до другата година, за да потпалат огнот во истиот вечер“, а во Воден „това парче закопват в лозје, за да се сторит лозјето црно“. Во Дебарско според записите на Васил Икономов, исто така, внимавале „да остане едно парче недогорена гламна кое што секоја вечер од Божикот до Богојавление се подгорува и се угаснува со вино-за зачувување од повреда на домашниот ситен добиток“.

 КРАВАЈЧЕТО

На Бадник во секоја куќа се меси кравајче во кое се става сребрена пара. Вечерта кога ќе седнат за вечера домаќинот откако ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата го крши кравајчето на толку делови колку што има членови семејството оставајки уште по еден дел за Бога и за куќата. Во Скопско, како што забележала Вера Кличкова домаќинот го раскршувал кравајчето „на онолку парчиња колку што се членови во домаќинството, наменувајќи уште по едно парче за куќата, за добитокот, за полето и за дедо Божика“. Оној што ќе најде парата се смета за најсреќен. Потоа ја ставал во грне или чаша со вино од која пиеле сите за среќа и здравје. Парата ја земал тој што ја нашол или му ја давал на домаќинот за што добивал подароци.

Интересен обичај што се изведувал овој ден е колењето или сечењето на разни живи суштества, предмети растенија и сл. Имено домаќинката со секирата замавнувала трипати кон кокошарниот велејќи: „Што да сечам кокошките, или што?“, на тоа жената што ја придржувала одговарала“. Не сечи ги кокошките, ќе несат јајца, ќе квачат, ќе ни се ведат пилци“. Потоа овој обичај се повторувал кај бочвите, амбарите, улиштата, родните дрвца и др. Овој обичај се правел и со луѓето особено со болните со желба тие да оздрават.

ДОБРОДУШЕН СТАРЕЦ

Божик, денот на Христовото раѓање за македонскиот народ е еден од најголемите празници. Песните и обичаите што се изведуваат на овој ден всушност претставуваат продолжение на претходните обичаи и песни поврзани со Бадник. И песните поврзани со Божик исто како оние со Бадник ја содржат радоста поради повторното раѓање на сонцето и желба за плодна година. Сепак во однос на претходните коледарски песни, особено во однос на оние што се исполнуваат покрај коледарскиот оган и во кој доминираат вулгарни содржини во песните што се пеат на Божиќ среќаваме повеќе елементи од христијанската религија.

Што е бело на планина,

на планина на рудина,

ал е грутка снегоита,

ал е пиле лебедово?

Ни е грутка снегоита,

ни е пиле лебедово,

тук ми била Ристовата,

Ристовата мила мајка.

Го извела Риста Бога,

Риста Бога малечкаго,

го извела на планина,

на планина на рудина.

Се собрале се овчари,

се овчари, се козари,

искршиле кавалите,

запалиле силен оган,

огреале Риста Бога,

Риста Бога малечкаго.

Во Гевгелиско на децата Божиќ им бил претставуван како благ и добродушен старец со бела коса и брада, наметнат со кожув, на криво (сакато) магаре. На децата им се кажува дека доаѓа од далеку и неговото доаѓање се очекува со нетрпение за да започне празнувањето. Според верувањето во скопската котлина пак, Божик и Велигден биле двајца браќа, Божик постар добродушен домаќин, а Велигден помлад мно”гу дотеран и фодул – многу горд.

КОЛЕДЕ, КОЛЕДЕ…

Според легендата жената што го родила бога Божика (Света Богородица) била исправена од светијата – врховниот бог кој живеел во манастир како калуѓер. Од него таа била испратена в гора по некоја работа. Бидејќи до вечерта не можела да се врати назад поради многу лошо време – снежните виулици и големиот снег, останала да преноќева во некое засолниште – пештера. Тука и се родило детето Божик. Бидејќи немала со што да ја завие својата рожба, почнала да плаче и да се туфка. Се плашела да не и измрзне детето од студ и да не и го примат светиите-калуѓерите за анѓелче. Во тоа време надвор некое овчарче свирело со шупелче. Богородица го замолила да и го даде торбето со храната и опутите од опинците. Детето и го дало и таа го завиткала во торбето и го врзала со опутите. Утрото се вратила во манастирот и раскажала што и се случило. На тоа светиите и рекле: „Ако се родило детето, ќе ти биде анѓелче, а неговиот ден ќе се слави Божик“. Неколку деца испратиле на овчарчето да му го вратат торбето и опутите, а по пат да кажуваат дека се родил Божик и декае дојден денот да се весели народот. Оттогаш децата одат пеејќи песни за раѓањето на Божик: „Коледе, коледе из година коледе, до година повесело“.

Божик се празнува три дена. Првиот ден рано наутро се оди во црква на причесна. Сите три дена се прават богати гозби, со многу веселби и песни, а попладнето се оди на оро. Божик е придружен со многу други обичаи, песни и верувања, а со овој ден започнува и периодот од 12-те т.н. Некрстени денови што трае до Свети Јован Крстител. Во народот е популарна и поговорката: „Пред Божик, зад Божик, кај да си дома да си“.

Д-р Марко Китевски

Архив, Илустрирано списание на Матица на иселениците од Македонија, „Македонија“, бр. 488, декември 1993

error: Content is protected !!