Skip to content
Официјално барање од Македонското друштво „Илинден“ до УКИМ и МСМЈЛК

Повторно да се отвори лекторатот по македонски јазик во Тирана

318112542_127057806860338_1222200936161829813_n

07.12.2022

Лекторат по македонски јазик на Универзитетот во Тирана, веќе е повеќе од потребен. Не само заради големиот интерес за македонистиката од страна на новите генерации на македонската заедница којашто е втора по бројност меѓу малцинствата во Албанија, туку и за да се овозможи сите студенти што студираат филологија во Тирана да можат да го изучуваат и македонскиот јазик. Овој лекторат би бил клучен за унапредување на културните врски меѓу двата народа и двете држави, за развивањето на добрососедските односи и за градењето нови мостови на соработка меѓу македонската и албанската академска научна средина.
Ова меѓу другото беше истакнато на состанокот меѓу директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и претседателот на македонското друштво „Илинден“ од Тирана, Никола Ѓурѓај. На состанокот, Ѓурѓај, до УКИМ достави и официјално барање од Друштвото, за реактивирање на Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици на Универзитетот во Тирана.
Како што беше нагласено на состанокот, покрај подготвеноста на УКИМ, за остварување на барањето е неопходен интерес и од страна на Универзитетот во Тирана и клучни се заложбите од институциите на нашата држава – најпрво дипломатски, а потем и заложби за обезбедување финансиски средства за функционирање на лекторатот. МСМЈЛК при УКИМ во рамките на своите надлежности, стоејќи зад определбата за зголемување на присуството на македонскиот јазик на странските универзитети, изразува решеност и подготвеност да ги обезбеди потребните материјали и стручноста кои би гарантирале успешна настава по македонски јазик, литература и култура. Но и да се заложи пред институциите, во поширок контекст да се сфати колку е важно и потребно и Универзитетот во Тирана да биде високообразовен центар на кој ќе се изучува македонистиката.
На состанокот беше разговарано и за досегашните состојби со македонистиката во Тирана. Во минатото, неколку години, на Универзитетот во Тирана функционирал Лекторат по македонски јазик, кој е потврда и за засведочениот интерес за македонистиката во албанската академска заедница. Но веќе повеќе години, за жал, на Универзитетот во Тирана, македонистиката воопшто не се изучува, а интересот за неа, како што нагласуваат од македонското друштво „Илинден“ е голем и забележлив и оттука, реактивирањето на Лекторатот, веќе се смета за неопходно.
Мојсова-Чепишевска и Ѓурѓај го споделија мислењето дека овој лекторат би придонел не само за присуството на македонистиката во албанската академска средина, туку и за содејство во развојот и на македонската и на албанската филологија, затоа што со добри познавачи на двата јазика во двете земји ќе може да се остварат и заеднички чекори во унапредувањето на балканистиката. Едновремено, како што беше напоменато, со работата на лекторатот би се отвориле перспективи за заеднички научноистражувачки проекти, но и за нови активности во областа на културата кои ќе овозможат нови синтези меѓу двата народа.
МСМЈЛК при УКИМ продолжува со активностите за остварување на својата мисија за развивање и афирмација на странската македонистика и со залагања за нови центри во светот на кои ќе се изучуваат македонскиот јазик, литература и кулура. Неодамна започнаа со работа Катедра и Лекторат по македонски јазик на Универзитетот на Анкара, а веќе се одвиваат активности и за отворање лекторат по македонски јазик во Пекинг. Во рамките на своите надлежности, МСМЈЛК при УКИМ ќе се заложи за остварување и на иницијативата за лекторат по македонски јазик во Тирана.
error: Content is protected !!