Skip to content

Објавен повик за субвенции на нови авиолинии

Објавен повик за субвенции на нови авиолинии

20.12.2022

Министерството за транспорт и врски го објави јавниот повик за финансиска поддршка за нови авиолинии за периодот 2023-2025 година. На повикот може да се изберат повеќе авиокомпании, а за 2023 година во буџетот се предвидени 1,1 милион евра за оваа намена.

Авиокомпаниите кои ќе се јават на огласот треба да поседуваат уверение за работа издадено од земја членка на Европската Унија во согласност со прописите за издавање уверение за работа на авиопревозници; да имаат превезено најмалку 10 милиони патници во 2019 година; да имаат остварено профит од минимум 25 милиони евра во 2019 година; да достават изјава заверена на нотар, дестинацијата за која добива финансиска поддршка од државата и по завршувањето на финансиската поддршка, да продолжи да ја оперира за период за кој ги добивал субвенциите. Во спротивно ќе биде должен да го врати целиот износ на средства што ги добил како финансиска поддршка.

Финансиската поддршка ќе изнесува 7 евра во денарска противвредност од патник во заминување превезен од Меѓународниот аеродром „Скопје“, 4,5 евра во денарска противвредност од патник во заминување превезен од аеродромот „Св. апостол Павле“ во Охрид.

error: Content is protected !!