Skip to content

„Нема да си сама“ на Горан Столевски австралиски кандидат за „Оскар“

Нема да си сама на Горан Столевски австралиски кандидат за Оскар

03.11.2022

Дебитантскиот долгометражен филм на австралиско – македонскиот режисер Горан Столевски „Нема да си сама“ е австралиски кандидат за најдобар странски филм за Оскар.

По сценарио на Столевски, дејството во филмот се случува во изолирано планинско село во Македонија во 19. век и следи млада вештерка која е оставена сама во шума. Љубопитна како е да се живее како човек, таа случајно убива селанка и го зема нејзиниот облик. Во филмот играат шведската актерка со холивудска кариера Номи Рапас, и македонските глумици Сара Климоска, Верица Недеска и Камка Тоциновски. Во продукција на „Козвеј филмс“ на Кристина Кијтон и Саманта Џенингс, се снимаше во Србија, а Македонија нема никава врска со филмот оти не доби поддршка на конкурсот на Агенцијата за филм.

„Нема да си сама“досега победи на фестивалот во Палм Спрингс (САД), а беше во конкуренција за награди на фестивалите „Санденс“ (САД) и Сиднеј (Австралија). Влијателниот филмски магазин „Варајети“ („Variety“) го смести филмот на Столевски меѓу десетте наслови што не треба да се пропуштат во 2022 година. Филмот на Столевски го затвори годинешното издание на фестивалот „Синедејс“ и имаше кинодистрибуција во Македонија.

 Столевски е роден во Македонија, но живее и работи на релација Австралија-Велика Британија. Тој веќе две децении живее во Австралија, каде има завршено студии и за филм и телевизија. И неговиот краток игран филм „Види ја ти неа“ забележа голем успех. Во него главната улога ја толкуваше Сара Климоска, кој ја освои наградата за најдобар интернационален краток филм на „Санденс“ во 2018 година.

error: Content is protected !!